Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Автор: Миомир Серафиновиќ

Во Македонија има 40 лица кои издржуваат казна доживотен затвор. Тие се сместени во посебно крило во затворот „Идризово“. Имаат и одредени привилегии додека чекаат на вонредни правни лекови во Врховниот суд

Анте ми е познато лице. Првпат го видов во големата судница во Основниот суд во Кичево, пролетта 2005 година. Беше осуден за две убиства и едно силување, а судот и нему и на уште еден негов пријател им ја изрече најтешката пресуда – доживотен затвор. Кога ја слушнаа казната, и двајцата негодуваа, велеа дека се виновни само за смртта на старецот од Малкоец, за што и признале, но не и за убиство и силување на жената Митра Силјаноска.

Шеснаесет години подоцна Анте Ристоски е во „Идризово“ и покрај сериозните наоди дека доказите и ДНК анализата покажуваат дека е прогласен за виновен и за убиство кое не го сторил. Судијата кој му ја пресуди казната е во Комисијата за помилување на претседателот Стево Пендаровски.

Во февруари 2021 повторно се сретнав со него во затворот „Идризово“.

Од затворот излегол вкупно шест пати, секогаш со полициска придружба до судот во Охрид. По пресудената доживотна казна, поради земен а недовратен кредит, бил на шест рочишта затоа што не ги враќа парите за што банката сакала да наплати од жирантите. На крај, делото со невратениот кредит му застарело.

Но, доживотната казна му е важечка. Ристоски е еден од 40-те доживотни затвореници во најголемиот македонски затвор „Идризово“. Најголем дел од нив се сместени во таканареченото деветто крило во главната затворска зграда. Деветтото крило се наоѓа на последниот кат во големата зграда зад сини метални врати со мало прозорче кое чуварите може да го отвараат однадвор за да ги проверат затворениците со најдолги казни. Внатре имаат мала фитнес вежбалница, голема заедничка просторија и соби во кои се сместени од двајца до четворица. Разликата меѓу деветтото крило и остатокот од затворите низ Македонија е во тоа што на доживотните им е дозволено да имаат повеќе привилегии, на пример телевизори во собата, дозволени електрични апарати за да варат кафе и чај или фрижидери за да чуваат храна. Привилегиите им се доделени затоа што ги издржуваат своите казни до последен здив.

„Во деветтото крило во ’Идризово‘ живееме исто како фамилија. Колку можеме, си помагаме меѓу себе. Слога и сѐ е океј. Условите, колку што можеме сами од дома. Кој колку можел донел од дома“, вели Анте Ристоски.

Но кога го прашав дали зборуваат за она за што се осудени, за она што го сториле поради што завршиле со доживотни пресуди, Анте одговара со потивок глас:

„Многу ретко. Кога ќе се дојде на таа тема, расте вознемиреноста и нервозата. Тие разговори главно се кратки. Не чувствуваш добро кога некој те испрашува што и како се случило“.

ДВА ВИДА ЗЛОСТОРСТВО

Високите и немерливите во време казни им се изречени главно за два вида злосторства. Првото: убиства. Поголем дел од нив се осудени за едно ужасно, свирепо убиство, убиство на полицаец, но најчесто се виновни за повеќекратни убиства.

Второто злосторство за кое сега има сѐ повеќе доживотни затвореници е тероризам, во кој исто така има повеќе човечки жртви. Комбинацијата кривични дела убиство-тероризам во два различни предмети донесе уште доживотни затворски казни додека се подготвуваше оваа сторија.

На 26 февруари прилепчанецот Никола Петрески (52) е осуден на доживотен затвор поради двојно убиство, како и поради обиди за дополнителни две убиства. Меѓу жртвите е и неговата поранешна сопруга. Крвавите дела Петрески ги извршил во јануари 2020 година кога дошол на домашната врата на некогашната сопруга и пукал во четворица роднини. Петрески до правосилноста на пресудата или до сопствено барање за трансфер во затвор, останува во притворска единица во македонскиот систем за извршување на санкции.

Три дена претходно, во Скопје беа изречени три доживотни затворски казни во случајот познат како „Монструм“, односно „Смилковски масакр“. Ова беше второ судење за петкратното убиство извршено на 12 април 2012-та година, а во кое и обвинителството и судот видоа кривично дело тероризам. Од тројцата осудени, двајца (Алил Демири и Африм Исмаиловиќ) наместо во деветтото крило на „Идризово“ се во бегство во Косово. Третиот осуденик на доживотна робија во случајот „Монструм“ е Агим Исмаиловиќ, кој е во притвор во Истражниот затвор во Шутка и почнува постапка за жалба на првостепената пресуда. На првото судење сите 6-мина обвинети добија доживотни затворски казни, а сега од останатите тројца, Сами Љута е ослободен, додека Фејзи Азири (15 години) и Хаки Азири (9 години) се осудени не за тероризам, туку за „помагање на сторител по извршено кривично дело“.

