Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Користењето на уметноста како инспирација, но и како акција за иницирање општествени промени има огромен потенцијал. Препознавајќи го овој факт, на обуката учесниците имаа можност да се запознаат пред сé со теоретски основи, но и со конкретни опции за спроведување на уметнички активистички акции кои потенцијално можат да предизвикаат промени во перцепцијата кај здравствените професионалци, но и пошироко, да предизвикаат промени во општеството, и да придонесат кон намалување на негативниот наратив за Ромите.

Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа и тематската програма за јавно здравство при Фондациите Отворено општество, организираше обука „Креативен активизам за менување на наративите за Ромите во здравствените институции“. Обуката се одржа во периодот од 12 до 14 ноември 2018г., во Охрид и на истата присуствуваа претставници од 12 граѓански организации како и заинтересирани поединци.

Граѓанските активисти, преку практични примери, се запознаа со можноста уметноста да се искористи за комуникација со јавноста. Уметноста, уметничките акции беа разгледувани како алатка која ќе овозможи забавен и несекојдневен модел на праќање на пораки со цел да поттикне промена на свесноста кај граѓаните за различностите во општеството и нивно прифаќање од поединците и групите во општеството.

Во рамки на обуката, учесниците најпрво ги дефинираа негативните наративи за Ромите и другите маргинализирани заедници во здравствените институции. Преку индивидуална и групна работа, тие ги претставија проблемите со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, здравствената заштита и пристапот до квалитетна здравствени услуги. Понатаму, преку практична работа, учесниците подготвија планови за комуникација со јавноста во кои ги дефинираа пошироките и потесните целни групи кон кои се обраќаат и испраќаат пораки, опфатија планирање и спроведување на кампања како и дефинирање на клучните пораки согласно целните групи. Во плановите ги вклучија и можностите за користење на креативни и уметнички активности кои би влијаеле врз промена на наративите за Ромите и другите маргинализирани заедници во здравствените институции. Воедно, тие се обучија за начините на изработка и јавно поставување на стенсил-от како форма на уметничка, креативна и визуелна порака, искористувањето на графити и цртежи во јавниот простор како дел од урбаната и современа улична уметност.  Како крајна активност на обуката, учесниците, во групи, подготвија нацрт проекти со план на активности кои имаат за цел менување на наративите за Ромите и другите маргинализирани групи во здравствените институции.