Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Последната конференција во рамките на одбележувањето на 25 години Фондација Отворено општество – Македонија, одржана на 21 и 22 мај, не случајно беше поставена во широка рамка: „Има ли шанси Отвореното општество во Македонија? Ако го преформулираме прашањето од насловот на конференцијата, всушност излегува дека треба да се зборува за тоа каква иднина има отвореното општество во Македонија, може ли таа да се исцрта, да се предвиди или за тоа може само да се размислува.

Треба да се разговара од различни аспекти, од една страна – за заканите кон Отвореното општество, за предизвиците кои ги носи периодот пред нас, за можностите кои се отвораат, за реалните очекувања и сл. Можеби треба да се направи уште една рефлексија, чесно и без идеализирање, за преломните моменти на излегувањето од темниот период во кој заканите кон Отвореното општество беа премногу јасни и директни. Дали беше полесно тогаш, кога го знаевме непријателот и дали сме сигурни дека ќе биде полесно сега, кога да речеме, слободата е освоена, но можностите и предизвиците не можат сосема јасно да се разлачат едни од други?

Во времето на грчката трагедија (5 век пне.) кога традиционалниот митски систем почнувал да се распаѓа под импулсот на новиот морален свет којшто почнува да се раѓа, уметноста веќе ја заокружила својата задача да го разреши конфликтот помеѓу старото и новото, и одговорила на оваа задача со создавањето на една фигура, фигурата на невиниот виновник – на трагичниот херој којшто во целата своја големина и страдање истовремено, го изразува несигурното, минливо, небезбедно, ризично, лажно и опасно значење на човечката акција во тесниот временски интервал помеѓу она што веќе го нема и она што уште не постои (вообичаено го викаме иднина).

Оттогаш па до скоро, имало големи уметници кои навистина чесно одговарале на ваквата задача, да се разреши конфликтот помеѓу старото и новото. Веројатно оној уметник кој најкохерентно одговорил на задачата да се разреши ваквиот конфликт е Франц Кафка. Соочен со човековата неможност да ги присвои своите историски претпоставки, тој се обидел токму таа неможност да ја трансформира, претворајќи ја во почва на која човекот би можел да се обнови.

Има една белешка во дневниците на Кафка каде што оваа неможност на човекот да си го поврати неговиот простор во тензијата помеѓу минатото и иднината се искажува прецизно со една слика, слика во која убиствено едноставно се прикажуваат патници во воз. Возот наидува на несреќа во еден тунел, и тоа на место каде што светлината од почетокот веќе не може да се види, а светлината на крајот од тунелот е толку мала што погледот мора трескавично, постојано да ја бара. Но таа трепери и постепено се губи, така што патниците, во напрегнувањето на погледот веќе не се сигурни дали се работи за почеток или за крај на тунелот.

Општото знаење за Кафка е такво што него лесно го сместуваат помеѓу песимистичките книжевни филозофии или во филозофијата на апсурдот. Но, како и оваа слика од неговите белешки која е само навидум едноставно песимистичка, така и неговото творештво само навидум ја изразува безнадежноста на индивидуата во историското постоење. Кафка, како Евреин кој живеел во Прага и пишувал на германски јазик, како двоен и троен изгнаник, знаел многу повеќе од другите и ја превртел идеалната слика за ангелот на историјата и за линеарното време на човековиот прогрес. Тој веќе не ја гледа идејата за историјата како бескрајно расклопување по должината на линеарното време кое се стреми кон некоја цел, туку како една парадоксална слика за состојбата на историјата во која фундаменталниот настан на човековата состојба постојано се случува и ја прекинува линеарноста.

Со право, секој би се запрашал каква врска има ова со Отвореното општество во Македонија или со шансите на Отвореното општество каде било? Одговорот е дека има голема и суштинска врска. Вредностите на Отвореното општество кои ние сме ги одбрале како свои, постојано налагаат да застанеме и да се наведнеме пред задачата на која веќе одговориле големите уметници. Ако гледаме веќе дека ангелот на историјата запрел и дека, во интервалот помеѓу минатото и иднината, човекот мора да се соочи со сопствената одговорност затоа што за многу луѓе тука и насекаде во светот, Последниот Суд не е некаде напред, далеку во времето туку се одвива секој ден, тогаш ние мораме да помогнеме. Можеби тоа не е многу, но секаде, каде што човекот ја има изгубено својата способност да го присвои својот историски простор, конкретниот простор на обичното човечко дејствување и знаење, тоа е значајно.

Ако ја вратиме во фокусот повторно комплексната слика на Кафка, целта, или светлината што патниците ја бараат во тунелот е всушност постојано тука, пред нас, секој ден и секој час.

—————————————————

21 мај 2018