Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Автор: Христина Беловска

Изгледа неверојатно, но по пресудата за Сеад Кочан, камиони и други возила конфискувани од државата се возат по патиштата низ земјата, прават сообраќајни прекршоци, МВР пишува пријави. Изгледа сите располагаат со тој имот освен државата.

На 1 ноември 2019 година кај клучката Куманово полицијата запре возило марка „цитроен“ и  поведе прекршочна постапка и за возачот и за фирмата која го поседувала, затоа што се движело со неисправни светилки на задниот дел. Овој прекршок е навидум вообичаен, но деталите од прекршочната пријава упатуваат на нова афера поврзана со веќе пропаднатата фирма „Трансмет“.

Конфискуваниот имот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е зад решетки, не само што не го заврте бројчаникот на Порта Македонија туку и незаконски се вози по патиштата низ цела држава и го користат луѓе кои се поврзани со него. Тоа ноемвриско попладне „цитроенот“ го управувало лице кое работело во „Трансмет“, за што постојат пишани докази. Податоците од МВР упатуваат дека во последните две години полицијата дури 13 пати запрела и во записникот ги бележела возилата на „Трансмет“. На  4 декември 2020 година, кај маркетот „Кипер“ во Тетово бил сопрен шлепер марка „мерцедес“ со истечена сообраќајна дозвола, исто така некогашна сопственост на „Трансмет“, но и дел од листата конфискуван движен имот. 

Полицијата има стандарден полициски одговор на прашањето како се случува возила од конфискуван имот да се возат по патиштата. 

 „Против правното лице ’Трансмет‘ во текот на 2019-2020 година поднесени се четири барања за неважечка сообраќајна дозвола, три барања се за претовар на возилата, по две за технички неисправни возила и за неисполнување на пропишаните услови во однос на димензиите, вкупната маса и осното оптоварување (вонреден превоз), и по едно барање за управување на возило со несоодветна категорија и барање за изгубени, оштетени или уништени регистарски таблички“, е одговорот што го добивме од МВР.

Од пред четири години, освен државата никој друг не смеел да отуѓува и да располага со движниот имот, односно да ги регистрира и да ги вози возилата, а мерката важела и за недвижностите. Во мај 2017 г. Кривичниот суд носи одлука да го замрзне целиот имот по барање на некогашното Специјално јавно обвинителство кое за првпат прави т.н. бруто-конфискација. Предметот го водеа двајца обвинители, Артан Ајро и Гаврил Бубевски.

„Баравме таков тип конфискација поради фактот дека со фалсификат документација е добиена јавна набавка од којашто на сметката на ’Трансмет‘ се префрлени нешто помалку од 17 милиони евра, а содржината на таа документација претставува услов за да може да влезе во евалуација за тендер. Во тој момент осудениот ја немал механизацијата, а прикажал како да ја има. Ја купува по добивањето на тендерот од средствата од јавната набавка. Ова е класичен пример на принос од казниво дело“, вели Бубевски за ова истражување.

Пресудата ја потврдува и Апелација, но ја намали казната за Кочан од шест на четири години и осум месеци, а од 15 јули 2019  станува извршна, што значи дека државата може да почне да го продава или да го користи имотот на Кочан. Но тоа не се случува.

„Има 204 возила за кои сега се проверува дали се дадени под залог. Имаме сознанија дека 24 возила кои се со повисока вредност се заложени во неколку банки“, гласеше првата изјава на Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот на прес-конференција на 18 јули 2019 година.

Наместо конфискуваните милиони на Кочан да го вртат фамозниот бројчаник кој го најавуваше Зоран Заев, „вртеле“ неговите возила низ цела држава и никој нема информација како физички лица и фирми дошле до имот кој е замрзнат пред четири години.

„Немам претстава што се случува со возилата и целиот движен имот. Баравме да ги препишеме на име на Агенцијата, но сите беа под залог и Централен регистар нѐ одби, не можевме да ја префрлиме сопственоста и во МВР“, вели Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот.

Од МВР одговорија дека официјален допис за пренос на сопственоста од „Трансмет“ на име на Агенцијата не е пристигнат досега.

