Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На првиот регионален, онлајн настан на тема “Влијанието на Ковид-19 кризата врз ранливите групи во земјоделството” кој се одржа на 17 март 2021 година, 40тина претставници на граѓански организации од Западен Балкан дискутираа како може да се поддржат ранливите заедници, особени жените-земјоделки  од руралните средини, во процесот на закрепнување од Ковид-19 кризата, но и како на долг рок да се изгради отпорност кон ваков тип на шокови кај овие заедници. Учесниците заклучија дека клучен предизвик е да се овозможи економски просперитет, каде структурните бариери се редуцирани, а традиционалните родови норми и стереотипи се надминати.

Марина Тошеска од ЛАГ Агролидер, како претставник од Северна Македонија, потенцираше дека  за време на кризата само дополнително се зголеми веќе диспропорционалниот товар врз жените, кои се грижат за домаќинството, работат прекаритетни работи каде не уживаат основна заштита при работа, и во значително поголем обем се жртви семејно насилство.

Според истражувањето кое вклучува 400 жени од Пелагонскиот регион, руралните жени се често неформално вработени, без социјална заштита, за време на кризата во голема мера загубиле работа, додека истовремено се очекува да се грижат за домаќинството во кое може да има болен член или деца чиј образовен процес се случува во домашни услови. Дополнително, кај оваа ранлива категорија евидентирано е значително присуство на чувство на изолација, губење на социјалните контакти и мрежата на поддршка која меѓусебно си ја овозможуваат. На овој начин, значително е ограничена и размената на информации.

ЛАГ Агролидер, во рамки на поддршката од овој проект, разви дигитална платформа www.domasno.mk, која е претежно наменета за жени-земјоделки, и со која традиционалното продажно место се заменува со дигитално, на овој начин овозможувајќи континуитет во продажбата на земјоделски и друг вид на производи, а со тоа и стабилен приход за оваа ранлива заедница.

Фетах Елези од Association for Plant Genetic Resources од Албанија, го презентираше моделот на земјоделска задруга кој го тестирале во селото Baltëz (целата презентација може да се најде на овој линк).

Оливера Вуковиќ од SeCONS од Србија, презентираше истражување во кое беа разгледувани различните трендови на мобилност и вработувањето особено во земјоделството, кај жените од руралните средини, како и ефектот на Ковид-19 врз овие трендови (целата презентација може да се најде на овој линк).

На настанот се обрати и Линда Балера, од Communications and Public Relations Manager, Promoting Private Sector Employment (PPSE) од Косово, која зборуваше за тамошните искуства.

Сите учесниците споделија информации за програмите и мерките кои (не) ги донесоа владите во регионот, во поддршка на ранливите заедници, особено жени во време на Ковид-19, притоа потенцирајќи ја потребата за родов меинстриминг со цел избегнување на политиките кои не се сензитивни за родовите разлики и само ја зголемуваат нееднаквоста.

Овој настан е дел од серија на настани организирани од регионалната платформа на граѓански организации, воспоставена во рамки на проектот “Поддршка за ублажување на социо-економските последици од влијанието на Ковид-19 за најранливите групи граѓани ”, кој заеднички го спроведуваат Фондацијата Отворено општество – Македнија,  Open Society Foundation Albania (OSFA)Open Society Fund Bosnia & Herzegovina (OSF BH)Kosovo Foundation for Open Society (OSF Kosovo), и Open Society Foundation Serbia (OSFS).

—————————————————

23 март 2021