Денес се одржа конференцијата “Како понатаму? Реформите на јавната администрација по јунскиот Европски совет”, завршен настан на европскиот проект “Граѓанска алијанса за транспарентност” имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии.
На конференцијата учествуваа владини функционери, амбасадори, претставници на делегацијата на ЕУ, граѓански организации и новинари кои дадоа осврт на состојбата, но и за можностите и предизвиците во реформата на јавната администрација, особено по јунскиот Европски совет.
Во изминатиов период (2017-2019), преку проектот беа постигнати исклучителни резултати особено важни како за јавната администрација, а особено за граѓаните и граѓанското општество: граѓанските организации ги изградија своите капацитети за вршење на мониторинг врз јавни политики, особено во областа реформа на јавната администрација, а се зголеми и фондот на информации врзани со реформата на јавната администрација. Воедно граѓанските организации учествуваа во 4 работни групи работни групи кои ја подготвуваа Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022, со што беше извршено значително влијание врз нејзината содржина. Дополнително, тековниот мониторинг на имплементацијата на Стратегијата несомнено ја забрза динамиката на нејзиното спроведување.
Санта АРГИРОВА, Претседателката на Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество – Македонија ја отвори Конференцијата и истакна дека и во состојба на значителни политички случувања кои влијаеа врз реформата на јавната администрација, сепак донесени се добри законски решенија и стратегии, чија квалитетна имплементација треба допрва да се случи. Таа потенцираше дека неспорно е дека отпочнувањето на преговорите ќе ја забрза трансформацијата, која неопходно ќе следи како дел од преговорите и приближување на македонското до европското законодавство. Меѓутоа, таа истакна дека реформите ги реализираме пред се’ за себе, за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Фондацијата Отворено општество – Македонија, потенцираше Аргирова останува посветена на заложбите за поголемо и посуштинско учество на граѓанското општество во креирањето на јавни политики, што беше и една од целите на овој проект.
Дамјан МАНЧЕВСКИ, Министерот за информатичко општество и администрација истакна дека датумот за преговори, не треба и нема да влијае на реформите на јавната администрација, а плановите на МИОА и овој јунски Европски совет нема да ги одложи. Министерот нагласи дека МИОА продолжува и со проектот со дигитализација но и со работата на Закон за висока раководна служба се работи на механизми за избор на раководна служба кои ќе овозможат за граѓаните да се сигурни дека секој кој ќе биде избран за јавна служба ќе биде навистина соодветен за таа позиција и дека не е политиката главна во изборот на таа служба. Ја оцени соработката со граѓанското општество како неопходна поради експертизата со која располагаат граѓанските организации. Според него, во наредниот период, еден од поголемите предизвици за МИОА е хоризонталната координација односно меѓу-институционалната соработка во функција на реформа на јавната администрација, како и промената на перцепцијата на граѓаните за работата на администрацијата.
Kristian TIMONIE, Амбасадорот на Франција, истакна дека реформата на јавната администрација е многу важен дел во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ. Амбасадорот беше категоричен дека и покрај добрата оцена за земјата во извештајот на ЕК, Република Северна Македонија треба активно да работи на суштински реформи и да се справи што поскоро со корупцијата која е особено видлива во администрацијата. Тој ги поздрави заложбите на Министерот Дамјан Манчевски, кој посветено работи на реформите, но ги потенцираше предизвиците кои МИОА и целата Влада во наредниот период треба да ги надминат како што се потребата за суштински, квалитативни, а не квантитативни реформи како и професионализацијата на администрацијата наспроти постојната состојба на партизација администрацијата.
Според Freek JANMAAT, Раководител на секторот за операции во Делегацијата на Европската Унија во Скопје истакна дека не постои опција за забавување на реформите, тие мора да продолжат бидејќи јавната администрација е една од клучните области заедно со реформите во правосудството и владеењето на правото, која вистински ќе го трансформира општеството. Реформите треба да се спроведуваат транспарентно и отчетно и во соработка со сите чинители бидејќи сите овие реформи им служат на граѓаните. Пристапот треба да е координиран, односно сите институции треба да се вклучат во спроведувањето на РЈА. Како и другите говорници, ја истакна важноста за професионализација на администрацијата и вклученоста на граѓанското општество во процесот на РЈА. Тој истакна дека и покрај тоа што е доста направено за да се унапредат услугите за граѓаните, особено важно е истиот тренд да продолжи – ЕУ очекува да види резултати како што се функционален регистар на населението, национални портали за електронски услуги, реорганизирање на институции, итн.
Miroslawa BORZYCZKA, Координаторка за Република Северна Македонија при СИГМА, потенцираше дека реформата на јавната администрација е процес кој реално никогаш не завршува. Кога ќе се стигне до некое ниво со кое сите чинители во моментот се задоволни, сепак, станува очигледно дека работата треба да продолжи и понатаму, постојано да се прават промени, прилагодувања и подобрувања, а сето тоа е во интерес на граѓаните и во интерес на подобрувањето на нивното искуство при контакт со институциите. За неа професионализацијата на јавната администрација е клучна, а вработувањата и отпуштањата треба да се базирани на систем на заслуги, бидејќи само така ќе се излезе од магичниот круг во кој се наоѓа земјата сега.
Повеќе за проектот Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации можете да најдете на: http://www.fosm.mk/mk/Home/Page?catID=118 или на https://www.facebook.com/CSOWatchdogOverPAR/
Сите документи изработени во рамки на проектот детални анализи, документи за јавни политики и истражувања кои се однесуваат на повеќе сегменти од реформата на јавната администрација можете да ги најдете на следниов линк: http://www.fosm.mk/mk/Home/Page?catID=118
—————————————————
3 јули 2019