Во јуни 2003 година, во времето кога со Европската Унија последен пат претседаваше една држава-членка која географски, но и по сопствено убедување, му припаѓа на Балканот, за првпат беше утврдена европската перспектива на државите од Западен Балкан. Во завршниот документ од Солунскиот самит се велеше дека: „…Европската Унија ја повторува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на државите од Западен Балкан. Нивната иднина е во рамките на Европската Унија…“, односно дека „…Процесот за стабилизација и асоцијација ќе продолжи да биде рамка за европското придружување на државите од Западен Балкан сè до моментот на формалното пристапување…“.
Од тој самит до денес:
- Хрватска преговараше и стана држава-членка на 1 јануари 2013 година;
- Црна Гора формално ги отвори преговорите на 18 декември 2012 година;
- Србија формално ги отвори преговорите на 21 јануари 2014 година;
- Македонија првпат доби препорака за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ на 14 октомври 2009 година;
- Албанија доби препорака за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ на 9 ноември 2016 година;
- Босна и Херцеговина го доби прашалникот за изработка на аналитичкиот извештај на 9 декември 2016 година, и
- Косово потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, која стапи во сила на 21 јануари 2016 година.
Успехот на само една држава од регионот, должината на процесот, фактот дека другите држави се наоѓаат заглавени некаде на патот, заморот од проширувањето и заморот од економската криза, придонесоа да се изгуби перспективата, а државите-членки и ЕУ да заборават на своето ветување. Притоа, ниту државите од Западен Балкан не помогнаа многу со своето однесување, иако честопати таквото однесување се должеше на изгубената перспектива, но и на изјавата на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер дека во мандатот на неговата комисија нема да има ново проширување. Солун остана само празно ветување, а за Македонија следната дестинација на патот на придружувањето остана непознаница.
Четиринаесет години по Солунскиот самит и четири години по изјавата која веројатно ја предизвика најголемата штета со авторитарните лидери на Западен Балкан, претседателот на Европската комисија се обиде да ја поправи работата со своето годишно обраќање пред Европскиот парламент за состојбите во Европската Унија3. Овој пат, иако повтори дека нема држава која е подготвена да и` се придружи на Унијата, сепак остави простор да се случи ново проширување во догледно време. Веројатно беше среќна околност дека веднаш по ова обраќање претседателството со Советот на Европската Унија го презеде Република Бугарија, која – разбирливо – тргнувајќи од своите интереси како приоритет во својата агенда го најави проширувањето со Западен Балкан. Дополнителна олеснителна околност е фактот дека во јули претседателството го презема Австрија, која на регионот и на неговите односи со Унијата гледа подеднакво како и Бугарија. Веродостојна стратегија во сопствен интерес На 6 февруари 2018 година во Стразбур, пред Пленумот на Европскиот парламент, Европската комисија ја претстави својата нова
Веродостојна стратегија за проширување со Западен Балкан
Со Стратегијата се повтори и се потврди европската перспектива на државите од Западен Балкан и се посочија следните чекори во процесот на пристапување во Европската Унија. Интересно, Стратегијата е првиот документ кој искрено ја посочува состојбата со проширувањето и со иднината на заедничката политика на државите од регионот. Искреноста оди дотаму што со Стратегијата, Европската Унија јасно кажува дека проширувањето со државите од Западен Балкан е од нејзин интерес: „Оваа цврста перспектива за зачленување на државите од Западен Балкан во ЕУ, заснована на заслугите, е од посебен интерес за Унијата – политички, безбедносен и економски.“. Оттаму произлегува дека Унијата ќе биде способна да го заштити својот интерес, но и дека ќе се погрижи за тоа зацртаното да се реализира, имајќи го предвид токму овој интерес. Опишувајќи ја иднината на Европската Унија во 2025 година, во Стратегијата се вели дека „…Унијата мора да биде посилна и постабилна…“ преку низа иницијативи кои треба да ја подобрат „…демократската, институционалната и функционалната рамка…“, а за кредибилноста на сето тоа е потребно Унијата претходно да стане поголема, односно „…политиката за проширување на ЕУ треба да биде дел од поголемата стратегија за зајакнување на Унијата до 2025…“
Повеќе за клучните случувања, информации од состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет како и информации поврзани со политиката на проширување можете да најдете во четвртиот по ред „Дневник на пристапувањето“ на следниот линк:
***
„Дневник на пристапувањето“ е алатка преку која се следи работата на Владата на Република Македонија, развојот на европските политики, имплементирањето на итните реформски приоритети и редовниот политички дијалог меѓу Македонија и Европската Унија или, со други зборови, процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија. Дневникот ќе се обиде да ги анализира клучните случувања, како што се: состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет или друг тип состаноци на високо ниво; различните документи што ги објавува Европската Унија, а се поврзани со политиката на проширување, како и другите глобални случувања што влијаат врз политиките на Европската Унија, а со тоа и врз политиките на Република Македонија. Конечно, преку Дневникот ќе се следат и другите процеси, политики, документи и случувања кои се поврзани со стратегискиот приоритет на Македонија – да стане дел од ЕУ и од НАТО. Во своите поединечни записи, Дневникот ќе анализира, ќе утврдува репери, ќе предлага алтернативи на политиките и ќе застапува одредени решенија.
—————————————————
17 април 2019