Фондацијата Отворено општество – Македонија објавува повик за грантови за поддршка на младински иницијативи
Областа за младинска ангажираност има за цел преку поддршка на граѓански организации да им овозможи на младите активно да одговорат на сите видови поделби во општеството и да се спротивстават на моделите коишто ја маргинализираат нивната улога.
Целта на повикот е да додели средства на младински организации за проектни идеи во две целини и тоа за поддршка на организации коишто:
ЦЕЛИНА 1: поттикнуваат комуникација и интеракција помеѓу младите од различни региони во Македонија кои се припадници на различни заедници преку организирање кампови и програми за интер-културни активности за младите;
ЦЕЛИНА 2: користат иновативни алатки за идентификување говор на омраза, препознавање и ширење лажни вести и спинувани информации како и можности за справување со нив.
ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на повикот имаат регистрирани и активни граѓански организации коишто во својата програма имаат предвидено активности за млади и во коишто членството и активностите се приоритетно наменети за млади. Секоја организација има право да се пријави само на една целина од повикот со еден предлог проект.
НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Граѓанската организација конкурира со:
1. Апликација за организации за барање проектна поддршка
2. За спроведување на активности од целина 1, организациите треба да предложат програма за камп/школа/програма за заеднички актинвости на младинци со јасно дефинирани цели, модули и исходи од секој модул како и опис на тоа кои пристапи, методологии и алатки на работа ќе се користат. Истовремено треба да се приложат листа на предвачи / обучувачи / фасилитатори со нивно CV(a).
Проектите треба да се реализираат во времетраење од најмногу 6 месеци со почеток од 01 јули 2018 г. и завршување најдоцна до 31 декември 2018 г.
Апликацијата за организации треба да се достави во 1 оригинален примерок и 3 копии, а сите останати документи се доставуваат во 1 примерок. Целокупната проектна документација треба да се достави во печатена форма и снимена на ЦД.
ФОНД ЗА ПОВИКОТ
Вкупниот фонд за поддршка во 2018 година е 65.000 УСД, а максималниот износ на грант за еден проект е 10.000 УСД.
КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР
Сите комплетни пријави испратени до крајниот рок за пријавување ќе бидат презентирани пред Комисијата за избор составена од Управниот одбор на ФООМ. Изборот ќе биде направен врз основа на следните критериуми:
- Технички пристап – (max. 60 поени)
– релевантност на потребите и прашањата што се опфатени во однос на целината за која е пријавен проектот, квалитет на предложените активности, активности ориентирани кон резултати2. Капацитети и искуство на организацијата – (max. 20 поени)
– релевантни искуства и резултати во слични области на вклучените организации, административни, финансиски и менаџерски капацитети на организацијата-носител на проектот - Предлог-буџет – (max.20 поени)
– рационалност на буџетот, јасна поврзаност на буџетските ставки со активностите
Во текот на процесот на оценување, ФООМ може да побара дополнителни информации од подносителот на пријавата за предлог-проектот или за носителот на апликацијата, коишто смета дека се потребни за завршување на оценувањето. Барањето дополнителни информации не подразбира дека истите ќе бидат или нема да бидат поддржани.
ФООМ исто така го задржува правото да не додели средства доколку процени дека проектите не ги исполнуваат очекуваните стандарди.
Пријавите се доставуваат исклучиво по пошта со краен рок 21 мај 2018 година и тоа како препорачана пратка при што е потребно на пликот да има печат од пошта со јасно читлив датум на испраќање. На пликот да биде јасно назначено за кој конкурс се доставува документацијата и за која целина.
АДРЕСА ЗА ИСПРАЌАЊЕ НА ДОКУМЕНТАЦИЈАТА:
Фондација Отворено општество – Македонија
За конкурсот за Младински инцијативи, Целина: __
Бул. Јане Сандански 111
ПФ 378
1000 Скопје
—————————————————
21 мај 2018