Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Ни претставува чест и задоволство да Ве поканиме на настанот на којшто ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето спроведено во рамките на проектот „Универзитетската автономија во македонското високо образование: Статус и перцепции“.  Настанот ќе се одржи на 21 јуни (петок) 2019 година,  со почеток во 11:00 часот во Кино Култура во Скопје.

Овој проект го спроведе тим на универзитетски професори од Независниот академски синдикат (НАкС) во соработка и со поддршка од Фондацијата Отворено општество- Македонија (ФООМ). Проектот претставува дел од заложбите на ФООМ за автономни,  одговорни и отчетни универзитети кои со практикувањето на своите академски слободи придонесуваат за економскиот и демократскиот развој на државата и се предводници на општествените промени. Целта на проектот беше да се утврди нивото на оствареност на универзитетската автономија во Република Северна Македонија. Основата на истражувањето ја чини платформата за универзитетската автономија и методологијата креирана од страна на Европската универзитетска асоцијација (ЕУА). Целосниот извештај од истражувањето можете да го најдете на следните линкови: http://www.fosm.mk/mk/Home/Publications?catID=9  и www.naks.org.mk

Независниот академски синдикат (НАкС) е демократска, невладина, непартиска организација на членовите на академската заедница во Република Северна Македонија. Во Академскиот синдикат доброволно се зачленуваат вработените во јавните и приватните високообразовни институции и научно истражувачките установи (факултети, институти, високи школи, универзитети) и други сродни установи, државјани на Република Северна Македонија. Академскиот синдикат е формиран во 2016 година со цел неговите членови на организиран начин да ги изразуваат и остваруваат своите посебни и колективни интереси, да ги подобрат своите професионални, економски, социјални, културни и други општествени интереси, како и правата од работен однос и правото на синдикално организирање.