Се повеќе граѓани сметаат дека членството на ЕУ би било добра работа. Анкетното испитување Еврометар покажува дека дури 63,8% од граѓаните сметаат дека влезот во ЕУ е позитивна работа, со што се бележи благ пораст, споредено со претходните три години. Ова е најверојатно се должи на зголемената активност и грижа од ЕУ кон нас, односно на зголемениот пораст на посетите од Владата кон ЕУ, но и од ЕУ во Македонија. Со ова тврдење најмалку се согласуваат анкетираните граѓани, кои на прашањето доколку в недела има избори, одговориле дека ќе гласаат за политичката партија ВМРО ДПМНЕ. А најмногу со ова тврдење се согласуваат оние кои биле наклонети кон ДУИ. Позитивното мислење за ЕУ преовладува и кај оние граѓани кои се наклонети кон Социјал-демократскиот сојуз на Македонија. Од Евротинк, потенцираа дека постои уште една воочлива разлика, а тоа е разликата помеѓу евро-оптимизмот меѓу Албанците и Македонците. Ваквиот тренд може да е резултат на многу претпоставки, но една од нив е сигурна, а тоа е спорот за името – рекоа аналитичарите.
За прв пат оваа година во анкетното истражување Еврометар, е поставено и прашањето „ Дали членството на Македонија во НАТО би било добра работа“. Анкетата покажа дека поддршката за влез во НАТО е за нијанса поголема од таа за ЕУ, со 65,8% . Повторно најголеми поддржувачи се анкетираните граѓани кои својата поддршка ја изразиле кон партијата Алијансата на Албанците.
Анкетното истражување бележи зголемен процент на граѓани кои веруваат дека односот на ЕУ кон Македонија, е фер, пријателски и коректен. ( односно 13%). Повеќе од половина од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, односно 65,2%. Истокот исто така е скептичен на добрите намери на Унијата, односно 58,5З% од граѓаните во источниот дел би го окарактеризирале односот на Унијата како нефер, надмен и уценувачки.
На прашањето “Кога Македонија може да очекува влез во Европската Унија?“, речиси идентично како и претходните години, голем е процентот на анкетирани граѓани кои одбиваат да одговорат, односно 37,4%, но е зголемен процентот на оние кои веруваат дека Македонија може да очекува влез во ЕУ во наредните 5 години, односно 29,6%.
Забележан е и пад на процентот на граѓани кои мислат дека Македонија треба да бара алтернативи надвор од ЕУ, односно тоа се 35.9%, кое можеби се должи на намалената про-руска „пропаганда“ во Македонија. Половина од анкетираните сметат дека ЕУ е најдобрата алтернатива. 73 проценти од Албанците , сметаат дека ЕУ е најдобра алтернатива, додека 55,1 % од симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ сметаат дека Македонија треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ, а само 29.5% сметаат дека ЕУ е најдобрата алтернатива за Македонија.
37,2 проценти од граѓаните веруваат дека спорот со името ја кочи Македонија за влез во европското семејство, но речиси идентичен е бројот, односно 35,6% на оние кои сметат дека Владата го користи спорот за името со Грција, како изговор за да не ги спроведува реформите. Симпатизерите на ВМРО –ДПМНЕ и оние кои имаат само основно образование во најголем процент 42 и 41 отсто, веруваат дека Македонија не може да влезе во ЕУ заради спорот со името. Оние со магистерски студии и во старосна граница од 18 до 29 години, пак се најбројни во верувањето дека Владата го користи спорот за името со Грција, како изговор за да не ги спроведува реформите.
На прашањето – Доколку во недела се одржи референдум со прашање „Дали сте за влез на Република Македонија во ЕУ ?“, како би гласале? 67,9 отсто би гласале со ДА. Што е за многу малку понизок процент од минатите години.
Во делот за јавната администрација, Еврометарот, покажа дека дури 74,1% од граѓаните сметаат дека јавната администрација е превработена. 44,5 % од граѓаните не се сложуваат дека работата на јавната администрација е транспарентна. Најголем број од оние кои биле задоволни од транспарентноста, се граѓаните кои одговориле дека би гласале за СДСМ и граѓаните од Југоисточниот дел на Македонија.
Голем е бројот и на граѓаните кои сметаат дека во Македонија, услуга може да се добие “само со врски“, односно 63,2%. При што забележливо било дека што полошо живеат граѓаните, се помалку задоволни од услугите. Додека пак оние кои одговориле дека добро живеат, генерално се позадоволни и од услугите кои ги добиваат.
Половина од испитаниците не се согласуваат дека во јавната администрација работат професионални кадри, повторно во најголем број оние кои лошо живеат. 70, 7 проценти сметаат дека во јавната администрација се вработува само со партиска книшка. А речиси идентичен е бројот на оние кои мислат дека партиите ја искористуваат јавната администрација и нејзините ресурси за партиски и лични цели.
Делот од анкетата посветен на работата на јавната администрација е спроведена во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност“ кои го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, со поддршка на Европската унија.
Целосниот извештај од анкетното истражување може да го видите на следниот линк.
***
Испитувањето на јавното мислење е направено страна на агенцијата М-Проспект од Скопје, преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот 1 ноември – 15 ноември 2017 година на репрезентативен примерок од 1201 испитаник со +/- 2.83% маргина на грешка. Методолошката исправност на анкетата е одговорност на М-Проспект, додека прашалникот беше подготвен од тимот на ЕВРОТИНК.
—————————————————
17 април 2019