Но бројката на оние кои ги издржуваат најдолгите казни не се зголемува постојано и не секогаш е еднаква со бројката на пресудени доживотни казни. Има многу што се во бегство, има и смртни случаи на овие затвореници зад решетките, но најчесто бројката оди назад кога второстепените судови или Врховниот суд ќе ги укинат овие пресуди или ќе ги преиначат во помали казни.

Во Кривичниот законик има вкупно 32 кривични дела за кои е предвидена најдолгата казна. Листата почнува со убиство, а за најголем дел од овие кривични дела е предвидена најтешката казна во случаи кога при извршувањето „некое лице со умисла е

лишено од живот“ (освен ако не е наведено поинаку).

Најмногу кривични дела за доживотна казна има во главите од Кривичниот законик за „дела против државата“ (10) и за „кривични дела против човечноста и меѓународното право“ (11). Најдолги казни се предвидени и за некои ретки, односно никогаш неизвршени дела во модерната историја на државата (како на пример: „грабнување воздухоплов или брод“, „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ или „спротивставување на претпоставен“).

ТРИСТЕПЕНА СУДСКА ПОСТАПКА ЗА ДОЖИВОТНИТЕ КАЗНИ

Сепак, во македонската судска практика, особено до почетокот на овој век, преовладуваа максималните затворски казни од 15 години предвидени со Кривичниот законик. По 2000-тата почнува зголемување на бројот на изречени доживотни казни. Поради големата „дупка“ меѓу максимум 15 години и доживотна казна, а поради напливот на најригорозните пресуди за крволочни и свирепи убиства, во 2014 година Кривичниот законик е променет и се воведени нови граници.

За оние кривични дела за кои е предвиден доживотен затвор, судијата може наместо најтешката, да изрече 40 години затворска казна. Максималната од 15 години пак е подигната на 20 години за други дела во кои горната граница на предвидени казни не е впишана во Кривичниот законик, туку има само минимум за тој вид кривично дело.

Овој пресврт во казненото право им овозможи многу подобра позиција на оние кои беа во процес на жалби по доживотни пресуди отколку на оние на кои жалбените постапки веќе им завршија главно со потврда на доживотните казни.

Бидејќи доживотните се најтешки казни, Законот за кривична постапка предвидува тристепена судска постапка за нив. Основниот суд ги пресудува, прво одат на жалба пред апелациските судови, а на крај доживотните осуденици имаат право да поднесат жалба и до Врховниот суд, каде доколку се потврдат – стануваат правосилни (за останатите пресуди, правосилноста следува по второстепена постапка во Апелациониот суд).

Во Врховниот суд активни се две постапки за доживотни казни затвор.

Од 2003 до февруари 2021 година во Врховниот суд се заведени 25 предмети со доживотен затвор, од кои:

–  2 предмети сѐ уште се во работа;

– во 12 предмети жалбите на обвинитите се одбиваат и пресудите на апелациските се потврдуваат;

– во 3 предмети жалбите на обвинетите се уважуваат и пресудите на основните и на апелациските судови се поништуваат, па предметите се враќаат пред првостепените судови на повторно судење и одлучување;

– во 3 предмети жалбите на обвинетите се отфрлаат како недозволени;

– во 3 предмети жалбите на обвинетите делумно се уважуваат;

– во 2 предмети првостепените пресуди и второстепените пресуди се преиначуваат за правилна примена на КЗ, ни одговорија од Врховниот суд.

Според затворската статистика, во „Идризово“ и во Штип, каде има затворска популација со првостепени доживотни казни, покажува дека има вкупно седуммина на кои им е намалена казната доживотен затвор. Од штипскиот затвор ни одговорија дека имаат вкупно тројца осуденици со намалени казни, двајца со изменети пресуди во апелациски суд, еден на Врховниот суд.

Намалувањето кое го пресудил Врховниот суд е за Јаќим Трифуновски, полицаецот кој надвор од должност, по расправија пред неговата малолетна ќерка застрелал двајца сограѓани во Гостивар. Првично полицаецот беше осуден на доживотен затвор, казна потврдена во жалбена постапка, но на крај Врховниот суд ја преиначува во 20-годишна затворска казна. Убиството се случи во февруари 2012 година, а за сите три степени во судскиот систем до конечната казна биле потрошени нешто повеќе од две години и осум месеци меѓу кривично-правниот настан и одлуката на Врховниот суд.

