Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Ангажманот на локалните заедници за прашања кои се од локален интерес е особено значаен за подобрување на работата на локалните власти и подобро исполнување на очекувањата на граѓаните. Граѓаните кои делуваат активно во своите заедници, кои ги детектираат локалните проблеми и алармираат за нив соодветно, отвораат важни локални прашања и преку тоа имаат можност директно влијаат на работата, агендата и приоритетите на локалната власт.

Фондацијата Отворено општество – Македонија ги поддржува граѓаните во нивните напори да направат промени кон подобро. Креативниот активизам, како форма на граѓански активизам,  јасно ги визуелизира проблемите, и е одличен начин како локалните заедници да ги детектираат проблемите и како да придонесат кон побрзо и поефикасно нивно решавање. Токму преку оваа методологија за креативен активизам Фондацијата ги поддржува локалните активистички јадра од Тетово, Битола и Штип и им дава можност активно да учествуваат во подобрувањето на условите за живеење во нивните локални заедници.

 

Овие локални активистички јадра од Тетово, Битола и Штип кои се дел од програма за обука по методологијата „креативен активизам“ водена од  македонскиот тим за креативен активизам во соработка со Центарот за креативен активизам од Њуjорк, се сретнаа на 21 и 22 октомври 2019 г. во Хотел Романтик во Велес и разменија искуства кои понатаму ќе им помогнат при осмислување и подготовка на активистичките акции во нивните градови. Директни размени на идеи за тоа како локалните заедници се справуваат со проблемите во своите градови ќе придонесе кон подобрување на политиките  кои влијаат врз развојот на локалната демократија. На оваа средба активистите од Тетово, Штип и Битола покрај размената на лични искуства, соработуваа и со претставниците на Центарот за креативен активизам од Њуjорк, САД како и македонскиот тим за креативен активизам, кои беа присутни на средбата.