Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во балканска земја како што е Македонија, во регион каде пред само две децении беснееја меѓуетнички војни и каде голем дел од земјите сè уште се надвор од ЕУ и НАТО, дали опстанокот на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) може да се смета за успешна приказна?

Јас сум посебно горд на моите колеги од Македонија кои покажаа огромна храброст, истрајност и верба во својата работа наспроти нападите од претходната влада. Дваесет и пет години инвестиции од страна на ФООМ, без оглед на политичкото лидерство во земјата, ги прават заканите врз персоналот и нивните семејства неразумни. Такви закани беа упатени и до нашите грантисти, меѓу кои 22 организации покажаа невидена истрајност во текот на политички-мотивираните истраги. Ние го издржавме тоа и сега Македонија има нова влада која се чини отворена и подготвена да слуша. Тоа претставува огромна можност за напредок на земјата. Сепак, мора да се признае штетата што претходната власт ја нанесе врз граѓанското општество чии последици ќе се чувствуваат уште долго. Злонамерната националистичка пропаганда која се водеше, проткаена со обиди за етнички поделби и проневерување на државните пари за сопствено богатење, беше зајакната со инсталирање послушници во институциите кои всушност треба да бидат независни.

Новата влада има огромна задача пред неа доколку сака да ја зајакне земјата и да влезе во ЕУ. Нашата цел е да ја поддржиме, да ја туркаме напред и, кога е потребно, да ја критикуваме. Ние ќе го кренеме гласот и ќе инвестираме во заеднички проекти што помагаат на граѓаните на Македонија, во партнерство со амбасадите на европските држави и со други меѓународни донатори. Само на тој начин ќе можеме да им помогнеме на граѓаните да изберат просперитетна, стабилна и демократска иднина. Во Македонија досега инвестиравме 145 милиони долари и подготвени сме да инвестираме уште повеќе, не само за да се поправат направените штети, туку и за да се бара отчет од новата влада за нејзините ветувања за реформи. Им кажавме дека сакаме модерна, успешна и европска Македонија, со влада која е отворена, респонзивна и отчетна пред своите граѓани. Тоа значи инвестирање во образованието и здравството, како и заштита на правата на сите луѓе, вклучително и на групите кои се на маргините од општеството, како што се Ромите.

Вие сте претседател на Фондациите Отворено општество веќе пет месеци, но претходно бевте потпретседател повеќе од една година. Како ја оценувате работата на ФООМ?

Ова ми е трета посета на Македонија откако сум дел од Фондациите Отворено општество. При сите посети имав можност да научам за огромниот придонес на Фондацијата Отворено општество – Македонија во нашата мрежа и во заедниците во Македонија во време на конфликт и криза. Приказната за работата на Фондацијата е исклучителна. На пример, ФООМ обезбеди 1,9 милиони долари за да им помогне на малите претприемачи, земјоделците и граѓаните кога се случи глобалната економска криза во 2008 година. Таквата финансиска помош вклучи и проект кој обезбеди ранци, тетратки, моливи и боички за повеќе од 19.000 деца.

Во периодот 1993–94 година, кога беше затворена копнената рута за превоз преку Србија и Грција, ФООМ организираше и финансираше 40 карго авиони до Словенија со земјоделски производи – во најголем дел грозје, кајсии и домати. Следната година, ние помогнавме во воспоставувањето на таканаречениот зелен коридор кој овозможи транспорт на стоки до пристаништата во Албанија и потоа поморски транспорт до Хрватска и Словенија.

Претходната влада во Македонија, предводена од Никола Груевски, водеше специјална војна против поддржувачите на проектот за отворено општество. Тие беа етикетирани како „Соросоиди“, што се употребуваше како синоним за предавник и платеник. Кој е Вашиот совет, како може овие луѓе да се убедат дека „отвореното општество“ не ја поткопува државноста на Македонија, туку напротив го помага нејзиниот напредок?