Брзината до правосилност на оваа одлука е неспоредлива со останатите слични предмети, во кои имало и по неколку враќања на процесите на почеток од страна на Врховниот суд, иако има и побрзи примери на судската практика со највисоките казни. На пример, случаите „Монструм“, „Чаирчанка“ или „Биг фиш“ траеле, односно траат по неколку години или дури над деценија. Брз е случајот со двојното убиство во Вевчани, каде во две жалби пред Врховниот суд Здравко Србаковски е осуден правосилно во рок од две години и три месеци меѓу извршеното убиство на 13.08.2014 и конечната пресуда на Врховниот суд донесена на  02.11.2016 година кога е потврдена доживотна затворска казна, иако еднаш претходно била вратена на повторно разгледување во Апелацискиот суд во Битола.

Во штипскиот затвор, на списокот имаат уште двајца поранешни доживотни затвореници, додека зад решетките беше само еден. Вториот, Нехат Сулејмани е во бегство од февруари 2018 г. Сулејмани е еден од извршителите на двојното убиство на клучката во Влае во Скопје во август 2006 година, со мотив крвна одмазда. Сулејмани прво беше осуден на доживотен затвор, кој го потврди и скопскиот Апелациски суд. Но Врховниот суд ја поништи пресудата и ја врати на повторно разгледување во Апелацискиот суд. Во 2011 г., откако почна да се применува правилото со 20 или 40 години затвор, апелационите судии му ја преиначуваат доживотната затворска казна на Сулејмани во 20-годишна затворска казна. Пред три години, во февруари Сулејмани остварил право на прв викенд, заминал дома и никогаш не се вратил зад решетките.

И радовишанецот Џесари Шукриев (издржува во Штип) имал доживотна затворска казна, но само два месеци. Струмичкиот суд му ја пресудил во септември 2013 г., а во ноември штипскиот Апелациски суд му ја преиначил во 20-годишна затворска казна.

Во „Идризово“ има четворица со намалени доживотни казни. Сите се во затворот, но сега издржуваат помали казни, двајца се со 20-годишна, еден со 40-годишна казна и еден со 15 години затвор.

„Овие лица, согласно издржаниот дел (од казната) и пропишаните критериуми, третмански се придвижуваат во одделенија со полиберален третман и ги користат погодностите предвидени за групата во која престојуваат“, ни одговорија од КПД „Идризово“, без да ги прецизираат имињата на затворениците и на кој начин им е намалена казната.

Една од адресите на која се обраќаат за спас од доживотна е претседателскиот кабинет на Водно. И до претседателот Стево Пендаровски имало барања за помилување и амнестија од доживотни затвореници.

„Пристигнати се четири предлога по молба за помилување за изречена казна доживотен затвор и е одлучено молбите за помилување да се одбијат. Разгледувани се и два предлога за помилување за казна доживотен затвор по повод 2 Август 2020 и е одлучено двата предлога да се одбијат“, одговорија од Кабинетот на претседателот Пендаровски во кој постои и комисија за помилување.

ВРХОВНИОТ СУД НЕКОМУ БРАНА, НЕКОМУ ОТВОРЕНА КАПИЈА

Долг кон убиените и закани кон семејството на должникот беа причина за тројното убиство во „Биг фиш“, а доживотната пресуда за обвинетиот Тони Денковски помина два целосни циклуси низ македонското судство. Во првиот циклус, Врховниот суд ја врати пресудата на почеток и даде напаствија како да се избегнат процесните грешки од првото судење. Потоа сѐ беше исто, само дополнето со различно мислење на Врховниот суд, што според одбраната предизвика контроверзии во случајот.

„Психијатриското вештачење се прави додека обвинетиот нема бранител. Обвинетиот не може да даде исказ без бранител за вакво дело, а вештакот разговарал со него за настанот и изјавата од обвинетиот е земена во вештачење како битна работа. Не се земени предвид заканите кои еден од убиените ги правел кон Денковски, дека ќе му ги повреди децата. Не се земени предвид исказите, а сведоците дека обвинетиот бил во ступурозна состојба по настанот, што е последица на испразнет афект. И покрај вакви упатства на Врховниот суд, пониските судови никогаш не постапија по нив иако се должни, а Врховниот суд ја потврди втората пресуда негирајќи се себеси и својата првична одлука“, ни рече Звонко Давидовиќ, адвокат на осудениот Денковски кој е осуден за убиството извршено во септември 2010 г., а судските процеси траеја повеќе од 8 години.

