Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

За човек кој секојдневно се соочува со напади поради неговиот активизам и либералната визија за светот, Џорџ Сорос беше невообичаено весело расположен тоа сончево попладне во Маракеш. Претходно, тој беше во посета на Јужна Африка, земјата каде Сорос ги направи првите чекори во филантропската работа во доцните 70ти години, преку финансирање на црните студенти за времето на апартхејдот. При оваа посета, тој дознал дека истражувачките медиуми и граѓанските организации финансирани од Сорос всушност помогнале да се осуети наводниот корумпиран договор за нуклеарна централа со Русија.

„Таквото сознание е огромен поттик, што само ја зацврстува мојата верба дека правиме нешто исправно“, вели г-дин Сорос. „Не престанавме да извршуваме корисно влијание“.

Сепак, извршувањето влијание доаѓа по невидено висока цена за 88-годишниот татко на индустријата со хеџ фондови и еден од најистакнатите филантропи во светот. Од неговата родна Унгарија, па сè до неговата избрана татковина Америка, силите на национализмот и популизмот се борат против демократскиот поредок што тој неуморно го поддржува. Човекот кој некогаш го опишуваа како единственото приватно лице со сопствена надворешна политика мора да се избори со подемот на различни моќници ширум светот, како и со злобната повратна реакција дизајнирана за да го делегитимизира.

Изборот на личност на годината што го прави Фајненшл Тајмс обично претставува одраз на постигнувањата на носителот на оваа титула. Оваа година, во случајот на г-дин Сорос, изборот на личноста на годината еднакво се однесува и на вредностите што тој ги претставува.

Тој е поборник на либералната демократија и отвореното општество. Тоа се идеите кои триумфираа во студената војна. Денес, тие се под жесток напад од сите страни, од Русија под водство на Владимир Путин, до Америка под водство на Доналд Трамп.

Повеќе од три децении, г-дин Сорос ја користи филантропската работа за да се бори против авторитаризмот, расизмот и нетолеранцијата. Преку неговата долгогодишна посветеност на отвореноста, слободата на медиумите и човековите права, тој врз себе го навлече гневот на авторитарните режими и, сè повеќе, на националните популисти кои продолжуваат да се шират, посебно во Европа.

„Ме обвинуваат за сè и сешто, дури велат дека сум антихрист“, вели г-дин Сорос со потсмев. „Би сакал да немам толку многу непријатели, но тоа го сфаќам како показател дека сигурно правам нешто исправно“.

Во оптек се толку многу антисемитски теории на заговор против г-дин Сорос, што станува тешко сите да се следат. Не поминува ден без изјава, твит или слика на која тој е прикажан како главниот манипулатор на глобалната политика.

Отровот, кој долго време беше карактеристичен само за екстремно десничарските мрежи, сега станува дел од главните општествени текови. Г-дин Трамп, кој ја презира поддршката на демократите од г-дин Сорос, пласираше наводи во јавноста дека тој го финансирал караванот со мигранти од Средна Америка, тврдења кои се чини дека делумно го поттикнаа нападот врз синагогата „Дрво на животот“ во Питсбург од октомври годинава.

На почетокот на октомври, г-дин Сорос беше првиот човек од поголема група критичари на Трамп што беше таргетиран со експлозивна направа испратена до неговиот дом во приградскиот дел од Њујорк. „Јас бев насликан како ѓаволот. Фактот дека екстремистите се мотивирани да убиваат поради лажните теории на заговор за мене длабоко ме повредува“, вели г-дин Сорос.

Од другата страна на Атлантскиот Океан, унгарскиот премиер Виктор Орбан – кој некогаш бил корисник на грант за образование од Сорос – го искористи милијардерот како главен инструмент во својата изборна кампања, со лажни обвинувања дека тој е главниот ум зад плановите на ЕУ за преплавување на континентот со мигранти. Политичката партија на г-дин Орбан постави билборди со ликот на Сорос за кои критичарите велат дека наликуваат на нацистичките постери со „Евреинот со злобна насмевка“. Овој месец, Централноевропскиот универзитет, кој г-дин Сорос го основал во Будимпешта во 1991 година, официјално изјави дека е „принуден“ да премести одредени студиски програми во Виена, што се опишува како „мрачниот ден за Европа и мрачниот ден за Унгарија“.

