Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Со цел да се акцентира потребата од вклучување на сите чинители – државните институции, училишната управа, наставниците, стручната служба и родителите, во обезбедувањето превенција на менталното здравје уште од најмала возраст, но и на навремена и соодветна поддршка и помош на сите оние на кои им е неопходна, денес се одржа седмото издание на традиционалниот настан SPEECH4TEACH.

Он лајн настанот на тема „ГОВОРИМЕ ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ“, се одржа на платформата ZOOM, во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ Speech4Teach, како дел од активностите на проектот „Образование на помалку бројните етнички заедници“.

Во рамки на настанот, премиерно беше споделено првото, од планираните три едукативни видеа, Говориме за менталното здравје кое можете да го погледнете подолу, а во кое експерти и практичари даваат свои видувања за потребата од менталното здравје и неговата важност за хуманиот, физичкиот и социјалниот капитал во заедницата.

По проекцијата на видеото следуваше дискусија на која присутните учесници имаа можност да им постават прашања на проф. д-р Димитар Боневски, прим. д-р Мери Бошковскa, проф. д-р Александра Каровска, проф. д-р Огнен Спасовски, училишниот психолог Ана Попризова и психологот психотерапевт Радмила Живановиќ, кои се појавуваат како говорници во видеото.

Настанот заврши со заклучокот дека е неопходно да работиме заедно нашите училишта да бидат инклузивни и безбедни средини за учење и растење во кои има  подеднаква грижа за благосостојбата и постигањата на секое дете. Само така навистина инвестираме во иднината и градиме правични и отворени општества.

Погледнете го видеото на тема „Говориме за менталното здравје“ тука

—————————————————

6 декември 2021