Мрежата за заштита од дискриминација во рамки на проектот „Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници“ а финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, подготви Извештај од истражувањето за влијанието врз благосостојбата и здравјето на маргинализираните заедници, насловен како „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: дискриминација, здравје и релации“, од авторите Ана Блажевска и Славчо Димитров.
Потребата за ова истражување произлезе од долгогодишните искуства и согледувања за неповолната позиција и мноштвото неповолни фактори што ги засегаат маргинализираните социјални, етнички и сексуални малцинства. Идејата е да се опфатат различните аспекти и влијанија врз позицијата на малцинствата и нивната маргинализација преку субјективните искуства и доживувања на дискриминација и неправда, и нивната севкупна здравствена и социјална состојба.
Целта на истражувањето е да се разбере како дискриминацијата и неправдата влијаат врз секојдневието, ги обликуваат искуствата и светогледите и ги врамуваат социјалната положба, релациите и световите на дискриминираните заедници.
Дискриминацијата во истражувањето не се третира исклучиво како формално отсуство на еднаков и доследен третман, туку како отсуство на суштествена, системска и структурна еднаквост, која покрај редистрибуција на добра, ги опфаќа и личната/субјективна позиција, психо-физичкото здравје и добросостојба, и социјалната динамика.
Фокусот не е ставен исклучиво врз еднократни или повторливи дејствија, кои законски можат лесно да бидат идентификувани како акти на дискриминација, сакаме да ги истражиме искуствените, афективните и социјалните ефекти на социјалната неправда и нееднаквост, видлива преку широките и историски наталожени институционални пречки за развојот на вредностите, визијата за добар живот, развојот и практикувањето на капацитетите, изразувањето на сопствените искуства и потреби, како опресија, од една страна, и доминација, односно како институционални пречки за себеопределување и определување на сопствените дејствија и условите на дејствување, од друга страна (Young 1990: 33-37).
Комплексноста на феноменот и мултиперспективноста на пристапот овозможуваат поцеловита, но и послоевита анализа која потоа може да се користи во развивање на различни (социјални, здравствени, образовни) политики и мултисекторски пристап во справување со дискриминацијата и нејзините конкретни и материјални ефекти. Во истражувањето се опфатени три целни заедници: лезбијки, бисексуалци и геј-мажи, текстилни работнички и Ром(к)и, со цел да се испита влијанието на сексуалната ориентација, родот, класата и расата.
Извештајот може да го преземете на следниот линк
Во продолжение се клучните наоди, заклучоци и препораки претставени преку инфографици.
—————————————————
1 март 2022