Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 25 март 2022 година, Фондацијата Отворено општество – Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ го одржаа завршниот настан на проектот „Образование на помалку бројните етнички заедници“. На настанот се споделија резултатите постигнати во четиригодишниот проект а беше претставена и публикацијата „Акциски истражувања за инклузивна училишна култура“ изготвена од училишни тимови вклучени во проектот.

На настанот се обрати Министерот за образование, Јетон Шаќири кој истакна дека резултатите од проектот ќе бидат драгоцен ресурс  во унапредувањето на образовниот систем во државата, а учењето на мајчин јазик е важен услов за намалување на разликите во образованието. Преку остварување на правото на образование на мајчин јазик од најрана возраст, се подобруваат излезните резултати од учењето, се поттикнува интересот за учење и знаење кај децата, се зголемува самодовербата на децата и нивната креативност.

„Да си мал, не подразбира да си маргинализиран. Напротив! Оваа теза е целосно поткрепена со новата Концепција за основно образование, чија примена почна од оваа учебна година во прво и во четврто одделение. Одговоривме на предизвикот за обезбедување материјали за учење согласно новите наставни програми, на босански, српски и турски јазик. Тие ги описменуваат децата на јазикот со кој израснале, овозможувајќи им да го развиваат сопствениот јазичен и културен идентитет, и со јазичната комуникација да го пренесуваат културното наследство и културата на живеење“ истакна Шаќири.

Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија Фани Каранфилова-Пановска, во своето воведно обраќање потенцираше дека проектот придонесе за подобрување на условите за настава и учење на турски, српски и босански јазик во 10 основни училишта, дека ги подобри техничките услови и опременоста за организирање и следење како на редовната така и на онлајн наставата, дигиталните, јазичните и други компетенции на наставниците и ги збогати ресурсите за настава и учење на овие јазици кои се користат од наставниците и учениците.

Таа истакна дека во своето тридецениско постоење, Фондацијата инвестираше преку 35 милиони долари во образованието, а најголем дел од нив беа посветени токму на децата и младите, на образованието на маргинализираните групи, особено на Ромите, на  тие кои доаѓаат од сиромашни семејства, како и на децата кои учат на некој од јазиците на помалку бројните етнички заедници. „Отсекогаш сме се труделе во рамките на нашите можности да одговориме и на актуелните предизвици и иницијативи за подобрување на образованието, па така не радува што изминатата година заедно со на УНИЦЕФ и УСАИД бевме дел од иницијативата за навремена и квалитетна подготовка и дистрибуција на новите учебници/материјали за учење за прво одделение, подготвени од страна на Бирото за развој на образование, согласно наставната програма која произлегува од новата Концепција за основно образование. Фондацијата финансиски го поддржа нивното печатење за СИТЕ УЧЕНИЦИ од прво одделение кои оваа учебна година следат настава на јазиците на помалку бројните етнички заедници“ рече Каранфилова-Пановска.

Присутните ги поздрави и директорката на  Фондацијата „Чекор по чекор“, Сузана Киранџиска која  ја истакна заложбата  на фондацијата за унапредување на образованието преку постојан професионален развој на наставниците зошто само  со посветени наставници  кои се подготвени да градат култура на доживотно учење  и унапредување на образовната пракса  ќе имаме  инклузивна средина во училиштата  каде секое дете ќе може да го оствари својот целосен потенцијал.

На настанот се обратија и претставници на неколку училишта кои учествуваа во проектот и кои накусо ги презентираа своите акциски истражувања.

 

—————————————————

28 март 2022