Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Домашната иницијатива за реформи и подобрениот имиџ на државата кај меѓународната заедница ветуваат дека 2018 година може да биде година на значајни промени во политиката за проширување и поместување во процесот на пристапување. 2018 може да биде „година на шансата“, а комбинацијата на иницијативата за реформи, подобрениот имиџ и идниот развој на настаните укажува на две можни сценарија.

Првото, најдобро сценарио за државата во оваа 2018 година, кое го нарекуваме „Низ иглени уши“, претпоставува дека контекстот што претходно го елабориравме, комбиниран со дополнителен надворешен притисок и поддршка од неколку клучни држави-членки, би значел решавање на спорот за името или, во најмала рака, негово ставање во рамка. На тој начин би се овозможило ефектуирање на препораката за отворање на преговорите и почеток на скрининг-процесот.

Второто сценарио, т.н. „Изневерени очекувања“, претпоставува успех на реформите и неуспех во решавањето на спорот за името. Тоа би го спречило ефектуирањето на препораката за почеток на преговорите, а последиците ќе бидат намалување на реформската активност, разочарување на јавноста до степен „СДСМ да се претвори во ВМРО“ и запаѓање во нов негативен циклус, како во периодот по Самитот на НАТО во Букурешт.

Главната разлика меѓу првото и второто сценарио е решавањето на спорот за името. Веројатно нема такви на кои не им е јасно дека спорот за името формално не е дел од процесот за пристапување во НАТО и во ЕУ, но суштински и едното и другото пристапување зависат исклучително од неговото решавање. Поврзаноста оди дотаму што има такви во сите сектори во власта, опозицијата и во граѓанското општество, кои се уверени дека „Македонија може да не спроведе ниту една од планираните реформи, но ако го реши спорот за името, Советот на ЕУ сепак може да `и определи почеток на преговорите.“ Сепак, не смееме да заборавиме дека прашањето за името е одделен преговарачки процес што се води под покровителство на ООН. Притоа, кога станува збор за прашањето за името, логиката на меѓународните односи вели дека Македонија може да стори сè, да ги преземе сите чекори, а на крајот, сепак, да нема решение. Ако ја имаме предвид посебноста на овој преговарачки процес и неговото влијание врз пристапувањето во НАТО и во ЕУ, како и тоа дека тој претставува некаков паралелен процес, тогаш можеме слободно да кажеме дека пристапувањето во НАТО, а особено во ЕУ, ќе се заснова на чекорите 1, 3 и 4, односно на: 1) подобрувањето на односите со соседите; 3) интензивирањето на меѓународната комуникација на државата со државите-членки (на сите нивоа), и 4) обновениот реформски процес, преку усвојување и имплементација на Планот 3-6-9.

Повеќе за клучните случувања, информации од состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет како и информации поврзани со политиката на проширување можете да најдете во првиот „Дневник на пристапувањето“ на следниот линк: http://www.fosm.mk/mk/Home/Publication?newsID=11539&catID=9&pageIndex=1

***

„Дневник на пристапувањето“ е алатка преку која се следи работата на Владата на Република Македонија, развојот на европските политики, имплементирањето на итните реформски приоритети и редовниот политички дијалог меѓу Македонија и Европската Унија или, со други зборови, процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија. Дневникот ќе се обиде да ги анализира клучните случувања, како што се: состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет или друг тип состаноци на високо ниво; различните документи што ги објавува Европската Унија, а се поврзани со политиката на проширување, како и другите глобални случувања што влијаат врз политиките на Европската Унија, а со тоа и врз политиките на Република Македонија. Конечно, преку Дневникот ќе се следат и другите процеси, политики, документи и случувања кои се поврзани со стратегискиот приоритет на Македонија – да стане дел од ЕУ и од НАТО. Во своите поединечни записи, Дневникот ќе анализира, ќе утврдува репери, ќе предлага алтернативи на политиките и ќе застапува одредени решенија.

—————————————————

17 април 2019