Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија издаде нов документ за јавни политики, со наслов „Пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ: Заслуги, придобивки и импликации“

Документот ги разгледува пред сè заслугите на Република Северна Македонија како што се успешното унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка со што се овозможи ефективно решавање на билатералните прашања со соседите, но и забрзување на реформите за поголем економски раст и подобра бизнис клима, како и  подобрената политичка и демократска клима и посветеноста на реформските процеси во повеќе области.

Придобивките од отпочнувањето на овие преговори пак, се разгледани од два аспекта: придобивките на Република Северна Македонија, но и од аспект на Европската Унија и нејзините држави-членки, имајќи предвид дека историскиот проект за европска интеграција може да се финализира само преку интеграција на државите од Западен Балкан, како што нагласи комесарот Хан.

Целта на овој документ за јавната политика е да ги потенцира заслугите на Република Северна Македонија, но и придобивките за двете страни и да ги користи истите како главен аргумент за добивање датум за отворање на пристапните преговори со ЕУ во текот на 2019 година. Од друга страна пак, документот многу сериозно се осврнува и ги нагласува импликациите од недоделувањето датум за отворање на пристапните преговори во 2019 година за обете страни, притоа посебно осврнувајќи се на кредибилитетот и влијанието на ЕУ во државите од Западен Балкан.

Анализите на македонски и англиски јазик можете да ги најдете на следните линкови:

Пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ: Заслуги, придобивки и импликации 

Accession of the Republic of North Macedonia to the EU: Merits, Benefits and Implications

***
Документот за јавни политики е изработен во рамки на програмата на ФООМ концептот „Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ“, чија цел е поддршка на реформските процеси во областите судство, антикорупција и антидискриминација, како приоритети на агендата во процесот на пристапувањето во ЕУ.

—————————————————

12 јуни 2019