Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

ЏОРЏ СОРОС, 18 ноември 2020 год.

ЊУЈОРК – Унгарија и Полска ставија вето на предлогот за седумгодишниот буџет на Европската Унија во износ од 1,15 трилиони евра (1,4 трилиони долари) и за Европскиот фонд за закрепнување во износ од 750 милијарди евра. Иако обете земји се најголеми корисници на буџетот, нивните влади силно се спротивставуваат на условеноста со владеење на правото што ЕУ ја усвои на барање од Европскиот парламент. Тие знаат дека бесрамно го прекршуваат владеењето на правото, но не сакаат да ги платат последниците.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и – во помала мера – полскиот де факто владетел, Јарослав Качински, не се толку против еден апстрактен концепт како што е владеењето на правото. За нив, владеењето на правото претставува практична пречка за лична и политичка корупцијата. Ветото е очајно играње коцка од страна на двајца сериски прекршители.

Исто така, тоа е чекор без преседан кој доаѓа во момент кога Европа страда од опасен наплив на случаи со КОВИД-19, и кој целосно ги збуни претставниците на другите земји во ЕУ. Сепак, кога шокот ќе спласне, поблиска анализа покажува дека постои начин да се заобиколи ветото.

Регулативите за владеење на правото се веќе донесени. Во случај да не се постигне договор за нов буџет, стариот буџет – кој истекува на крајот од 2020 година – се продолжува на годишна основа. Унгарија и Полска нема да добијат никакви исплати од овој буџет бидејќи го прекршуваат владеењето на правото.

На сличен начин, фондот за закрепување наречен „Нова генерација на ЕУ“ може да се спроведува преку постапката за зајакната соработка, како што предложи Гај Верховштад. Ако ЕУ го одбере овој пат, ветото на Орбан и Качински може да се заобиколи. Прашањето е дали ЕУ, со германската канцеларка Ангела Меркел како можен предводник, може да изнајде политичка волја за тоа.

Јас сум посветен поддржувач на ЕУ како модел на отворено општество изградено врз владеењето на правото. Како Унгарец со еврејско потекло, јас сум посебно загрижен за ситуацијата во Унгарија каде бев активен како филантроп во период од повеќе од 30 години.

Во Унгарија, Орбан конструираше детален клептократски систем за целосно ограбување на земјата. Износот на средствата со кои тој го збогати своето семејство и пријателите тешко може да се процени, но многумина од нив станаа исклучително богати. Сега, Орбан го користи новиот бран на КОВИД-19 за измена на унгарскиот устав и на изборниот закон (одново), и за сопствено позиционирање како доживотен премиер преку користење на уставните механизми. Тоа е трагедија за унгарскиот народ.

Дозволете ми да дадам неколку примери како Орбан го краде унгарскиот народ. Тој префрли огромни суми јавни средства на голем број приватни фондации коишто лично ги контролира. Преку паметен уставен трик, Орбан сега постојано ги префрла овие средства надвор од јавниот домен. За тие средства да се вратат на унгарскиот народ потребно е дво-третинско мнозинство во Парламентот. Сумите вклучени во овој зафат достигнуваат речиси 2,8 милијарди долари.

Преку серија измамнички трансакции, компании блиски на Орбан набавија повеќе од 16.000 респиратори во име на Унгарија, во вредност од речиси 1 милијарда долари, што го надминува бројот на кревети во интензивна нега и медицинскиот персонал кој знае да ракува со нив. Една анализа на податоците за меѓународната трговија покажува дека, во рамките на ЕУ, Унгарија платила најскапа цена за респиратори од Кина, при што во еден момент таа платила 50 пати поскапа цена од Германија.

Една од овие компании обезбедила и нарачка од Словенија, чијшто премиер, Јанез Јанша, е близок политички сојузник на Орбан. Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) треба да истражи дали ЕУ била измамена. Неодамнешниот договор за набавка на руска вакцина, според кој Унгарија ќе биде првата европска земја што ја користи, треба да биде предмет на истрага.

Во исто време, Орбан се обидува да избегне одговорност за овие дејства и презема чекори да спречи повторување на локалните избори од 2019 година, на кои неговата партија Фидез ја изгуби контролата во општинската влада во Будимпешта и во други големи градови. Тој прави сè што може за да ја лиши Будимпешта од финансиски ресурси, преку ставање вето за апликацијата на градот за заем од Европската инвестициска банка наменет за купување нова опрема за масовен транспорт што овозможува социјално дистанцирање. Будимпешта сега се соочуваа со кусок од 290 милиони долари во нејзиниот буџет за 2021 година. Слични услови се присутни и во другите градови чиишто локални влади не се контролирани од Фидез.

Опозициските партии во Унгарија храбро се обидуваат да му се спротивстават на Орбан преку формирање заеднички листи на кандидати за генералните избори во 2022 година. Сепак, нивните шанси за успех се ограничени бидејќи Орбан може да ги смени правилата во последен момент, како што веќе направи неколкупати претходно. Во склад со тоа, Орбан планира да воведе нови измени во изборниот закон во момент кога пандемијата е нескротлива, во Будимпешта е воведен полициски час, а војската патролира на улиците.

Освен тоа, Орбан има речиси целосна контрола врз руралниот дел од земјата, каде живее мнозинство од населението. Тој ги контролира информациите што тие ги добиваат, а гласањето во многу села не е тајно. Практично нема начин за опозицијата да победи.

Само ЕУ може да помогне. Фондовите на ЕУ, на пример, треба да бидат насочени кон локалните власти, онаму каде сè уште постои функционална демократија во Унгарија, наместо да се слеваат на национално ниво.

ЕУ не може да си дозволи да влегува во компромиси околу одредбите за владеење на правото. Нејзиниот одговор на предизвикот што го наметнуваат Орбан и Качински ќе одреди дали ЕУ ќе опстане како отворено општество посветено на вредностите врз коишто е изградено.

***

Џорџ Сорос е претседавач на Сорос Фонд Менаџмент и на Фондациите Отворено општество. Тој е пионер на индустријата на инвестициски фондови и автор на повеќе книги, како што се: Алхемијата на финансиите, Новата парадигма на финансиските пазари: кредитната криза од 2008 година и што таа значи, и Трагедијата на Европската Унија: дезинтеграција или обнова? Неговата последна книга е Во одбрана на отвореното општество (Public Affairs, 2019 год.).

Извор: Project Syndicate

—————————————————

20 ноември 2020