Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 30 ноември 2018 година, во ГЕМ клубот во Стара чаршија, ќе се одржи промоција на книгите „Популистичкиот ум“ на Ернесто Лаклау, „За политичкото“ на Шантал Муф и „Безбедност, територија, население“ на Мишел Фуко.

„Популистичкиот ум“ на Ернесто Лаклау е една од клучните книги за сите оние кои се занимаваат до политичките идентитети на сегашноста. Огромната теориска наобразба и широките емпириски сознанија на Лаклау, (од различни историски и географски контексти) му овозможуваат храбро да го редефинира теренот на кој се одвива и во кој се создава популистичката политика како на самата суштина на политичкото денес: наспроти постмодернистичките рефлексии за крајот на политиката, овој автор гледа во популистичкиот ум, парадоксално „тотален револуционерен настан кој, предизвикувајќи го помирувањето на општеството со самото себе, ќе го направи политичкиот момент излишен“.

Книгата „За политичкото“ на Шантал Муф се осветлуваат, на извонредно провокативен начин, фундаменталните аспекти на денешната демократија. За Муф, одбраната и радикализацијата на демократскиот проект подразбира прифаќање на политичкото во неговата антагонистичка димензија и напуштање на сонот за помирен свет“. Демократското општество, според Муф, не може да ги прифати за легитимни ривали оние што ги доведуваат во прашање неговите основни институции.

Мишел Фуко, за многумина, еден од најголемите филозофи на ХХ век, во книгата под наслов „Безбедност, територија, население“ги обединува тринаесетте предавања кои ги има одржано на Колеж д`Франс во 1978 година. Неговиот фасцинантен, животен мисловен проект, анализата на механизмите и патот на функционирање на моќта, во оваа книга се претвора во преиспитување на историјата на „управуваштвото“ (gouvernmentalité): од проблемот на регулацијата на населението до управувањето на луѓето. Оваа книга е настан од најголема важност за сите оние кои сакаат да ја разберат сопствената општествена и политичка состојба.

Говорници:

Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк – центар за европски стратегии, промотор на „Популистичкиот ум“ на Ернесто Лаклау
Доц. д-р Ирина Талевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“, промотор на „За политичкото“ на Шантал Муф
Проф. д-р Маја Бојаџиевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“, промотор на „Безбедност, територија, население“ на Мишел Фуко
Санта Аргирова, новинар, Претседателка на УО на ФООМ, модератор