Сметам дека нашето искуство, во комбинација со нападите на нашата работа во други земји, на пример во САД и Унгарија, нè научија како да бидеме подобри во иднина. Долги години претпоставуваме дека придобивките од отвореното општество се очигледни и дека луѓето ги препознаваат и ги поздравуваат нашите инвестиции за зајакнување на гласот на граѓаните, како во примерите што веќе ги опишав. Ние се фокусиравме на давање помош за луѓето,  но не ја кажавме нашата приказна. Затоа, кога корумпирани актери дојдоа на власт и крадеа од државата, ним им требаше некој да го обвинат за проблемите што тие ги предизвикуваат и можеа лесно да го пополнат вакуумот со целосно лажна приказна за нас. На почетокот, ние бевме шокирани кога вработените во Фондацијата во Македонија, кои го посветија целиот свој живот на давање помош на своите сограѓани, беа нарекувани предавници. Ние бевме запрепастени дека функционери кои крадат пари, можат да покажуваат на луѓе кои даваат пари на луѓето и да ги обвинуваат дека се изворот на проблемите во земјата. Запрепастени бевме и од фактот дека многумина им веруваат.

Последните предизвици јасно покажуваат колку е проблематично кога владата го контролира најголемиот дел од медиумите во земјата. Тоа е една од причините зошто ги поддржуваме независните медиуми и идејата за медиумски плурализам во Македонија, и ширум светот. Претпоставувам дека можеби е тешко да се разбере човек како Џорџ Сорос, бидејќи тој е толку исклучителен. Тешко е да се разбере која е движечката сила на поединец кој може да направи толку голема сума пари и потоа да донира голем дел од нив. Досега тој има донирано повеќе од 30 милијарди долари кои ќе бидат потрошени преку Фондациите Отворено општество. Тоа не може лесно да се разбере. Луѓето претпоставуваат дека тој мора да бара нешто за возврат за парите што ги дава, одредена моќ или контрола. Но, станува збор за вистинска емпатија. Тој го преживеа холокаустот и побегна од советскиот режим во неговата родна Унгарија, а неговата крајна цел е такви злосторства и страдања никогаш повеќе да не се повторат.

Како претседател на Фондациите Отворено општество, мојата амбиција е да ја раскажеме нашата приказна, приказната на Џорџ и да објасниме зошто инвестираме во демократијата – за заедниците да можат да ги раскажат своите приказни. Секогаш ќе има цинични луѓе, како претходната влада, кои многу добро знаат дека ние сакаме да помогнеме, но сепак се обидуваат да нè жртвуваат за сопствени цели. Мора да бидеме подобро подготвени да одговориме на тоа и да ја објасниме нашата работа. Се разбира, создавањето простор за заедниците да ги кажат своите приказни е многу тешко во ситуации каде медиумите се заробени од една партија. Во некои случаи, на пр. во Унгарија од каде наскоро ќе мора да ги преместиме нашите меѓународни активности, човечкиот трошок станува преголем. Оттука, мојот совет за сите поддржувачи на слободата, демократијата и човековите права како клучни елементи на едно отворено општество, е да продолжат да им објаснуваат на луѓето зошто овие работи се важни и дека не треба да се земаат здраво за готово, дури и кога живеете во отворено општество.

И во Македонија имаше повици за забрана на ФОО, но за среќа Фондацијата остана, можеби бидејќи претходниот недемократски режим падна. Сепак, Фондацијата е забранета во Русија и опстанокот на Фондацијата во Унгарија се соочуваа со сериозни предизвици. Како ги коментирате политиките на тие влади кои гледаат закана во мисијата на Фондацијата?

Мислам дека луѓето треба сериозно да ги видат местата каде Фондациите Отворено општество се забранети и да ја увидат разликата меѓу сонот на луѓето и режимите на власт. Русија, Узбекистан и Азербејџан се едни од најопресивните средини за живеење во светот. Тоа е неизбежно поврзано со државните економии, квалитетот на живот во овие земји за обичните граѓани ни оддалеку не е толку добар како во земјите кои се слободни и отворени, бидејќи луѓето не можат да се спротивстават на функционерите кои крадат од државата без да го ризикуваат својот живот, својата работа или безбедноста на своето семејство. Се разбира дека функционерите кои крадат, малтретираат и потчинуваат не сакаат да работиме во нивните земји и да финансираме групи кои се обидуваат да ги разоткријат и да ги спречат нивните активности. Унгарија сè уште не е во иста фаза како овие земји, но сигурен сум дека граѓаните во Македонија ќе ги препознаат причините зошто моравме да заминеме од Будимпешта, односно незаконско следење, поттикнување етничка омраза, јавно оцрнување на нашиот основач, нашите вработени и нашите грантисти преку кампања вредна 100 милиони евра која е проткаена со горчлив тон на антисемитизам. Тука влегува и пакетот закони кои се закануваат да дозволат дискрециони полициски упади без судски налог. Сето тоа беше однапред смислено, исто како и во Македонија, за да се замолчат критичките гласови и да се сврти вниманието од заробената држава и грабежот на државниот буџет. Затоа ние ги преместуваме меѓународните активности во Берлин, но ќе продолжиме да ги поддржуваме унгарските грантисти и ќе продолжиме да се бориме за правата на обичните Унгарци.

