Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Денес, 27 јуни 2023, се одржа завршната конференција на проектот “Пристап до правда за најмаргинализираните” во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерските организации Станица ПЕТ и ХОПС. Проектот беше финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија и беше имплементиран во периодот од јануари 2022 до јули 2023 година.

Воведни обраќања на настанот имаа г-н Константин Јовановски, програмски офицер при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, г-а Весна Наковска, раководителка на одделението за бесплатна правна помош во министерствоти за правда на Република Северна Македонија и г-а Љиљана Ристевска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија

КОНСТАНТИН ЈОВАНОВСКИ нагласи дека довербата во институциите и пристапот до правда се взаемно зависни. Поглавјата 23 и 24, кои се клучни за пристапот на Северна Македонија кон Европската Унија, не подразбираат само одговарање на прашалникот, туку сите ние подеднакво да имаме пристап до правда, а не тоа да биде привилегија. Јовановски посочи дека преку проектот успеавме да допреме до групи кои имаа ограничен пристап до правда.

ВЕСНА НАКОВСКА истакна дека Министерството за правда останува партнер на сите организации за унапредување на пристапот до правда за сите граѓани. Системот за бесплатна правна помош како единствен формално препознаен од државата и покрај несовршеностите, сепак обезбедува пристап до правда за сиромашните граѓани. Со цел приближување на услугите на министерството до граѓаните беше отворена канцеларија во Шуто Оризари, каде бројните истражувања покажаа дека услугите на Министерството за правда се повеќе од потребни, посочи Наковска.

 ЉИЉАНА РИСТЕВСКА посочи дека проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ претставува континуитет на заложбите на Фондацијата Отворено општество – Македонија за унапредување на пристапот до правда за маргинализираните заедници, кои се во фокусот на работата на ФООМ години наназад. Овој проект покажа колку е важна и неопходна правната и параправната помош за граѓаните, а особено за најмаргинализираните. Во рамки на проектот беа обезбедени повеќе од 5.000 услуги за најранливите граѓани – граѓаните кои се соочија со дискриминација и системско кршење на човековите права, на жртвите на семејно насилство, како и на граѓаните кои имаа потреба од остварување на социјалните, имотните и други права. Фондацијата Отворено општество – Македонија и понатаму ќе продолжи со поддршка за пристап до правдата и правно зајакнување на најмаргинализираните заедници, истакна Ристевска

На завршната конференција беа презентирани постигнатите резултати на проектот и најчестите прекршувања на човековите права, а и се разговараше за Законот за Бесплатна правна помош и правните потреби на граѓаните како основа за понатамошно креирање политики.

Воедно, беа презентирани моделите на правно зајакнување кои вклучуваат бесплатна правна и параправна помош, како и важноста на правните клиники и студентите на правните факултети.

Последниот панел на конференцијата беше посветен на унапредување на системот за правно зајакнување на граѓаните, односно се разговараше за идните чекори и политики за кои ќе се застапуваат организациите, а со цел еднаков пристап до правда за сите граѓани.

—————————————————

27 јуни 2023