Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Од Путин до Трамп, преку Виктор Орбан и Ши Џинпинг, неколку светски лидери го обвинуваат унгарскиот магнат дека сака да ги симне од власт. Во Шпанија, неговиот главен непријател е партијата Вокс.

Ова е човекот кој ги обединува американската екстремна десница и европската екстремна левица, човекот кој го поврзува Владимир Путин во Русија со партијата Вокс во Шпанија, режимот во Кина со Виктор Орбан во Унгарија. Џорџ Сорос, инвеститор и филантроп, набрзо ќе влезе во 90-та година од неговиот живот, но сè уште има бистра визија, аналитичка острина и иронија што отсекогаш го карактеризирале. Некои го обвинуваат дека сака да ја наполни Европа со муслимански имигранти за да ги разводни христијанските корени на континентот. Други го обвинуваат дека сака да ја уништи Европската Унија за да наметне неолиберални, англо-саксонски вредности. Го прашувам за неговата способност да предизвикува страв од глобални размери. „Горд сум на непријателите што ги имам“, одговора со насмевка. „Мојата работа и работата на моите фондации ја сочинува промоција и зајакнување на отворени општества, и оттука, тоа ми кажува дека правиме нешто исправно“, иако иронично заклучува дека „лошата страна е во тоа што, во моментов, имаме малку премногу непријатели“.

Така Сорос, човек кој, откако ја преживеал нацистичката окупација на Унгарија, ги научил речиси сите суштински лекции што му овозможиле успешен живот во финансискиот свет, но и во светот на филантропијата. Дури и денес, Сорос претставува највидливата инкарнација на идеалите на австрискиот филозоф Карл Попер. Неговите фондации го носат името Отворено општество во чест на еден од најголемите мислители не само за темата слобода, туку и за нејзината кршливост и следствено, за потребата таа неуморно и континуирано да се брани. Сорос и натаму ужива да зборува за двата концепта (рефлексивност и погрешливост) кои ја сочинуваат филозофијата на неговиот живот. Во светот на Сорос никој не ја поседува вистината и мора да ја откриваме преку поставување прашања за реалноста со помош на нашите принципи и вредности.

Со него разговарам преку видео конференција: тој во Њујорк, јас во Мадрид. Лично се запознавме пред повеќе од една деценија кога, заедно со Марти Ахтисари (Нобелова награда за мир), Јошка Фишер, Ема Бонино, Хавиер Солана, Диего Хидалго, Ана Палацио и други европски личности, тој го предводеше формирањето на Европскиот совет за надворешни односи, организација посветена на постигнување Европа со еден глас, обединета во одбрана на нејзините вредности и принципи, а јас се согласив да ја водам канцеларијата во Мадрид. Тоа е само мал дел од филантропската активност којашто досега резултирала со донирање 32 милијарди долари на сродни организации кои промовираат демократија, заштита на човековите права, слобода на мислата и слобода на изразувањето, новинарство, правда, бегалци, како и борба против дискриминација на групи како што се Ромите или ЛГБТИ лицата.

Целта на првата донација, во 1979 година, беше обезбедување стипендии за млади луѓе од Јужна Африка да студираат и да ги надминат бариерите на апартхејдот. Подоцна следува поддршката за опозицијата во Унгарија, со програма за стипендии и фотокопир машини за печатење на нејзиниот ‘самиздат’ (самостојно објавување книги забранети од државата) – набавка што ѝ овозможи да заработи пари од комунистичкиот режим поради неговата апсурдна политика за курсна размена. Од ваквата активност произлезе глобална мрежа на фондации кои, во голема мерка, беа присутни за време на процесите за демократски промени и социјалните трансформации што следуваа по нив, но и во градењето поправеден мултилатерален поредок што се темели на правила и мирно решавање на конфликти.

Во Шпанија, „Сорос ефектот“ претходно беше обвинување што го користеше левицата поради неговата улога во девалвацијата на британската фунта и (како резултат на тоа) на пезетата. Од неодамна, вакви обвинувања повторно се актуелни поради активизмот на партијата Вокс, која ги прифати и ги прилагоди пораките и техниките на екстремната десница во САД. Резултатот од тоа е коктел во кој агитацијата на социјалните мрежи е измешана со дезинформации и лажни вести кои ги шират псевдо-медиуми, аналитичари кои живеат во студијата на информативно забавните емисии и, на крај, со памфлети и клевети (Сорос ја уништува Шпанија) во кои тој не се обвинува само за финансирање и поддршка на сецесијата на Каталонија, туку и дека успеал да се инфилтрира во шпанското општество до толкав степен што, наводно, има контрола или влијание врз различни личности како Федерико Хименез Лосантос, адвокатот на Карлос Пуџемонт, Гонзало Боје и весникот Ел Паиз.