И во Британија, земјата каде г-дин Сорос ги завршил своите студии и каде поседува недвижен имот, тој е познат како човекот кој „ја сруши Банката на Англија“ со неговата берзанска шпекулација во 1992 година против фунтата. Децении подоцна, тој е омразен поради неговото спротивставување на Брегзитот и поради финансиската поддршка што ја дава на групата Best for Britain која се залага за одржување втор референдум за членството во ЕУ. Фејсбук исто така се впушти во кампања со дезинформации, нарачувајќи истражување коешто се обиде да го дискредитира милијардерот. Шерил Сандберг, главната финансиска директорка на Фејсбук, наведе сомнежи дека тој ја урнал вредноста на акциите на Фејсбук откако ја нападнал оваа социјална мрежа во рамки на говорот што го одржал за време на Светскиот економски форум во Давос.
Г-дин Сорос изгледа издржлив, па дури и поенергичен поради ваквите напади. Незаситен консумент на информации, кој истовремено е внимателен слушател, тој е во состојба на размислување, обидувајќи се да го разбере новиот светски поредок. Со преголема скромност, себеси се нарекува „неуспешен филозоф“.

„Во раните години од нашата работа, историјата беше на наша страна. Тоа беа времиња кога отворените општества беа многу успешни и ние се ширевме низ светот“, вели тој за последните децении. „Но, историјата ја смени насоката на движење. Токму тоа е проблемот што се обидувам да го разберам. Што доведе до експанзија на затворените општества“. 

Г-дин Сорос има повеќе домови, но новинарката на Фајненшл Тајмс се сретна со него во Маракеш каде моментално се наоѓа на конференција. Тој е седнат во задната градина, подолу од дрвата со портокали, на луксузниот хотел „Ла Мамунија“. Неформално облечен во син кардиган на линии, ги замолува неговите посетители да зборуваат на микрофон бидејќи има проблеми со слухот. На англиски јазик со унгарски акцент, се шегува дека тој е човекот со златни уши, упатувајќи на неговите слушни помагала обложени со злато. Иако се жали дека помнењето го издава, духовито забележувајќи „се сеќавам само на иднината“, сепак останува остроумен и добро запознаен со сите детали.

Критичарите на г-дин Сорос укажуваат на меѓусебно непомирливите контрадикторности од неговиот карактер, како тоа дека своето богатство го стекнал како безмилосен берзански шпекулант, со мала почит за последиците од неговите големи берзански потези, но истото го раздава со месијанска енергичност. Во неговата филантропија тие идентификуваат чувство на потисната вина. Сепак, оние кои добро го познаваат велат дека истата бунтовност и висока толеранција на ризик е дел од сите негови постигнувања, без оглед дали станува збор за управување со фондови или филантропска работа.

„Корените на тоа кој е тој како човек лежат во траумата од адолесцентните години поминати под нацистичкиот и фашистичкиот режим, како Евреин кој ја криел својата националност и кој, на возраст кога се оформувал како човек, бил сведок на најмрачните инстинкти и однесувања на човештвото“, вели Леон Ботстајн, претседател на Колеџот Бард, мала американска школа за либерални уметности, и негов долгорочен соработник.

Роден во еврејско семејство во Унгарија, г-дин Сорос имал само 14 години кога нацистите ја окупирале неговата татковина во 1944 година. Тој ја преживеал окупацијата која ги земала животите на 500.000 Евреи со тоа што кај себе имал лажни документи за идентификација. Под водство на неговиот снаодлив татко Тивадар, кој бил адвокат, семејството било разделено, а младиот Џорџ бил испратен да живее со службеник за земјоделство, преправајќи се дека му е кумашинче. Џорџ го придружувал службеникот при неговите посети за водење инвентар на конфискуваниот имот од Евреите, искуство кое било вон негова контрола, но кое подоцна ќе го прогонува, бидејќи стана основа за гнасните тврдења дека тој соработувал со нацистите.

Она што оставило поголем печат врз г-дин Сорос е настан од претходно, кога бил замолен од еден еврејски совет да достави наредби за депортација до адвокати. „Еден адвокат ми кажа дека тој секогаш бил граѓанин што го почитува законот… и затоа ништо не може да му се случи ако го почитува поредокот“, вели тој. „Тоа остави голем впечаток врз мене. Сфатив дека може да постојат неправедни закони што ги почитуваш на сопствена штета.“

Дури кога комунистите ја консолидирале својата власт во Унгарија, г-дин Сорос, кој тогаш имал 17 години, одлучил да избега од земјата. Заминал за Лондон, каде работел како портир и келнер. Иако на почетокот се чувствувал длабоко недобредојден, Британија му дала стартна позиција во животот. Додека студирал на Лондонската школа за економија, тој потпаднал под интелектуалното влијание на Карл Попер и неговата идеја дека само отворени, демократски општества може да успеат. Подоцна, овие идеи ќе станат основата на неговата филантропска работа.

