Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Отпадот претставува глобален проблем кој сериозно влијае врз економијата, животната средина и врз севкупното живеење. Моделот на кој функционира традиционалната економија – земи, направи, употреби, фрли и загади, веќе се заменува со моделот на кружна економија односно затворен кружен процес кој во секоја фаза се води грижа за отпадот кој треба да се намали, да се рециклира и да се реупотреби.

 

Текстилниот отпад конкретно, претставува сериозен еколошки проблем, со огромен потенцијал за негова реупотреба како суровина за производство на нови материјали. Во Македонија, со околу 35.000 вработени и повеќе од 600 милиони евра годишен извоз, текстилната индустрија е една од водечките индустриски гранки, и истата произведува околу 700 тони отпад годишно. Општина Штип, со околу 80 текстилни компании е општина со најразвиена текстилна индустрија во државата, каде всушност и се создава најголемата количина на нерешен текстилен отпад. Кога се зборува за текстилен отпад, вреди да се спомене и текстилниот отпад кој се генерира од домаќинствата (како на пример износените алишта), а кој исто така претставува сериозен проблем кој ја загадува животната средина. За овој отпад конкретно во Македонија не постојат релевантни исражувања и информации кои ќе ни овозможат да осознаеме колку е овој проблем голем и кои се можностите за негово решавање.

 

Текстилниот отпад всушност е огромен потенцијал бидејќи е евтина суровина за производство нови материјали со додадена вредност. Но, иако потенцијалот за рециклирање и повторна употреба е голема, сѐ уште не постои иницијатива за поттикнување на оваа можност. Еден од факторите кои влијаат врз ваквата состојба е и немањето на релевантни информации за тоа што значи намалено количество на отпад од една страна и кои се можностите за генерирање на профит од истиот од друга.

 

Фондацијата за развој на локалната заедница Штип (ФРЛЗ Штип), во својот нов проект „Редуцирај, реупотреби, рециклирај  – бизнис модели за употреба на текстилниот отпад“ поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија ќе се фокусира токму на потенцијалите на текстилниот отпад и тоа на локално ниво, онаму каде и се создава најголемата количина текстилен отпад, во Штип.

 

Преку овој проект тие ќе истражат и ќе промовираат одржливи модели за употреба на текстилниот отпад како можност за бизнис на социјално ранливите групи. Поаѓајќи од фактот дека не постојат релевантни податоци врзани со текстилниот отпад како индустриски така и од домаќинствата, ФРЛЗ Штип ќе ја истражи состојбата со собирањето, обработката и реупотребата на текстилниот отпад и можностите кои ги нуди повторната употреба во општина Штип. Воедно ќе се обиде да ја подигне свеста на граѓаните за рециклирање преку можностите за реупотреба на текстилниот отпад и креирање на производи со додадена вредност но и преку едукација на локалното население особено жени/девојки, млади и лица од социјално ранливи категории.

 

Вклучувањето на социјално ранливи категории, е особено важно во овој сегмент бидејќи краткорочно ќе им ги зајакне капацитетите за подобра позиција на пазарот на трудот, но долгорочно ќе поттикне развој на социјалното претприемништвото и отварање на нови мали бизниси.

 

Следете ја нивната работа и активностите од проектот на нивниот веб сајт и нивната Facebook страница.

—————————————————

27 април 2021