Текот на историјата драматично се смени од последниот состанок во Давос.
Русија ја нападна Украина. Тоа длабоко ја потресе Европа. Европската Унија беше основана за да спречи такво нешто. Дури и кога вооружените пресметки ќе запрат, а во еден момент ќе мора да запрат, ситуацијата никогаш нема да се врати на она што беше претходно.
Окупацијата можеше да биде почеток на Трета светска војна, што нашата цивилизација нема да може да ја преживее. Тоа е темата на за која ќе зборувам денес.
Нападот на Украина не треба да нѐ изненади. Светот е силно втурнат во борба меѓу два дијаметрално спротивни системи на владеење: отворено општество и затворено општество. Дозволете ми едноставно да ја дефинирам разликата меѓу нив.
Во едно отворено општество, улогата на државата е да ја штити слободата на поединецот. Во затворено општество, поединецот е тој што им служи на владетелите на државата.
Таквата борба во втор план ги става другите проблеми кои го засегаат човештвото, како што се борбата против пандемијата и климатските промени, избегнувањето нуклеарна војна, одржувањето на глобалните институции. Затоа велам дека нашата цивилизација можеби нема да опстои.
Уште во 1980те години почнав да работам на она што јас го нарекувам политичка филантропија. Во тоа време, во голем дел од светот владееше комунизмот, а јас сакав да им помогнам на луѓето кои без навредени од и се бореа против таквата опресија.
По распадот на Советскиот сојуз, брзо почнав да основам една по друга фондација во земјите кои некогаш беа дел од Советската империја. Таквата заложба се покажа многу поуспешна отколку што се надевав.
Тоа беа возбудливи денови. Тие се поклопија со период на личен финансиски успех, што, пак, ми овозможи да ги зголемам донираните средства од 3 милиони долари во 1984 година на повеќе од 300 милиони долари три години подоцна.
По нападите од 11 септември 2001 година започна нова плима на сили против отворените општества. Сега, репресивните режими се во подем, а отворените општества се под опсада. Денес, Кина и Русија претставуваат најголема закана за отвореното општество.
Долго и силно размислував зошто е тоа така. Дел од одговорот го лоцирав во брзиот развој на дигиталната технологија, особено на вештачката интелигенција.
Теоретски, вештачката интелигенција треба да биде политички неутрална: таа може да се користи и за добро и за лошо. Но, во практиката, ефектот од нејзиното користење е асиметричен. Вештачката интелигенција е особено добра за производство на инструменти за контрола кои им помагаат на репресивните режими и ги загрозуваат отворените општества. Пандемијата со Ковид-19 помогна во легитимизирањето инструменти за контрола кои се исклучително корисни во справување со ширењето на вирусот.
Брзиот развој на вештачката интелигенција одеше рака под рака со подемот на социјалните медиуми и технолошките платформи. Овие конгломерати сега доминираат со глобалната економија. Тие се мултинационални, а нивниот дофат ги покрива сите делови од светот.
Овие развојни моменти имаат далекусежни последици. Тие го заострија судирот меѓу Кина и САД. Кина ги претвори своите технолошки платформи во национални шампиони. САД беа поколебливи во таквата заложба поради ефектот што овие платформи го имаат врз слободата на поединецот.
Ваквите различни ставови фрлија ново светло врз конфликтот меѓу двата системи на владеење што ги претставуваат САД и Кина, соодветно.
Под водство на Си Џинпинг, Кина собира лични податоци за следење и контрола на своите граѓани многу поагресивно од која било друга држава низ историјата и би требало да има поголема корист од ваквиот развој. Но тоа не се оствари, за што ќе зборувам подоцна.
Сега дозволете ми да се осврнам на последните случувања. Владимир Путин и Си Џинпинг се сретнаа на 4 февруари годинава, на свеченото отворање на Зимските олимписки игри во Пекинг. По средбата, тие објавија долга изјава во која се најавува дека соработката меѓу нив „нема граници“. Путин го информираше Си за неговата „специјална воена операција“ во Украина, но нејасно е дали му кажал дека планира целосна окупација на Украина. Воените експерти од Обединетото Кралство и САД сигурно им кажале на своите колеги од Кина за таквите планови. Си го одобрил планот, но побарал од Путин да почека до завршувањето на Олимписките игри.
Од друга страна, Си одлучи да ги одржи Олимписките игра и покрај „омикрон“ варијантата која само што почна да се шири во Кина. Организаторите вложија посебни напори за да создадат непробоен балон за натпреварувачите, па така Олимписките игра завршија без поголеми проблеми.
Сепак, „омикрон“ варијантата се прошири во заедницата, прво во Шангај – најголемиот град и комерцијален центар во Кина – и сега се шири во остатокот од земјата. И покрај тоа, Си инсистира на неговата политика за нулта ковид. Тоа доведе до големи тешкотии за популацијата во Шангај поради принудата да одат во импровизирани центри за изолација наместо да се изолираат во своите домови. Таквите мерки го доведоа Шангај на работ на отворена побуна.
