На 10 јуни 2021 година, на млечната фарма „Пожаренка“ во село Славеј, општина Кривогаштани, Здружението на граѓани ЛАГ Агро Лидер организираше завршен настан во рамки на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи на ниско-платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, а финансиски подджан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Настанот симболично беше наречен „Селанска буна“, по историскиот роман на хрватскиот писател Аугуст Шеноа од 1877 година, а во кој е претставена борбата на хрватските селани со феудалците и тогашната аристократија.
Кире МИЛОВСКИ, програмски координатор при Фондацијата Отворено општество – Македонија ја истакна поддршката на Фондацијата обезбедена преку заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 на Фондациите Отворено општество, а со цел да се ублажат социо-економските последици од влијанието на Ковид-19 за ранливите групи. Целта на овој проект беше подобро да се разбере ефектот од владините политики врз ранливите групи, а и да придонесе во ублажувањето на социо-економските последици за нив.
Пандемијата од КОВИД-19 ја издигна потребата од воведување на дигитализацијата во земјоделскиот сектор, и воведување на е-продажба на свежи или преработени земјоделски и сточарски производи од земјоделски стопанства. За да даде придонес во подобрување на социо-економскиот развој на земјоделските стопанства, Здружението за рурален развој Локална Акциона Група АГРО ЛИДЕР своите активности ги насочи токму кон воведување на он-лајн продажба на свежи и преработени земјоделски производи преку креирање на онлајн платформата Домашно.мк.
Преку публикацијата „Положбата на руралните жени во македонското општество“, се направи еден вид на анализа преку која се идентификуваат најважните проблеми и предизвици на жените во руралните средини, во поглед на пристап до права и услуги од социјална и здравствена заштита, а воедно и од аспект на можности за нивен професионален развој и активно вклучување во економски активности.
Досегашните донации од страна на Фондацијата за ранливите категории на граѓани се во износ до 1 милион долари, преку кои освен што ги помагаме социјално загрозените граѓани, овозможивме подобрување на капацитетите и кај здруженијата и тинк тенк организациите што придонесува во развој на граѓанското општество и во време на криза и нивно директно влијание врз креирањето на политиките.
Марина Тодоровска, програмски координатор во ЛАГ Агро Лидер детално ги претстави активностите на ова здржение во изминатиот период како и за идните планови за дејствување како и понатамошното опстојување и развој на платформата домашно.мк.
Од страна на претставникот на тинк тенк организацијата Аналитика Борче Треновски, беа претставени заклучоците и препораките од „Анализата на ефектот од КОВИД-19 врз работниците кои се дел од неформалната економија и привремено вработените работници, преку предлог мерки за нивна поддршка“ а која исто така беше изработена во рамките на овој регионален проект, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
—————————————————
10 јуни 2021