Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

ЦЕЛ НА ПОВИКОТ

Целта на повикот е да ја истакне важната улога на наставникот за развојот на целокупното општество и да ја промовира наставничката професија како професија со голема одговорност за поттикнување соработка, соживот, разбирање и инклузија на ученици со различни можности, различно етничко, социоекономско, јазично и културно потекло. Намерата на овој повик е да се промовираат и наградат посветени поединци кои даваат немерлив придонес за развој на образованието и воспитанието на учениците и кои училницата ја претвораат во магично место за нови откритија, искуства и знаења и ги подготвуваат учениците за живот како активни граѓани во демократско општество.

КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ

Повикот е наменет за редовно вработени наставници од основните и средните државни училишта. Право на учество имаат наставници без разлика дали имаат неполн или полн фонд на часови во училиштето. На повикот ги поттикнуваме да се пријават наставниците кои преку различни активности придонесуваат во унапредувањето на воспитно-образовниот процес, со посебен фокус на поттикнување на критичко мислење, креативност, примена на наученото и развој на социјалните компетенции низ иновативна пракса и пристап во следново:

– Иновативна примена на постоечките или развој на нови методи и стратегии за учење и поучување;
– Креативна интеграција на содржини и предмети низ тематски и проектен пристап;
– Креирање на нови материјали, дидактички средства и/или ресурси за поучување и учење;
– Иновативни пристапи за формативно следење и проценување на напредокот на учениците;
– Користење на технологијата на иновативен и креативен начин во наставата;
– Ефикасни модели на партнерства со родители, потесната средина и други институции: музеи, библиотеки, факултети, домови на култура, граѓански организации и сл.

На повикот очекуваме пријави во следниве категории:

1) Успешен/-на наставник/-чка во одделенска настава
2) Успешен/-на наставник/-чка во предметна настава
3) Успешен/-на наставник/-чка во средно училиште

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР И НАГРАДЕН ФОНД

Комисија составена по предлог на Управниот одбор на ФООМ ќе одлучува по пристигнатите пријави врз основа на следните критериуми:

1. Иновативност и креативност – предложени нови идеи или комбинација на постоечки идеи во специфичен контекст. Иновативните идеи може да се предложат како осмислен пристап во надминување препреки во учењето и поучувањето, или подразбираат нови, оригинални идеи со кои се настојува да се постигнат што подобри резултати за секој ученик. Иновативноста може да се постигне и во осмислување на различни методи и стратегии за поучување, иновативна примена на познати методи и стратегии, креирање различни материјали за учење и поучување и други области. – максимум 40 поени

2. Придонес за учењето и развојот на учениците и можност за примена на праксата во други средини – предложените активности пред сѐ треба да придонесат за развојот и напредувањето на учениците, па во таа насока предложената пракса ќе се проценува и врз основа на тоа како и колку придонесува во вклучување на учениците во процесот на учење, развој на критичко мислење, решавање проблеми, колку придонесува во социјалната кохезија во училницата и пошироко, во развојот на вредносни, социјални компетенции и целокупен развој на личноста на ученикот. За проценка може да се вклучат податоци за следење на напредувањето на ученикот, рефлексија од реализирана пракса, но и опис на јасно дефинирани цели и задачи, добар опис на самата постапка, соодветни докази за ефикасноста и можноста за примена во други средини. – максимум 60 поени

Наставниците треба како доказ за реализирана активност да снимат видео материјал во траење од 5 до 7 минути со најважните аспекти на активноста. Видеата од наградените наставници ќе бидат презентирани на јавен настан во присуство на претставници од релевантните институции, колеги наставници/стручни соработници, родители и ученици. Највисоко рангираните наставници во рамки на повикот „Успешни наставници за добри наставни пракси“ ќе добијат награди во секоја од категориите во износ од 18.000 денари за прво, 15.000 денари за второ и 12.000 денари за трето место.

За училиштата во коишто работат наставниците и се реализираат активностите е предвидена набавка на дидактички средства и/или технички помагала за училиштето во износ од 50.000 денари за првонаградените, 40.000 денари за второнаградените и 30.000 денари за третонаградените.

НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Заинтересираните учесници за номинацијата се пријавуваат со:

– Пополнета е-пријава за повикот „Успешни наставници за добри наставни пракси“ во која се внесува и линк до YouTube каналот со снименото видео од реализирана активност со траење од најмногу 5-7 минути. Пријавата е достапна на следниов линк.

– Потврда од училиштето каде што наставниците се вработени да се испрати на е-адресаnastavnici@fosm.mk

Еден наставник може да учествува на повикот само со една пријава.

ФООМ не гарантира дека ќе може да ги прими и разгледа пријавите кои не се доставени на овој начин.

Со пријавување на повикот, авторите се согласуваат да го пренесат на организаторот на повикот правото на јавно изложување на делата, а авторите на наградените дела се согласуваат на организаторот на повикот да ги пренесат сите авторски и други права на користење на делата.

Прашања во врска со повикот се праќаат исклучиво по електронски пат најдоцна до 20 ноември 2018 г. на следнава е-адресаnastavnici@fosm.mk 

КРАЕН РОК за пријавување: 1 декември 2018г.

                                    
            

—————————————————

1 декември 2018