Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Улогата на јавната администрација во „заробувањето на државата“ може да се третира како серозен фактор што придонесе кон политичката криза во земјата. Но исто така може да се третира и како последица од други процеси и фактори што ѝ претходеа на кризата – постоење на поданичка политичка култура кај граѓаните, висока толерантност кон корупција, недостаток на економска независност, користење на репресивниот државен апарат за креирање на страв кај граѓаните итн.

Европската комисија во своите извештаи за земјата од 2014 наваму континуирано забележува дека постојат практики кои сугерираат појава на партизација и политизација на јавната администрација. Во извештаите се споменуваат наменски, политички и произволни вработувања, се користат привремени вработувања како начин да се заобиколи редовната процедура, се добива чувство дека вработувања повеќе наликуваат на социјални мерки отколку на одговор на институционалните потреби. Секако загрижува и изборот и разрешувањето на управните и раководните позиции во државните органи, органите на државна управа, јавните претпријатија, регулаторните тела итн., како и на високите административни позиции, особено затоа што како постапки тие се постојано под ризик од политички влијанија.

Во Македонија постои тенденцијата да се основаат институции надвор од Законот за организација и работа на органите на државната управа што оневозможува ефективна институционална одговорност и постои ризик од поклопување на надлежностите. Воедно, секторското планирање како и креирањето јавни политики врз основа на докази е предизвик за институциите. Практиката на прекумерна класификација на документите, намалувањето на обемот и квалитетот на јавно достапните документи и генерално нискиот степен на проактивна транспарентност во минатото беше редовна пракса и предизвикуваше сериозна загриженост. Поради овие практики, комбинирани со исклучувањето на јавноста, сериозно го доведоа во прашање легитимитетот на дел од јавните политики. За сите овие предизвици потребен е, и се очекува да се обезбеди системски одговор со имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација, која треба да се имплементира во периодот 2018- 2022.

За Фондацијата Отворено општество – Македонија реформата на јавната администрација е особено важно бидејќи истата во крајна линија ќе овозможи полесен пристап до услуги за граѓаните. Како носител на проектот Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации, ФООМ во соработка со Евротинк – Центар за европски стратегии го изработи првиот извештај за статусот на реализација за активностите од Стратегија за реформа на јавната администрација. Во овој прв извештај, примарен предмет на анализа е утврдувањето на статусот на реализација за активностите од Стратегија за реформа на јавната администрација, која треба да се имплементира во периодот 2018-2022. Воедно, направена е и анализа на Акцискиот план, чијшто почеток е предвиден во првиот квартал од 2018 година, независно од предвидениот краен рок за нивно завршување.

Извештајот можете да го најдете на следниот линк

—————————————————

17 април 2019