Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 на граѓаните од ранливите групи дополнително им го отежна пристапот до правдата и пристапот до институциите, поради што сè поголем број граѓани се обраќаат до здруженијата за обезбедување бесплатна правна и параправна помош.
Во изминативе 11 месеци, откако почна да се имплементира проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“, повеќе од 1.000 граѓани од ранливите групи се обратиле кај граѓанските организации и побарале правна и параправна помош. Правната помош се обезбедува од правници, додека параправната помош се обезбедува на терен, од страна на параправници, кои се дел од заедниците што ги претставуваат и се обучени и имаат знаења за обезбедување помош и советување.
Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје обезбедува бесплатна правна и параправна помош за сексуалните работници и работнички, за лицата кои употребуваат дроги, како и за нивните семејства. Од март 2020 година, ХОПС е овластено здружение за обезбедување примарна бесплатна правна помош на сите граѓани, кое покрај правно советување, им овозможува да поднесат барање за бесплатен адвокат до Министерството за правда.
Здружението за правна едукација и транспарентност – Станица П.Е.Т. од Прилеп обезбеди 752 услуги за семејствата во социјален ризик, лицата од ромската заедница и од руралните средини. Здружението обезбедува правни насоки и асистенција преку своите правници и параправници кои работат на територијата на Прилеп и околните рурални места.
Граѓаните најчесто бараат правна помош од областа на социјалната заштита, вработувањето, домувањето и земјоделската дејност, додека кај параправниците се обраќаат за помош во однос на искористувањето на економските мерки за справување со кризата, образованието, здравствената заштита, социјалната заштита и добивањето лична документација.
За лицата кои употребуваат дроги се обезбедени 473 услуги, поврзани со социјалната заштита и економските мерки за поддршка на граѓаните, разводот на бракови, запирањето на течењето на роковите за правни лекови во судските постапки за време на вонредната состојба, дискриминацијата поради зависност, движењето во време на забрана, но и совети за прекршочни и кривични дела. За сексуалните работници е обезбедена правна помош во 1.571 случај, најчесто за заштита од семејно насилство, насилство од страна на клиентите или полицијата, разводи и родителски права, како и за нерегулирани лични документи, економски мерки за поддршка на граѓаните и слично.
Услугите се обезбедуваат со целосно почитување на протоколите и притоа се преземаат мерки за заштита на граѓаните, правниците и параправниците.
***
Проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ е финансиски поддржан од Европската Унија, а спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија, ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружението за правна едукација и транспарентност – Станица П.Е.Т. од Прилеп.
—————————————————
24 декември 2020