Обвинувањата дека го поддржал и финансирал одвојувањето на Каталонија (за кои Хавиер Солана, Диего Хидалго и Ана Палацио велат дека се еднакво запрепастени) не се никаква новина, но се корисни за разобличување на ваквите кампањи. Пример за тоа е Унгарија, каде Орбан не само што ја поттикнуваше омраза кон Сорос (од чијашто фондација добил грант), организирајќи референдум за тоа прашање, туку и го малтретираше Централноевропскиот универзитет под водство на Михаил Игнатиев, до неговото затворање. Во случајот на Шпанија, не само што не постојат докази дека Сорос го поддржал одвојувањето на Каталонија, туку напротив, како што беше докажано, Русија е таа која се мешала, во договор со каталонските сепаратисти и во линија со кампањите што ги води против другите демократии, преку нејзините официјални медиуми, социјалните мрежи и други сојузници како Џулијан Асанж и Едвард Сноуден. Целта на сето тоа било да се ослаби позицијата на една клучна членка на ЕУ и НАТО во време кога меѓународното внимание било свртено кон руската воена интервенција во Украина и нелегалната анексија на Крим.

За време на нашиот разговор, го прашувам повторно и тој недвосмислено потврдува дека „целосна лага е дека ние промовираме национализам кога, во реалноста, ние претпочитаме меѓународна соработка. Ниту јас ниту Фондацијата Отворено општество немаме заземено каква било позиција за независноста на Каталонија. Тоа е лажно обвинување“.

Крајната цел на дезинформациите не се однесува толку многу на тоа дека ние веруваме во алтернативна вистина – вистината секогаш ќе биде кршлива и лесна за растурање – туку дека распространувањето на тврдењето дека оние кои се на власт ги кријат фактите што би ги издале нивните дејствија прави невозможно ние да ја знаеме вистината. Поради тоа, наместо да трошиме време во негирање на теориите на заговор, ние мора да инсистираме на фактите. Видете ги, на пример, обвинувањата против Сорос дека тој сака да ја ослаби или да ја уништи Европа. Не е важно колку пати тој се покажал, на збор или на дело, како жесток бранител на европското единство. Во текот на разговорот, Сорос не само што се потсетува дека неговата заложба за европски интеграции може да се следи наназад до самото раѓање на европските институции („Јас го гледав“, вели тој, „развојот на Европската Унија од времето на заедницата за јаглен и челик до создавањето на Европска Унија“), но и тоа дека тој ги оправдува сè додека идеалите врз кои почиваат процесот на европски интеграции перфектно се вклопуваат во проектот за отворено општество што имал големо влијание врз неговата севкупна филантропска активност.

Неговата посветеност на Европа продолжува и денес. Неговиот последен предлог во светло на криза како што е ковид-19, чиишто последици сериозно го загрижуваат, се однесува на тоа дека ЕУ треба да издаде „трајни обврзници“ со кои ќе го финансира закрепнувањето на економијата. Идејата беше добро прифатена („Шпанија даде голем придонес во објаснувањето на нејзината важност“, признава тој) бидејќи ваквите обврзници ќе овозможат здружување на многу повеќе ресурси, до 1 трилион евра, по цена од само една десетина (5 милијарди евра годишно), за разлика од издавањето 30-годишна обврзница. Го прашувам за обновувањето на ривалството меѓу северот и југот, меѓу католиците и протестантите, секогаш кога Европа е во криза, а тој истакнува дека, со сигурност, многу луѓе во Холандија не се ниту свесни дека „трајните обврзници биле користени уште во 1648 година кога холандскиот одбор за водите ги издавал за да финансира обнова на насипи.“

Ако непријателите на Сорос се разни, тоа е така бидејќи и непријателите на демократијата се разни. Ова објаснува зошто неговиот активизам не прави разлика меѓу десница и левица, меѓу бои или меѓу земји. Една од неговите најголеми грижи во моментов се однесува на улогата на дигиталната технологија. Во еден од неговите говори неодамна, тој беше критичен кон најголемите дигитални платформи кои ги обвини дека функционираат како монополи што го експлоатираат правото на корисниците за пристап до нивните податоци, па дури и го повика Марк Закерберг да се повлече од Фејсбук – исто како што побара и од владата во Кина. За Сорос, „развојот на вештачката интелигенција и таканаречениот систем на социјален кредит кој Кина го развива се најголемата закана за отвореното општество“.

Завршувам со обид да го намамам Сорос да се обложиме: „Какви се шансите за повторен избор на Трамп?“. „Никој не може да ги обвини Путин или Џи Јинпинг дека не се мудри“, одговара тој иронично, „Трамп – кој исто така сака да биде диктатор – може да биде обвинет дека не е мудар“. “Всушност, Трамп не може да добие втор мандат поради начинот на кој не успеа да се справи со вирусот и со тоа предизвика голем број несакани смртни случаи“. Сепак, предупредува дека: „Единствената шанса [на Трамп] да победи е да ги украде изборите користејќи ја вонредната состојба со вирусот за да воведе мерки кои би ги обесхрабриле луѓето да гласаат преку пошта. Тоа е единствената шанса и тој самиот го признава тоа, дури и доколку тоа ја втурне поштенската служба во банкрот“. Сорос се одјави со предупредување дека не треба да дозволиме коронавирусот да биде последниот удар врз нашите отворени општества во време кога нивните непријатели се толку силни.

Овој напис оригинално е објавен на шпански јазик во дневниот весник Ел Мундо.

Извор: ecfr.eu

Фотографија: CEU/Tuba Zoltan – CC BY-NC-ND

—————————————————

30 јуни 2020