Деца низ целиот свет се исклучени од училиштата и од образовниот систем заради попреченост, раса, јазик, религија, род и сиромаштија. Но секое дете има право на поддршка од неговите родители и заедницата за да расте, учи и се развива во раното детство и, штом стигне до училишна возраст, да оди на училиште и да биде прифатено и вклучено и од наставниците и од врсниците подеднакво. Кога сите деца се образуваат заедно, без разлика на нивните разлики, сите ги чувствуваат придобивките – ова е камен темелникот на инклузивното образование.
Што е инклузивно образование?
Инклузивно образование е кога различни ученици со различни способности учат заедно во истата училница. Тие се дружат на екскурзии и се заедно на вонучилишни активности. Заедно учествуваат во училишниот систем. И заедно присуствуваат на спортските средби и игри.
Инклузивното образование ја вреднува различноста и уникатните придонеси кои секој ученик ги дава во училницата. Во вистинска инклузивна поставеност, секое дете се чувствува безбедно и има чувство на припадност. Учениците и нивните родители учествуваат во поставувањето на целите за учење и во носењето одлуки кои ги засегаат. Додека, пак, вработените во училиштето се соодветно обучени, флексибилни и имаат поддршка и ресурси за да ги негуваат, охрабруваат и одговорат на потребите на сите ученици.
Зошто е важно инклузивното образование?
Инклузивните системи овозможуваат образование со подобар квалитет за сите деца и играат важна улога во менувањето на дискриминаторските ставови. Училиштата го обезбедуваат контекстот за првата врска на детето со светот вон нивните семејства, овозможувајќи развој на општествени врски и интеракции. Почитта и разбирањето расте кога учениците со поинакви можности и потекло заедно си играат, се социјализираат и учат.
Образованието кое исклучува и сегрегира ја продолжува дискриминацијата против традиционално маргинализираните групите. Кога образованието е поинклузивно, тогаш и концептите за граѓанско учество, вработување и живот во заедницата се исто така поинклузивни.
Нели е подобро да се одделат децата на кои им треба специјализирано внимание?
Одделното, посебно образование не дава гаранција за успех на деца кои имаат потреба од посебно внимание; инклузивните училишта кои обезбедуваат соодветни услови за учење соодветни на контекстот покажуваат далеку подобри резултати. Воннаставните активности, поддршката од врсниците или специјализирани интервенции ја инволвираат целата училишна заедница работејќи како тим.
Кои се основните елементи на инклузивното образование?
- Користење на асистенти, специјалисти кои им помагаат на учениците, но и наставниците да ги адресираат потребите на сите ученици. На тој начин, асистентите го помагаат вклучувањето на учениците со попреченост во образовниот систем и во самата училница. Од друга страна индивидуалната работа со учениците со попреченост, надвор од регуларните часови, не означува инклузивно работење.
- Инклузивна наставна програма која вклучува теми и придонес од маргинализираните и малцинските групи, релевантни за локалната средина. Во неа се избегнуваат бинарни наративи на добро и лошо и се овозможува прилагодување на наставната програма со стиловите на учење на децата со посебни образовни потреби.
- Инволвираност на родителите: Повеќето училишта се стремат кон некое ниво на инволвираност на родителите, но таа е често ограничена на е-пораки и повремени родителски средби. Во разновиден училишен систем инклузијата значи размислување за повеќе начини за тоа како да се допре до родителите и тоа под услови кои им одговараат ним.
Како може да го унапредиме инклузивното образование?
За инклузивното образование да стане реалност, треба да го сториме следново:
- да се погрижиме дека просветните работници се обучени, флексибилни и имаат ресурси да ги учат учениците со поинакви потреби и стилови на учење
- да се погрижиме градинките и училиштата континуирано да добиваат адекватна и одржлива финансиска помош за да можат сите активности и услуги да бидат целосно инклузивни
- да ги поддржиме родителите да го бранат правото на нивните деца на образование во инклузивни опкружувања
- да овозможиме целата заедница – просветни работници, социјалните работници и ученици – да работат заедно и да учествуваат во дизајнот, имплементацијата и мониторингот на образованието, креирајќи рамка за инклузивно образование која ќе биде заедничка одговорност на сите засегнати страни
- да бараме отчетност од владите за спроведување на законски решенија за антидискриминација, инклузија, како и политики за отстранување на пречките за инклузивно образование
Дали инклузивното образование е скапо?
Инклузивното образование не е мерка со која се кратат трошоци. Владите треба да бидат подготвени да инвестираат значителни ресурси во системските реформи како на пример обуки за наставници и вработени; подобрување на инфраструктурата, материјалите за учење и опремата; но и во ревидирање на наставните програми за успешно спроведување на инклузивното образование.
Механизмите за финансирање треба да се реформираат, за да може училиштата кои запишуваат ученици со посебни образовни потреби да ги добиваат потребните финансиски ресурси за имплементација на мерките за инклузивно образование. Како што учениците се пренасочуваат од специјални во обични училишта, така треба да се пренасочи и финансирањето.
Како Фондациите Отворено општество поддржуваат инклузивно образование?
ФОО поддржува промени во политиките и практиките на повеќе начини, вклучувајќи и:
- застапување за детските права, во форма на поддршка на организации на родители на деца со посебни образовни потреби и инвалидитет во Ерменија
- финансирање на емпириски истражувања, вклучувајќи ја и поддршката за организации на млади лица со пречки во развој во Уганда кои ги документираат бариерите за инклузивно образование во земјата
- поддршка на одржливи услуги како вмрежување и можности за дообука за училишта и НВО-а, наставнички и родителски групи
- зајакнување на граѓанските организации кои им даваат глас на младите луѓе и родителите, но и на наставниот кадар, вклучително и организациите водени од родители кои се застапуваат за правата и инклузијата на децата со попреченост во Таџикистан
- соработка со граѓанското општество но и други актери во креирањето на политики, давање техничка поддршка во креирањето на клучни инклузивни образовни политики и практики на национално ниво
- поддршка на влади и институции за пилотирање на докажано успешни модели за инклузивно образование кои лесно може да се реплицираат во националните образовни системи
Како Фондацијата Отворено Општество – Македонија поддржува инклузивно образование?
Нашата работа е фокусирана на промена на политиките и практиките на повеќе начини. Ние:
- Поддржуваме можности за професионален развој и дообука на училишниот кадар но и за невладите организации кои работат во полето на инклузивно образование
- Соработуваме со граѓанските организации и другите актери за развој на закони кои промовираат инклузивно образование, но и за развој на политики и стратегии поврзани со образованието на национално ниво
- Работиме со локалните и централната власт за креирање на системски решенија кои ќе овозможат еднакви образовни можности за сите ученици
- Обезбедуваме образовни ресурси за унапредување на наставата и во основни училишта но и во градинки во земјата
- Соработуваме со рурални училишта и ја поддржуваме наставата на јазиците на малите етнички заедници
- Администрираме програма за стипендирање на Роми
Извор: Фондации Отворено општество: https://www.opensocietyfoundations.org/explainers/value-inclusive-education
—————————————————
28 мај 2019