Воден од натпреварувачкиот дух што му го всадил неговиот татко, кој ги поттикнувал своите синови да спортуваат (тој сè уште игра тенис), во 50тите години, г-дин Сорос заминал да работи на Волстрит како берзански трговец со валути, каде на крајот го формирал неговиот Квантум фонд и станал еден од најуспешните берзански шпекуланти во светот. „Начинот на кој се пробив во правењето пари се должи на фактот дека јас бев еднакво критичен за сопствените одлуки како и за системот“, објаснува тој. „Ги напуштав берзанските позиции што не функционираа, капитализирав на моите победи, и генерално бев првиот што купува и првиот што продава“.

Сепак, тој се издигна на меѓународната сцена по озогласената манипулација од 1992 година против британската фунта, што го принуди Обединетото Кралство да се повлече од Европскиот механизам за курсна размена на познатата „црна среда“. Кратката позицијата што ја изградил на берзата (повеќе склучени обврски отколку хартии од вредност што ги поседува) му донела профит во износ од повеќе од 1 милијарда долари. 

Во тоа време, тој веќе развил блиски пријателства и финансиски поддржувал дисиденти од источниот блок повеќе од една деценија, a првата Фондација Отворено општество ја основал во Унгарија во 1984 година. Меѓу првите корисници на неговата поддршка била и студентска група предводена од г-дин Орбан. Падот на Берлинскиот ѕид донел нова движечка сила за унапредување на неговата либерална агенда, а кога неговиот предлог за Марашалов план наменет за земјите од Источна Европа бил исмеан, тој почнал да го спроведува планот со приватни средства. На пример, во 1992 година тој воспоставил програма во вредност од 100 милиони долари за исплата на платите на научници од поранешниот Советски Сојуз и од балтичките земји, и за дистрибуција на научни списанија до библиотеките. 

Како што студената војна губела на интензитет, г-дин Сорос почнал да ја шири мрежата на својата работа, поддржувајќи најразлични прашања, од миграција до политика за дроги, и залагајќи се за крај на дискриминацијата врз Ромите во Европа, а од неодамна, и врз Рохингите во Мјанмар, каде посетата од пред неколку години му ги вратила спомените за сопствениот прогон од детството. Денес, иако е мета на интензивна кампања за оцрнување, тој има нови цели на ум. Како Евреин што не ја практикува својата религија и кој вели дека човекот го создал Господ според својот изглед, а не обратно, тој размислува за поактивен ангажман во Израел каде е разочаран од контроверзниот закон кој пропишува дека само Евреите имаат право на самоопределување во државата.

„Џорџ постојано се залага за социјални промени, но наместо жолт елек [како протестантите во Франција] и работнички чизми, тој со себе носи чековна книшка и либерална агенда, и никогаш не се откажува“, вели Марк Малох Браун, поранешен британски функционер кој е еден од најстарите пријатели на г-дин Сорос. „Тој не е поборник на кисинџеровата теорија за промена на светот одгоре надолу. Напротив, тој е поборник на идејата дека доколку дадете почетни средства на луѓе со моќни идеи, и ако имате среќа, тогаш тие идеи ќе се развиваат понатаму и ќе го сменат светот.“ 

Г-дин Сорос вели дека тој никогаш не размислувал да се кандидира на избори и оние кои го познаваат се согласуваат дека тој не би бил добар во извршување јавна функција. Импулсивен и склон кон нагло менување на гледиштата, тој е човек со далекосежни идеи кој е отпорен на „бирократско однесување“, како што вели г-дин Малох Браун. Сепак, тој се вгради себеси во дебатите кои ги поларизираат западните општества, и со тоа се изложи на критики за извршување политичко влијание.Како еден од најголемите донатори во претседателската кампања на Хилари Клинтон од 2016 година, г-дин Сорос беше изненаден од изборот на г-дин Трамп (исто така, тој погрешно прогнозираше дека берзата ќе крахира во пресрет на изборната победа на Трамп). Долги години тој не се согласува со начинот на кој работи г-дин Трамп, а еднаш дури и ја одбил понудата за канцелариски простор во една од зградите на Трамп, но со сигурност тврди дека тој е појава што брзо ќе помине: „Тој [Трамп] е сопствениот најголем непријател, тој е нарцис кој сака светот да се врти околу него и кој успеал повеќе од што воопшто можел да се надева“.

