Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Студентите во студентскиот дом „Стив Наумов“ од денес ќе можат непречено да ги користат обновената читална, опремената библиотека и обновениот двор благодарејќи на студентската акција на дел од студентите сместени во домот „Стив Наумов“ и членови на Младинскиот образовен форум.

Студентската акција се фокусираше на уредување на просторот на постоечката читална и дворот во студентскиот дом, бидејќи тоа се заеднички простори кои на студентите им се особено потребни. Преку отворената донаторска акција, се опреми и библиотеката која е поставена во самата читална. Донаторската акција за книги и литература ќе биде отворена и понатаму, односно и по официјалното отворање на обновената читална, а сите заинтересирани ќе можат да дадат свој придонес во збогатувањето на библиотечниот фонд во „Стив Наумов“.

Оваа акција е прва од низата студентски акции кои Младинскиот Образовен Форум ќе ги спроведе во државните студентските домови „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“, а кои ќе се случат во текот на јуни 2019 година. Активностите се во рамки на проектот „Студентски домови без корупција чија примарна цел е поттикнување на институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување на други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.

Проектот е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

3 јули 2019