Многумина се зачудени од овој навидум нерационален приод, но јас можам да го објаснам: Си има таен грев. Тој никогаш не му кажа на кинескиот народ дека тие се имунизирани со вакцина која е дизајнирана за оригиналната варијанта од Вухан и нуди многу мала заштита против новите варијанти.
Си не може да си дозволи да ја каже вистината бидејќи се наоѓа во многу деликатен момент од неговата кариера. Вториот мандат му истекува оваа есен и тој сака да добие трет мандат, што е без преседан, и ќе го направи доживотен владетел.
Тој внимателно исценира процес кој ќе му овозможи да ја исполни својата животна амбиција и апсолутно сè мора да биде потчинето на таа цел.
Во меѓувреме, путиновата таканаречена „специјална воена операција“ не се одвива според планираното. Путин очекуваше дека руско-говорното население во Унгарија ќе ја пречека неговата армија како ослободители. Неговите војници со себе носеле и свечени униформи за победничката парада. Но, тоа не се случи.
Украина даде неочекувано силен отпор, нанесувајќи ѝ сериозни штети на руската окупаторска армија. Армијата беше слабо опремена и лошо водена, а војниците го изгубија моралот. САД и Европската Унија ги здружија силите за да ја поддржат Украина и да ја снабдат со оружје. Со нивна помош, Украина успеа да ја порази далеку побројната руска армија во битката за Киев.
Путин не може да си дозволи да прифати пораз и затоа ги прилагоди неговите планови. Тој го назначи генерал Владимир Шаманов, познат по неговата суровост од опсадата на Грозни, за главен командант и му нареди да испорача успех до 9 мај, денот кога се прославува победата.
Сепак, Путин имаше многу малку за славење. Шаманов ги концентрираше своите напори на пристанишниот град Мариупол, со популација од 400.000 жители. Генералот го претвори градот во руина, исто како што направи со Грозни, но украинските бранители издржаа 82 дена и опсадата ги чинеше животи на илјадници цивили.
Дополнително, брзото повлекување од Киев ги извади на виделина грозоморните злосторства сторени од путиновата армија врз цивилното население во Буча, предградие на Киев. Овие злодела се добро документирани и ги шокираа сите што ги видоа сликите на телевизија. Но злосторствата не ги видоа луѓето во Русија кои се држат во информациски мрак за „специјалната воена операција“ на Путин.
Нападот врз Украина сега влегува во нова фаза која носи поголеми предизвици за украинската армија. Тие мора да се борат на отворен терен каде што супериорноста на руската армија од аспект на бројност е многу потешко да се совлада.
Украинците даваат сè од себе, преку противнапади и навлегување на руска територија. Тоа има дополнителен ефект од аспект на демонстрирање од прва рака на руското население што навистина се случува.
И САД даваат сè од себе да ја намалат финансиската разлика меѓу Русија и Украина, убедувајќи го Конгресот да распредели 40 милијарди долари во воена и финансиска помош за Украина. Јас не можам да го предвидам исходот, но Украина секако има мала, но реална шанса за победа.
Неодамна, европските лидери отидоа подалеку. Тие сакаат да го искористат нападот на Украина за промоција на поголема европската интеграција за она што Путин сега го прави никогаш да не се повтори.
Енрико Лета, лидерот на Демократската партија, предложи план за делумна федерализација на Европа. Федералниот дел би ги опфатил клучните политики.
Во рамките на федералното јадро, ниедна држава-членка нема да има право на вето, додека во рамките на пошироката конфедерација државите-членки може да влегуваат во „коалиции на истомисленици“ или едноставно да ги задржат овластувањата за ставање вето. Марио Драги го поддржа планот на Лета.
Како дел од значителното проширување на сопствениот про-европски приод, Емануел Макрон се заложи за географско проширување и за потребата ЕУ да се подготви за таквото проширување. Не само Украина, туку и Молдавија и државите од Западен Балкан треба да се квалификуваат за членство во Европската Унија. Ќе треба многу време за да се договорат сите детали, но се чини дека Европа се движи во вистинска насока. Таа одговори на нападот на Украина со поголема брзина, единство и енергија од кога било претходно во нејзината историја. По иницијалното колебање, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го најде својот силен про-европски глас.
Но, Европа и натаму останува силно зависна од руските фосилни горива, главно поради трговските политики на поранешната канцеларка Ангела Меркел. Таа договори специјални зделки со Русија за снабдување со гас и ја направи Кина најголемиот извозен пазар за Германија. Така, Германија стана економија со најдобар учинок во Европа, но сега треба да плати превисока цена за тоа. Германското стопанство треба да се преориентира, а за такво нешто треба многу време.
Олаф Шолц беше избран за канцелар поради ветувањето дека ќе ги продолжи политиките на Меркел. Последователните настани го принудија да го напушти таквото ветување. Тоа не се случи лесно бидејќи тој требаше да се откаже од светите традиции на социјалдемократите.
