Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

По повод објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Р. Северна Македонија, ЕВРОТИНК со поддршка на Фондацијата Отворено Општество – Македонија организираше прес-конференција на која беа пренесени согледувањата околу оценките за напредокот, како и следните чекори во однос на процесот на евроинтеграција.

Во Извештајот на Европската Комисија, Северна Македонија доби заслужена препорака за отпочнување на пристапните преговори. Оваа препорака несомнено се базира врз признанието дека државата се заложила да испорача резултати во реформите во клучните области од итните реформски приоритети, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и реформата на јавната администрација. Сепак, во најголем дел станува збор за усвојување на ново законодавство и стратешки документи чија имплементација ќе треба допрва да даде резултати. Северна Македонија не е држава во која клучните предизвици во гореспоменатите области се потполно решени. Оценките во извештајот се признание за постигнатото, но истовремено и обврска за иднината, во која граѓаните треба да почувствуваат опипливи резултати.

Дали државите членки на ЕУ ќе дадат зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија, и покрај пофалбите на челниците на Европската Комисија кои го надминуваат вообичаениот дипломатски речник? Во година во која политичките динамики во Европа се непредвидливи и голем дел од политичката енергија ќе се потроши на реконфигурација на политичкиот простор после изборите за Европскиот Парламент и изборните процеси во државите како Грција, дури и најнегативните опции остануваат отворени. Сепак, за Северна Македонија одложувањето на датумот би значело ново загубено време. Помалку е важна иднината на Владата отколку шансата која граѓаните на Северна Македонија би ја пропуштиле.

На настанот беа презентирани и неколку причини поради кои државите членки членки треба да ја разберат големата слика и повеќе да не го одложуваат почетокот на преговори на Северна Македонија.

– Минатите неколку години се доказ дека Северна Македонија има потенцијал да прифати прогресивна промена. Компромисот за името е само еден аспект од потенцијално поширокиот процес на трансформација на државата, но многу работи сè уште остануваат нерешени. Со доаѓањето на постојната политичка елита на власт, барањата за амбициозна реформска агенда и одржувањето силна поддршка за ЕУ и НАТО, граѓаните на Северна Македонија несомнено ја избраа опцијата на стабилност, владеење на правото и движењето напред. На овие граѓани, ЕУ може да им даде механизам за извршување притисок врз сегашната, и врз секоја идна влада, за таа да работи со нив и за нив, т.е. да испорача резултати.

– По 2014 година, во Северна Македонија постои очигледен демократски напредок во кој предводник беа граѓаните. Успехот на приказната е токму во надминувањето на националниот популизам во Македонија. Сепак, таквиот напредок не е неповратен. Пан-европската приказна на Северна Македонија налага пан-европска солидарност. Доколку францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Меркел сакаат да го зајакнат заедничкото европско чувство за заедничка цел, мораат да покажат политичка храброст против реактивните сили. Тоа не се посебни борби, туку два фронта на една иста борба. Одложување на датумот за преговори ќе значи награда за анти-европските сили, и казна за проевропските граѓани на Северна Македонија.

– Преспанскиот договор претставува одраз на европските вредности. Тој дава патоказ за решавање на замрзнатите билатерални конфликти меѓу државите од Западен Балкан. Чинот на созревање на општеството во Северна Македонија треба да се награди, наместо да се користи само како поента во јавните говори.

– Македонските граѓани останаа про-европски ориентирани и покрај цела деценија безизлез и анти-ЕУ агитација која доаѓаше од највисоките претставници во минатата влада. Освен тоа, тие ја надминаа длабоката етничка поделба, која беше експлоатирана од етнократите, за да дадат активна или премолчана поддршка со решавање на спорот за името. Нивните легитимни очекувања се зголемени и треба да бидат исполнети со кредибилни изгледи за членство. Во спротивно, националистите ќе ја понесат моралната победа и може да бараат оправдување за нивните цинични анти-преспански говори.

– Одржувањето на кредибилитетот на проширувањето и на ЕУ како политички фактор е најдобриот одговор на растечките апетити на нелибералните надворешни сили во регионот. Колку повеќе се оспорува принципот на проширувањето, толку послаба се чини ЕУ и толку попривлечни стануваат алтернативните сили.

– Процесот на зближувањето на Северна Македонија со нејзините соседи е споредлив со процесот на пост-военото помирување меѓу Франција и Германија кое беше основата на европскиот проект. Тоа е доказ дека европската идеја може да стане органска и во државите од Западен Балкан.

– Конечно, на крајот на јуни во Грција ќе се одржат генерални избори. Централно-десничарската опозициска партија Нова демократија, предводена од Кирјакос Мицотакис, силно се противи на Преспанскиот договор, барем на ниво на политичка реторика. Доколку Мицотакис го наследи Ципрас на премиерската позиција, голема е веројатноста дека тој ќе го стори она што многу држави-членки веќе го направија, а тоа е забавување на отворањето на поглавјата, како и на целиот процес на преговори за земјите-кандидатки. Ако Северна Македонија ги нема започнато пристапните преговори, таа можеби ќе треба долго да седи во чекалната додека Атина се обидува да испреговара нов Преспански договор пост-фестум. Тоа е уште една причина повеќе за ЕУ да биде храбра во отворањето преговори со Северна Македонија пред изборите во Грција, фокусирајќи го вниманието на резултати што може лесно да се постигнат и на области во кои земјата допрва треба да се зафати со тешки задачи.

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Граѓаните за европски реформи” финансиран од Фондацијата Отворено Општество Македонија.

—————————————————

12 јуни 2019