КАКО СЕ ЗАМОТА КЛОПЧЕТО

Сите конфискувани возила и механизација на „Трансмет“ според пресудата вределе 6,9 милиони евра, додека недвижниот имот вреднуван според парцели, станбени објекти „тежел“ 7,4 милиони евра. Но нема информација колкава е нивната вредност сега, затоа што не е направено вештачење. Она што е сигурно е дека пораснале каматите, бидејќи Кочан се задолжил во четири банки, кај познати странски, но и домашни компании, како на пример „Пуцко петрол“, кому му останал должен околу милион евра за нафта, па битката за преземање на имотот покрај државата ја водат и осуммина извршители. Една од нив, извршителката Весна Деловска, која ги застапува Шпаркасе и Комерцијална банка веќе обезбедила дел од возилата кои ги барала на паркинзите низ државата. Вкупниот главен долг кој очекува да го наплати изнесува 1,1 милиони евра. Во таа вредност заедно со еден стан, дел од бетонската база лоцирана на 5 километри до Блаце и триесетина подвижни предмети, влегуваат и натрупани камати.

„Имам обезбедено четири камиони и валјак, ги најдов на плацот во Блаце. Сега вредноста на камионот, според овластената процена која ја направив, чини два милиона денари помалку. Во моментот кога јас ги добивам предметите за извршување од ’Трансмет‘ се води судската постапка. Кредитите се земени во 2013 година и тоа е сѐ нотарски заверено“, изјави извршителката Деловска за ова истражување.

За овој имот Агенцијата поднесува тужба до Граѓанскиот суд во Скопје за да покаже „посилно“ право на сопственост и бара поништување на хипотеките. Во март 2021 г. се вклучува и Државното правобранителство со тужба за главно вмешување за да може директно да ги застапува интересите на  државата. Двата процеса ги води судијката Велјанка Доневски, која следното рочиште го закажа во јуни. Но овие предмети не се за целата конфискувана сума од 17 милиони евра, туку само за еден дел од имотот, вреден 185 илјади евра. Останатиот дел допрва ќе се обезбедува, по речиси две години откако е добиена пресудата. Агенцијата во координација со Правобранителство најавија барање за помош од Владата.

Истрагата на Специјалното обвинителство, популарно наречена „Труст“,  во февруари 2017 година ја најави пропаста на бизнисменот Сеад Кочан и неговиот градежен бизнис кој цветаше во времето на владеење на Никола Груевски. Официјалното пропаѓање беше означено со  отворањето на стечајната постапка во септември 2019 година. Случајот „Трансмет“ завршува во раце на стечајниот управник Богољуб Макревски, на чија адреса пристигнуваат информациите од полицијата дека некој незаконски ги вози камионите и автомобилите. Во изминатите две години Макревски е повикан на суд во Куманово, Кавадарци, Свети Николе и Тетово.

„Сообраќајната полиција и инспекцијата за транспорт ме известуваа за секое возило на ’Трансмет‘, но јас немам надлежност за возилата, а и за ништо од имотот, бидејќи е конфискуван и не можам да формирам стечајна маса“, ни изјави Макревски. Иако имотот на „Трансмет“ е конфискуван, по отворањето на стечајот Макревски ја информира поранешната управителка на градежната фирма, Славица Георгиева, и бара да му бидат предадени целокупната документација, печатот и штембилот, па и сѐ она што е конфискувано. На 9 јануари 2020 година судијката Снежана Таневски наложува во рок од пет дена да му се предадат бараните предмети и целосната документација на  Макревски од „Трансмет“.

Во врска со дилемите околу предноста кој за што има право да наплати, се случува средба меѓу стечајниот управник, претставниците од Агенцијата и судијката Лидија Зимбовска која ја изрече пресудата, и таа инсистира предност во однос на имотот да има државата – како што гласи и пресудата. Но и покрај тие средби, играњето пинг-понг со надлежностите и обезбедувањето на движниот имот останува нерасчистено. Како за целиот случај, така и во содржината на писмата кои надлежните си ги праќале меѓу себе има контрадикторности. Во еден допис од Агенцијата до „Трансмет“, од март 2020 година, вработените во Агенцијата за одземен имот предупредуваат дека имало  договор стечајниот управник да ги лоцира возилата и да почне преземањето и сместувањето. Но, од друга страна, пишува:

„Нема никаков договор ни доставен правен акт со стечајниот управник Богољуб Макревски да има добиено одобрение од наша страна да управува со имотот, се оградуваме ние како институција… сопственоста на сите недвижности и управувањето на сите подвижни предмети е во наша надлежност и вие имате забрана да вршите предавање на имотот и негово отуѓување“, пишува во дописот на Агенцијата.