Како човек кој имал високи позиции во администрацијата на претседателот Барак Обама, а подоцна и како американски амбасадор во Јужна Африка, кој беше клучниот предизвик да ја прифатите лидерската позиција во Фондацијата?

Унапредувањето на демократијата и заштита на човековите права беа клучен дел од мојата работа во Јужна Африка и често тие беа висок приоритет за мене додека работев во администрацијата на Обама. Чувствувам голема привилегија што можев да дадам сопствен придонес во таквите каузи во име на мојата земја, но и голема чест дека можам да ја продолжам и да ја проширам таквата работа како дел од Фондациите Отворено општество. Веројатно еден од главните предизвици е тоа дека ширум светот, активистите и борците кои очекуваа САД да бидат нивен сојузник во борбата против корупција и во одбраната на демократијата сега треба да го преоценат нивото на поддршка што може да го добијат од Вашингтон. Важечкиот меѓупартиски договор дека одбраната на демократијата и човековите права е добра за интересите на САД сега е предизвикан од некои конзервативни законодавци кои сакаат Америка да усвои поизолационистичка надворешна политика. Ваквата кампања против глобалниот свет е многу кусогледа, бидејќи помала е веројатноста стабилни и мирни демократии да нè вовлечат во глобална војна и тие се попривлечни за американскиот бизнис. Ние требаше да ја одбраниме нашата работа во Вашингтон наспроти лажните наводи на законодавците заведени од лобистите на странски влади. За среќа, нашите институции се многу поиздржливи од политичката моќ во даден момент. Многу Американци даваат отпор на изолацијата и аргументираат во поддршка на конзистентна, сензитивна надворешна политика.

Дали одредени политики на претседателот Доналд Трамп претставуваат закана за САД како отворено општество?

Постојат неколку аспекти од политиките и токсичната реторика на Трамп кои се целосно спротивни на принципите на едно отворено општество. Јасно е дека во едно отворено општество нема место за мизогинија и расизам. Исто така, од витално значење за едно отворено општество е работите како правото на здравје да се сметаат за човеково право. Во таа насока гледаме одредени краткорочни закани. Сепак, треба да се признае дека најголемите ексцеси на администрацијата на Трамп ја помогнаа мобилизацијата на обичните Американци во одбрана на вредностите на отвореното општество, повеќе од кога било претходно. Неверојатниот одзив што го видовме на настани како маршот на жените ми сугерира дека неговиот избор е привремено назадување и дека нема да видиме повторен избор на такви луѓе во Америка.

Во последните 25 години, ФООМ направи голем придонес во развојот на граѓанското општество. Што ќе биде приоритет за време на вашиот мандат во регионите и во земјите каде Фондацијата има свои претставништва, вклучително и во Македонија? Една работа што ја знам за мрежата Отворено општество е дека работата на многу од нашите национални фондации и регионални иницијативи е водена локално, од вработените и управните одбори. Тоа локално лидерство е случај и со фондацијата во Македонија. Овие посветени лидери се експерти за проблемите во нивната земја и затоа тие се во најдобра позиција да донесуваат одлуки. Во рамки на мрежата постојат различни приоритети и различни приоди кон постигнување на нашата клучна цел, а тоа е градење динамични, толерантни демократии каде се почитува владеењето на правото. Во Македонија, еден од главните приоритети е да ѝ помогнеме на земјата да се подготви за интеграцијата во ЕУ, а голем дел од таа работа подразбира помош за градење кохезивно општество и надминување на етничките тензии. Тоа може да значи поддршка, поттикнување или критикување на владата, како и поддршка на групите кои го прават истото. Мислам дека после 25 години работа на владеење на правото, подобрување на образованието и здравството, поддршка на независните медиуми и подобра интеграција на Ромите во општеството, пред нас се многу добри години.

—————————————————

25 мај 2018