Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 18 април 2019 година беа презентирани резултатите од анкетно истражување спроведено во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” и “ЕвроТинк – Центар за европски стратегии”, а финансиски поддржан од Европската Унија.

Испитувањето на јавното мислење беше спроведено, преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот 16 февруари – 7 март 2019 година на репрезентативен примерок од 1202 испитаника со +/-2,83% маргина на грешка. Анкетирањето беше спроведено на македонски и албански јазик. Методолошката исправност на анкетата е одговорност на М-Проспект, додека прашалникот беше подготвен од тимот на ИПАПАР.

ИАКО РАСТЕ ПРОЦЕНТОТ НА ГРАЃАНИ КОИ КОРИСТАТ УСЛУГИ НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА БЕЗ ПРОБЛЕМ, ОПШТИОТ ТРЕНД НА НЕЗАДОВОЛСТВО ПРОДОЛЖУВА

На прашањето „каква би била вашата генерална оценка за работата на јавната администрација во Македонија“, 44.4% од испитаниците одговориле дека работата на јавната администрација е лоша, а само 16,4 % се изјасниле дека работата е добра. Доколку ги вкрстиме податоците се доаѓа до заклучок дека симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, жителите на Скопскиот регион како и оние со високо образование најлошо ја оценуваат работата на јавната администрација, додека симпатизерите на СДСМ и ДУИ како и оние со основно образование најдобро ја оценуваат нејзината работа.

Сепак поголем процент на граѓаните во 2019 година споредбено со 2017 година, изјавиле дека лично не наишле на проблем при користење на услуги на јавната администрација. (54,5% во 2019 година, наспроти 50,4% во 2017 година).

Разликите во задоволство од работата на јавната администрација во Северна Македонија се најизразени во поглед на партиската определба, при што симпатизерите на СДСМ (29,2%) и ДУИ (22,8%) се изјаснуваат како позадоволни во однос на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (9,9%) чиешто незадоволство е пораснато за 15% во однос на крајот на 2017 година.
Интересно е да се напомене дека задоволството од работата на јавната администрација ниско ја оцениле и испитаниците кои се изјасниле дека нема да излезат на гласање (11,4%), како и оние кои одговориле дека ќе го пречкртаат избирачкото ливче (11,3%).

Голема разлика постои и помеѓу испитаниците со различен економски статус. Воедно испитаниците кои се изјасниле дека економски лошо живеат (12,5%) се понезадоволни за работата на администрацијата, отколку испитаниците кои се изјасниле дека економски добро живеат (22,2%). Уште една интересна разлика која се повторува во најголемиот дел од прашањата во оваа анкетно испитување е дека вработените во јавниот сектор (21,1%) се позадоволни од вработените во приватниот сектор (12,2%).

Сличен тренд на задоволство се појавува и во прашањата поврзани околу транспарентноста, брзината како и квалитетот на услугите на јавната администрација.
Генералната перцепција на граѓаните за овие прашања е дека се соочуваат со проблеми при користење на услугите на јавната администрација, неквалитетен кадар, бавност при испорака на услугите, нетранспарентност и непрофесионалност.

НЕЈАСНОСТ И ДОЛГО ТРАЕЊЕ НА ПОСТАПКИТЕ, КАКО И НЕУСЛУЖНОСТА НА ВРАБОТЕНИТЕ МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ СО КОИ СЕ СООЧУВААТ ГРАЃАНИТЕ

Проблеми со кои граѓаните најчесто се соочуваат при користење на услугите на јавната администрација се шетање по шалтери/нејасност на постапките, неуслужноста и непрофесионалноста на вработените, како и бавноста и долгото траење на постапките.

ГРАЃАНИТЕ ЗАДОВОЛНИ ОД МВР, НЕЗАДОВОЛНИ ОД ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА ВО ПРИСТАПОТ ДО ЈАВНИ УСЛУГИ

При рангирање на институциите од страна на граѓаните и нивно задоволство од услугите на истите, најзадоволни се од услугите на Министерството за внатрешни работи во делот на патни и лични исправи и сообраќајната полиција, додека најмалку се задоволни од услугите на локалните власти/општините, работата на полицијата во делот на справување со криминалот и државното здравство.

Резултатите од истражувањето можете да ги преземете тука.

—————————————————

12 јуни 2019