Кај стечајниот управник на „Трансмет“ досега се појавиле 272 доверители, кои исто како и државата чекаат да си ги наплатат долговите. Дел од нив се оспорени, како што е градежната фирма „Трибеко“ која се поврзува со соработници на Кочан. Со секој поминат ден каматите на доверителите растат, па 17 милиони евра кои Кочан ги стекнал со лажна документација на тендерот за ископ на јаглен и јаловина во Суводол, сега се всушност 30 милиони евра побарани долгови.

Недвижниот имот кој опфаќа ливади, асфалтна база, плацови, станови е препишан на име на Агенцијата за управување со одземен имот, но хипотеките остануваат во прегледот од Катастар. Возниот градежен парк од кој сите се оградуваат и не знаат каде е, а според документите всушност го бараат, е предмет на истрага и во Министерството за внатрешни работи. Од април оваа година СВР Скопје постапува по пријава на стечајниот управник Макревски. Според неговите сознанија напишани во пријавата, 85 транспортни возила работат на градежни активности при изградбата на автопатот Кичево – Охрид и на патиштата Штип –Кочани, Штип – Радовиш, Рудник Бучим.

„И покрај тоа што Агенцијата за управување со одземен имот била должна конфискацијата да ја изврши во рок од 30 дена по правосилност на пресудата, тоа го сторила со недвижниот имот, а подвижниот имот – опрема и транспортни средства формално ги презела, но физички оставила трети лица неосновано да стопанисуваат со него“, наведува стечајниот управник.

Дента кога е изречена времената мерка со која Кривичниот суд забранил да се отуѓува имотот на „Трансмет“, оваа компанија аплицира за да добие А-интегрирана еколошка дозвола за асфалтната база во село Попоец, Кичевско, но е одбиена. Иако имотот е под мраз четири месеци, „Трансмет“ на интернет оглас за вработување бара помошник-механичар.

Сеад Кочан е затвореник во „Идризово“ од 1 август 2019 година, но неговото семејство и соработниците во меѓувреме основаат неколку фирми и остануваат во градежниот бизнис.

НЕУСПЕШНИТЕ КОНФИСКАЦИИ И ДОВЕРБАТА ВО ПРАВНАТА ДРЖАВА

Случајот со имотот на Сеад Кочан покажува дека наспроти правната логика, законите или секој си ги чита како што му одговара или се полни со дупки кои сите други ги ползуваат пред државата. Но се и опасен терен за играње со довербата од граѓаните и подеднакво ризичен за поттикнување на корупцијата како домино-ефект.  Насекаде, не само во Македонија, смислата на конфискацијата е иста. Незаконски стекнатата имотна корист не ја задржува сторителот, вели за ова истражување професорката од Катедрата за казнено право на Правниот факултет во Загреб, Сунчана Роксандиќ.

„Спречувањето на овие  кривични дела нема смисла доколку нелегалната имотна корист не е конфискувана и замрзната во кривичната постапка. Така, според мене, целта на казната нема да се реализира во целост дури и ако на крајот сторителот се прогласи за виновен, а притоа ја задржи незаконски стекнатата имотна корист“, вели професорката Роксандиќ.

Претседателката на „Транспаренси Македонија“, Слаѓана Тасева, која е и експерт за мерката конфискација на имот, смета дека во современите демократски системи ефикасноста во борбата против корупцијата се изразува со вредноста на конфискувани криминални приноси. А тоа не е за пофалба во нашата држава.