Кога станува збор за одржување на единството во Европа, се чини дека Шолц сепак ја прави вистинската работа. Тој го напуши планот за Северен тек 2, распредели 100 милијарди евра за одбрана, и ја снабдува Украина со оружје, ставајќи крај на една долгорочна табу-тема. Така реагираа западните демократии на рускиот напад врз Украина.
Со што можат да се пофалат двајцата диктатори, Владимир Путин и Си Џинпинг? Тие се врзани заедно во сојуз кој нема граници. Исто така, постојат и многу работи што им се заеднички. Имено, и двајцата владеат преку заплашување, а како последица на тоа прават неверојатни грешки. Путин очекуваше дека ќе биде пречекан како ослободител во Украина, додека Си Џинпинг се држи до политиката за нулта ковид, која не може да се одржи.
Се чини дека Путин ја признал огромната грешка со нападот врз Украина и сега го подготвува теренот за преговори за прекин на огнот. Сепак прекин на огнот не може да се постигне бидејќи тој е човек на кој не може да му се верува. Путин ќе треба да почне преговори за мир, што тој никогаш нема да го стори бидејќи тоа би било еднакво на давање оставка од неговата позиција.
Ситуацијата е збунувачка. На еден воен експерт кој се спротивставил на окупацијата му било дозволено да гостува на руска телевизија за да ја информира јавноста колку е лоша ситуацијата. Подоцна, тој се заколнал на лојалност на Путин. Интересно е тоа што Си Џинпинг продолжува да го поддржува Путин, но сега таквата поддршка не е без граници.
Тоа почнува да објаснува зошто Си Џинпинг е осуден на неуспех. Давањето дозвола на Путин да лансира неуспешен напад врз Украина не беше во најдобар интерес за Кина. Кина требаше да биде постариот партнер во алијансата со Русија, но отсуството на решителност од страна на Си Џинпинг му овозможи на Путин да ја узурпира таа позиција. Сепак, најголемата грешка на Си е цементирањето на неговата политика за нулта ковид.
Заклучувањата имаа катастрофални последици. Тие ја турнаа кинеската економија во слободен пад. Тоа почна во март, и ќе продолжи да добива на сила сè додека Си не го смени правецот, што тој никогаш нема да го направи бидејќи не може да признае дека направил грешка. Кога на тоа ќе се додаде кризата на пазарот за недвижен имот, штетата ќе биде толку голема што ќе влијае врз глобалната економија. Со оглед на нарушувањата во синџирите за снабдување, голема е веројатноста дека глобалната инфлација ќе стане глобална депресија.
Сепак, послабиот Путин станува сè понепредвидлив. Притисокот го чувствуваат државите-членки на ЕУ. Тие сфаќаат дека Путин можеби нема да чека тие да развијат алтернативни извори на енергија и дека ќе го прекине снабдувањето со гас додека тоа може вистински да ги погоди.
Програмата за заедничка акција за ценовно достапна, сигурна и одржлива енергија во ЕУ (RePowerEu) која беше објавена минатата недела е одраз на таквите стравови. Олаф Шолц е посебно нервозен поради специјалните зделки што неговата претходничка Ангела Мерка ги има склучено со Русија. Марио Драги е похрабар, иако зависноста од гас на Италија е речиси исто висока како и онаа на Германија. Европската кохезија ќе биде ставена на сериозен тест, но доколку продолжи да го одржува своето единство, таа може да ја зајакне енергетската безбедност во Европа, како и лидерството во полето на климатските акции.
Што станува со Кина? Си Џинпинг има многу непријатели. Ниту еден од нив не се осудува директно да го нападне бидејќи тој ги централизираше сите инструменти за следење и репресија и тие се сега во негови раце, но добро е познато дека во Комунистичката партија постои несогласување. Тоа станува толку силно што веќе почнува да се наѕира во новинарски текстови кои им се достапни за читање на обичните луѓе.
Спротивно на очекувањата и поради грешките што ги направи, Си Џинпинг можеби нема да го добие толку посакуваниот трет мандат. Но дури и да добие нов мандат, Политбирото нема да му даде одврзани раце за избор на членовите за следната композиција на Политбирото. Тоа значително ќе ја намали неговата моќ и веројатноста да стане доживотен владетел.
Додека војната се разгорува, борбата против климатските промени мора да остане во втор план. Од друга страна, експертите велат дека веќе заостануваме на ова поле и дека климатските промени се на работ да станат иреверзибилни. Тоа би можело да биде крајот на нашата цивилизација.
Ваквите прогнози ги сметам за исклучително страшни. Повеќето од нас ја прифаќаат идејата дека ќе умреме еден ден, но она што го земаме здраво за готово е фактот дека цивилизацијата ќе опстане.
Затоа мораме да ги мобилизираме сите ресурси за побрзо да заврши војната. Најдобриот, и можеби единствениот начин за зачувување на цивилизацијата е Путин да биде поразен колку што е можно поскоро. Тоа е главната идеја.
—————————————————
1 јуни 2022