Слична должина, но поинаков, посреќен епилог има со доживотната затворска казна на браќата Наим и Рамиз Асани од Арачиново. Двајцата добија доживотни казни поради убиство на тројца тинејџери (на 17, 13 и 20-годишна возраст) во интернет кафе во трговскиот центар „Чаирчанка“ во Скопје во 2006 година. Првично казните им беа потврдени од Апелацискиот суд. Но, по отворена постапка, Врховниот суд цели 12 години по убиството го враќа случајот на почеток. Пресудата донесена во летото 2018 година не може да се најде на веб-страницата со судски одлуки на Врховниот суд.  Наредниот јули 2019 г.,  браќата Асани во скопскиот Кривичен суд се осудени на 20-годишни затворски казни. На оваа пресуда се жали и обвинителството и осудените, а во време на корона-пандемијата, лани во септември, скопскиот Апелационен суд ја потврдува пресудата од 20 години. Цели 14 години поминуваат меѓу убиството и конечната пресуда, која сега е многу помала.

При мојата прва посета на деветтото затворско крило во КПУ „Идризово“ каде се доживотните затвореници, еден од браќата ми тврдеше дека не бил на местото на настанот, ниту пукал во престрелката во која загинаа три момчиња, од кои две малолетни. Но, во судскиот предмет стои дека сведоци ги препознале како напаѓачи, а едниот од нив дури и го купил автомобилот од кој е пукано врз случајните жртвите. Браќата Асани всушност се обиделе да му се одмаздат на убиецот на нивниот трет брат, но тој избегал, а потоа бил сведок против нив, но само во првиот судски процес. Потоа „таргетот“ ја напуштил државата и бил недостапен за новите судски покани.

Интересно е што на веб-сајтот sud.mk нема многу од одлуките на Врховниот суд за доживотните пресуди. Можевме да најдеме само шест, од кои само две се преиначени. На осудениот Сашо Стојчев од случајот „Детонатор“,  врховните судии му ја намалиле казната на 20 години иако бил во бегство.

„Изречената казна од страна на пониските судови не соодвествува со стореното зло, при што во доволна мера не се ценети пропорционалитетот на казната со стореното кривично дело“, пишува во пресудата на Врховен суд за Стојчев, кој е осуден на доживотна за убиство во обид.

Бидејќи на веб-страницата со судски одлуки ги нема сите преиначени или поништени доживотни казни во Врховниот суд (вкупно осум одлуки), поради малиот примерок не може да се направи анализа кои врховни судии ги поништуваат најтешките казни што потоа се потврдуваат. Но во три пресуди со преиначување, тројца судии се присутни во донесување на сите три одлуки (Јово Вангеловски, Џемаил Саити и Фаик Арслани), врховните судии Шпенд Деваја и Ристо Катавеновски учествувале во две такви одлуки, додека Лидија Неделкова и Рахилка Стојковска одлучувале во еден предмет. Кога би се објавиле сите преиначени пресуди, може да се открие и анализира дали определени судии носат одлуки за преиначување повеќе отколку други. Но, тоа засега не е возможно, ниту пак некој го прави.

Ја прашавме професорката Весна Стефановска од Факултетот за безбедност дали жалбите и вонредните правни лекови за доживотните казни носат ризик од корупција во Врховниот суд.

„Секогаш може да постои. Но во основа секој правен лек (и редовен и вонреден) е добродојден заради утврдување на законитоста на постапка, на соодветното утврдување на фактичка состојба, поради пронаоѓање нови докази и околности и слично“, оцени Стефановска, која смета дека фактите особено за дела кои носат максимални казни мора да бидат утврдени соодветно.

Интересно е дека од гореспомнатите седум, четворица врховни судии од македонска националност се разрешени (за други предмети и грешки), додека за судиите Албанци (Саити, Деваја и Арслани) нема претставка во Судскиот совет.

Најголемиот правосуден залак ќе биде случајот „Диво насеље“ со вкупно седум пресудени доживотни затворски казни, 13 обвинети добија казни од по 40 години затвор, а шестмина се осудени на по 20 години затвор. Сите доживотни казни од предметот ќе стасаат до Врховен суд, каде е последната адреса за правосилност на затворските пресуди.

МАКЕДОНИЈА ИМА И ЖЕНА НА ДОЖИВОТНА РОБИЈА

Дебарската Италијанка Блерта Поцеста е единствената жена осудена на доживотна затворска казна. Прогласена е за виновна за тројно убиство, и тоа не на кој било, туку на сопствените родители и сестра. Патот на Поцеста низ судските лавиринти е почнат, имаше второстепена потврда на казната, а во тек е постапка пред третостепениот Врховен суд. Таа и нејзините адвокати сметаат и тврдат дека таа не стои зад убиството на своите најблиски.