„Процентот на реализирани конфискации кај нас е многу мал, речиси незначителен. Се појавуваат многу проблеми кои оставаат впечаток на лош систем и неподготвеност. Тоа придонесува граѓаните да ја губат довербата во вистинската волја на државата да се справи со криминалот. Се создава впечаток на недопирливост и заштита по пат на корупција“, вели Тасева.

Историјата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур бележи случај во кој е оправдана конфискација на нелегално стекнат имот и без кривична постапка, а притоа се констатира дека не е повреден Протоколот 1, или правото на сопственост. Серго Гогитџе за граѓаните од Аџарија (автономен регион во Грузија) ќе остане запаметен како функционер кој ги крадел и измамил за да си го зголеми имотот, но и пример дека сѐ што ќе се стекне незаконски ќе биде вратено на народот. Како поранешен заменик-министер за внатрешни работи и своевремено претседател на Заводот за ревизија во Аџарија, Серго Гогитџе на свое име, но и на неговите два сина и братот успеал да се стекне со имот вреден 450 илјади евра. Постапката против него ја отпочнува  јавен обвинител во 2004 година пред Врховниот суд, со обвинување дека платата што ја имал Гогиџе за време на неговите две функции од 1994 до 2004 година не е доволна за да се зголеми неговиот личен имот. Ниту на неговите синови и братот. Обвинителот со документација, која вклучувала и вештачење на двајца независни ревизори, докажал дека поранешниот функционер Гогитџе заработил  1.644 и 6.023 евра како службени плати од двете позиции во Владата, а имотот бил екстремно повисок од овие суми, или околу 450.000 евра. Во  списокот на конфискуван имот имало седум куќи, станови, удел во хотел, автомобил „мерцедес“. Врховниот суд во Аџарија носи одлука која не завршува во корист на Гогитџе и членовите на неговото семејство, по што  се конфискува спорниот имот. Случајот ги исцрпува сите судски скалила и во 2005-та година завршува во Стразбур, по жалба на Гогитџе и неговото семејство.

„Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање во својот имот. Никој не смее да биде лишен од својата сопственост освен во јавен интерес и под услов предвидени со закон и општите принципи на меѓународното право“, гласи членот 1 од Протоколот бр. 1.

Анализирајќи ги жалбите, судот во Стразбур во 2015 година носи одлука со која утврдува дека нема повреда на овој член од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, односно дека на Гогитџе не му било нарушено правото на мирно располагање со имотот. Европскиот суд за човекови права се сложува и со одлуката на грузискиот Уставен суд дека управната постапка за конфискација не била произволна, и дека државата има широка слобода да процени и да одбере на кој начин ќе се бори против криминалот.

ПОРАКИТЕ ОД ЕУ

Нашиот Кривичен законик предвидува дека никој не може да ја задржи непосредната и посредната имотна корист прибавена со кривично дело. Конфискација е процес на трајно одземање на имотот што сторителот го стекнал на незаконски начин. Меѓународната заедница има големи очекувања во делот на финансиските истраги поврзани со заплена на имот и конфискација понатаму во постапките.

„Во 2019 година конфискацијата на криминален имот беше ограничена на 21 лице. Таа вклучуваше конфискација на недвижен имот во три случаи. Конфискацијата на криминалниот имот треба да стане стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата. Алатките на земјата за замрзнување, управување и конфискување на криминално стекнатиот имот не се доволно ефективни. Потребна е систематска употреба на конфискација или проширена конфискација за ограничен список на кривични дела“, се вели во Извештајот за напредок на РСМ за 2019 година.

Низ призмата на популарно наречениот случај „Труст“ се доловува (не)подготвеноста на институциите и волјата за спроведување на една поголема конфискација, иако секоја од институциите и инволвираните во тој процес има свои аргументи за пречките. Но тие правни објаснувања можеби имаат логика во судскиот систем, додека за обичниот граѓанин изгледаат неразбирливо. Тој би сакал појасно да види како државата прави сѐ за да ги елиминира пречките. Затоа што ваквите случаи само ја јакнат перцепцијата, па и убедувањето, дека државата е немоќна или не сака да стори исклучителен напор за да ја задоволи правдата што сите ја очекуваат.

***

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.

—————————————————

1 јуни 2021