Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На

28 февруари 2022 година, Мрежата за заштита од дискриминација одржа завршна конференција посветена на социјалната правда и нееднаквоста, како клучни проблеми на нашето општество, што со децении наназад генерираат сиромаштија и социјална нееднаквост за едни, а незаконски привилегии за други лица.

Настанот беше модериран од Маја Атанасова, правничка од Македонското здружение на млади правници, а воведен збор зеде Кире Миловски, програмски координатор од Фондацијата Отворено општество – Македонија, кој ги најави презентациите на наодите и препораките од двете истражувања што Мрежата ги спроведе во 2021 година. Во своето излагање Миловски се осврна на целите и потребите од овие истражувања: „Потребата за првото истражување „секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: дискриминација, здравје и релации“ од авторите Ана Блажева и Славчо Димитров, произлезе од долгогодишните искуства и согледувања за неповолната позиција и мноштвото неповолни фактори што ги засегаат маргинализираните социјални, етнички и сексуални малцинства. Токму затоа идејата беше да се опфатат различните аспекти и влијанија врз позицијата на малцинствата и нивната маргинализација преку субјективните искуства и доживувања на дискриминација и неправда, и нивната севкупна здравствена и социјална состојба.“

„Извештајот од мониторингот на примената на законот за социјална заштита во делот на социјалните услуги“ од авторките Тона Карева, Христина Здравеска и Антигона Аљили, дава оценка на функционалноста на постојните услуги за социјална заштита, со осврт на спроведувањето на постојниот Закон за социјална заштита и функционалноста на центрите за социјална работа и другите даватели на социјални услуги. Истиот се фокусира на три целни групи, и тоа Роми, жени жртви на насилство и лица со попреченост, токму поради нивната специфична положба во општеството. Поради специфичната положба во општеството на овие групи, тие секојдневно се соочуваат со дискриминација и неможност да се интегрираат во општеството и во голем дел се зависни од социјални трансфери“.

Миловски истакна дека највисок приоритет на Фондацијата Отворено општество – Македонија е заштитата и подобрувањето на животот на маргинализираните граѓани и дека во оваа насока е и континуираната поддршка на Мрежата за спречување и заштита од дискриминација уште од нејзиното формирање во 2010 година па се до денес.

Во 2022 година фокусот на поддршката ќе биде ставен на унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквоста, а со цел придонес кон градењето на поеднакво општество преку унапредувањето на политиките и практиките за спречување и заштита од дискриминација.

Во воведниот панел на конференцијата, Елена Петровска, програмска координаторка од Коалиција МАРГИНИ и координаторка на Мрежата за заштита од дискриминација, ја претстави целокупната работа на Мрежата во областа на застапувањето за закони и јавни политики, обезбедувањето на правна помош и истражувачка работа, и ја презентираше новата веб-страница на Мрежата, каде секој би можел да пријави дискриминација и/или се информира за организациите членки од Мрежата и нивните сервиси за обезбедување на бесплатна правна помош и друг тип на услуги во случаи на дискриминација.

Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција МАРГИНИ, која ја модерираше дискусијата поврзана со публикувањето на истражувањето „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: Дискриминација, здравје и релации“, во авторство на Ана Блажева и Славчо Димитров, истакна дека: „Оваа публикација претставува едно сеопфатно аргументирано, а истовремено и исклучително топло и емотивно четиво. „Пресреќна сум што имаме истражување кое успева да се измолкне од некоја капиталистичка логика, што нема намера да ги штити или штеди системите, туку е фокусирано на луѓе“.

Истражувањето има за цел да даде приказ како дискриминацијата и неправдата влијаат врз секојдневието, ги обликуваат искуствата и светогледите и ги врамуваат социјалната положба, релациите и световите на маргинализираните социјални, етнички и сексуални малцинства, односно на трите избрани целни заедници: текстилни работнички; Ром(к)и; лезбијки, бисексуалци и геј-мажи (ЛБГ).

Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, го модерираше вториот панел кој го вклучи претставувањето на „Извештајот од мониторингот на примената на Законот за социјална заштита во делот на социјалните услуги во периодот јуни 2019 – јули 2021“ , од авторките Тона Карева, Христина Здравеска и Антигона Аљули. Извештајот зборува за важноста од обезбедувањето на квалитетни социјални услуги во ублажувањето на сиромаштијата и промовирањето на самостојно и пристојно живеење на граѓаните. Авторките се осврнаа на донесувањето на новиот Закон за социјална заштита од 2019 година, кој даде законска основа за воспоставување нови услуги кои ќе им помогнат на одделни групи полесно да се информираат, интегрираат, ресоцијализираат и воопшто, поедноставно да функционираат во заедницата во која живеат. Нивниот извештај даде оценка на функционалноста на постојните услуги за социјална заштита, со осврт на спроведувањето на постојниот Закон за социјална заштита и функционалноста на центрите за социјална работа и другите даватели на социјални услуги. Текстот се фокусира на три целни групи, и тоа Роми, жени жртви на насилство и лица со попреченост, кои токму поради специфичната положба во општеството, секојдневно се соочуваат со дискриминација и неможност да се интегрираат во општеството и во голем дел се зависни од социјални трансфери.

Видео-записот од целата конференција можете да го најдете на:

https://www.facebook.com/mrezazazastitaoddiskriminacija/videos/993040701629622

 

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници“ а финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

—————————————————

1 март 2022