„Страшно е чувството кога ќе застанеш до својот клиент и ќе ја слушнеш пресудата која гласи казна доживотен затвор, особено кога знаеш, како во конкретниот случај (’Биг фиш‘) дека тоа е последица на судски пропусти и повреди на постапката. Во конкретниот предмет дури и времето за притвор предвидено со закон беше пречекорено и злоупотребено“, објаснува Звонко Давидовиќ, адвокат на доживотниот осуденик Тони Денковски.

Најтешко им е на семејствата на жртвите, тоа се оние луѓе кои мора да се помират со загубата, некогаш и на сопствените деца. Потоа во судница да се соочуваат со обвинетите за нивната загуба, а многу често судските процеси се повторуваат и тие слушаат како им бил одземен животот на нивните најблиски. Како по правило секогаш бараат најтешка казна.

Професорката Весна Стефановска смета дека доживотната казна не ја остварува генералната превенција, туку само целта на „онеспособување“ на сторителот да не врши кривични дела, но во суштина нема големо влијание врз намалувањето на стапката на криминал генерално.

Во моментот, МВР трага по четворица осуденици кои имаат пресуда за доживотна затворска казна, но уште пред судењето биле во бегство. Таков случај беше со Алмир Дрпљанин, кој имаше две доживотни затворски казни (за убиството на полицаец-алфа кај ПМФ и за убиство на обезбедувач на транспорт на пари кај Скопски саем), но и две 15-годишни казни за грабежите во Прокредит банка и на транспорт на поштенски пари. Сите тие дела беа извршени во периодот меѓу 2006 и 2009 г., а потоа Дрпљанин исчезна. Беше фатен во Косово во 2012 и оттогаш ги повторува судските процеси, иако успеа да намали една доживотна (за убиството на полицаец кај ПМФ од 2008 година). Во моментот е во „Идризово“ и според статистиката на затворската служба има пресуди за вкупно 32 години затвор.

Најдолга вкупна затворска казна има еден кумановец, за 18 кривични пресуди има собрано вкупно 84 години за лежење, што е подолго од просечниот животен век во државата. Осудениот има обид за две убиства, закани кон судијката која го осудила, грабеж на викендичка на друг судија кого го врзал, насилство, дрога, бегство од затворската болница на Клинички центар со пиштол на чуварот. Иако има многу подолга казна, нема можност да стигне до Врховниот суд. Тој живее во ист простор со доживотните.

Доживотните се проблематични затоа што знаат дека во моментот нема никаква можност за излегување или помилување и постои огромен проблем за да се мотивираат за активности во затворот. Според новото упатство, третманот на доживотните во затворот „Идризово“ треба да овозможи адаптација на затворските услови на живот, намалување на негативните ефекти што произлегуваат од должината на казната и учење на социјални вештини и вештини на самоконтрола со што би се намалил потенцијалот и ризикот од повреди во затвор и од повторно вршење на кривично дело.

Сепак, еден доживотен затвореник пред три години успеа да се самоубие во „Идризово“. Станува збор за Игор Мирчески, кичевчанец и осуденик заедно со Ристоски.  Осудени се за две убиства, иако доказите упатуваат дека едно е сторено од новинарот Владо Танески (кој не беше суден откако во мистериозни околности се самоуби во кофа со вода во тетовскиот затвор).

Поради ризикот, затворениците порано имаа и психијатриска стручна помош во затворот „Идризово“. Тоа е сменето откако Здравствениот дом Скопје стана надлежен за да се грижи за здравјето на затворениците, по што е намалена многукратно психијатриската грижа за жителите на КПУ Идризово.

Анте Ристоски е единствениот од 40-те доживотни затвореници во „Идризово“ кому најдолгата пресуда му станала правосилна без ниту една жалба и само со првостепена пресуда од Основниот суд Кичево. Официјалното образложение е дека жалбата не стигнала навреме до битолскиот Апелациски суд, иако Анте тврди дека е пратена и примена во рокот за жалби, но „после нешто се случило“.

Засега нема право да бара помилување, ниту условен отпуст бидејќи треба да поминат 25 години од казната за да го оствари тоа право. Всушност, ниту еден затвореник не стигнал до толкава „цифра“ во Идризово, бидејќи најстариот доживотен затвореник е во најголемиот македонски затвор од 1997 година, осуден за двојно убиство, а едната жртва бил полицаец.

***

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.

—————————————————

25 јуни 2021