На претседателските избори во 2020 година, г-дин Сорос планира да остане неутрален за време на примарните избори во рамки на политичката партија и да го поддржи кандидатот што ќе произлезе од нив како опонент на г-дин Трамп од кампот на демократите. Во блиска иднина, неговата фондација веќе е вклучена во акција што тој смета дека е важна заложба за спроведување праведен попис во 2020 година кој би можел да го реши проблемот со недоволна застапеност на малцинствата.

Според г-дин Сорос, светот е во состојба на револуционерни превривања. Но тој не губи надеж, дури ни за Британија, каде е охрабрен од изгледите за в
тор референдум за Брегзит. Уште едно гласање, вели тој, што треба да се добие со значителна разлика во гласовите бидејќи Британија мора да остане во ЕУ поради убеденост, а не поради чисти економски пресметки.

Тој сè уште е силен поборник на европскиот проект, но гласно зборува и за неговите недостатоци. На некој начин, ЕУ го потсетува на последните денови пред распадот на Советскиот Сојуз, поради фактот дека бриселската бирократија не успева да сфати дека ја губи битката. „ЕУ беше изградена од визионери кои ги знаеја слабостите на тоа што го прават, но имаа причина да веруваат дека кога ќе дојде моментот, ќе се најде доволно политичка волја за следниот чекор напред.“ Сега, вели тој, ЕУ е во рацете на уставни правници „кои наоѓаат правни празнини за работите да се завршат, и затоа работите што треба да бидат едноставни стануваат премногу сложени“. 

Во предвечерјето на својот живот, г-дин Сорос гледа подалеку од неговата импресивна оставина. Иако на почетокот планирал неговата фондација да работи за време на неговиот живот, минатата година тој префрли 18 милијади долари од сопствената семејна фирма на Фондациите Отворено општество. Според магазинот Форбс, таа трансакција го намали неговото лично богатство на 8 милијарди долари, но гарантира дека неговиот активизам ќе продолжи да живее и по него. Исто така, тој веќе го најде наследникот на неговата филантропија, а тоа е син му Александар. „Ние се бориме за принципи; ние се бориме без оглед на резултатот, без оглед дали губиме или добиваме“, вели тој. И потоа додава: „Сепак, не ми се допаѓа што губам толку често.“ 

Џорџ Сорос 
Од син на адвокат до предводник на либералната мисла

1930: Сорос е роден во Будимпешта, Унгарија

1947: Се сели во Лондон и студира на Лондонската школа за економија

1956: Имигрира во Соединетите Американски Држави.

1969: Го основа сопствениот хеџ фонд Сорос фонд менаџмент.

1973: Го основа инвестицискиот субјект Квантум фонд.

1979: Сорос користи дел од своето богатство што го стекнал преку неговиот хеџ фонд за филантропски цели. Неговите први иницијативи обезбедуваат стипендии за студирање во странство за црните студенти од Јужна Африка и за дисидентите од Источна Европа.

1991: Го основа Централноевропскиот универзитет со цел да промовира демократија во Средна и Источна Европа и во поранешниот Советски Сојуз. Иницијално, ЦЕУ е формиран во Прага, но во 1993 година тој се преместува во Будимпешта.

1993: Ја основа Фондацијата Отворено општество. До денес, тој има дадено 32 милијарди долари од личното богатство на фондацијата, која работи во повеќе од 100 земји и поддржува демократија, транспарентност и слобода на изразување.

2011: Инвестицискиот субјект Квантум фонд се затвора за членови кои не се дел од семејството и ги враќа парите на инвеститорите.

2018: Во ноември, Фондацијата Отворено општество го обвинува Фејсбук за ширење погрешни информации и омраза по написот објавен во Њујорк Тајмс дека социјалната мрежа е вклучена во кампања за оцрнување на Сорос.

Во декември, ЦЕУ потврдува дека од септември следната година ќе ги премести студиските програми акредитирани во САД во Виена, по донесувањето на нов закон од страна на унгарската влада.

Каролин Грејди


Оригиналниот текст на Фајненшал Тајмс можете да го најдете тука.
Автор: Рула Калаф
Фото: Reuters

—————————————————

18 април 2019