Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

За секој еден ученик, без разлика на тоа на која заедница припаѓа и на кој јазик ја следи наставата, без разлика на тоа дали живее во град или село, учи во централно или подрачно училиште, треба да се обезбедат соодветни услови за квалитетна настава. Здружението за анализи и истражувања ЗМАИ со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија спроведе истражување за анализа за инвестициските потреби за инфраструктура и технологија во 48 основни училишта во 10 општини во РСМ. Како краен производ од истражувањето ЗМАИ подготви публикација „Методологија за прераспределба на општинските буџети за основните училишта”.

Публикацијата опфаќа сознанија кои овозможија создавање на сеопфатен приказ на актуелната состојба во 48 училишта од 10 општини од аспект на состојбите со инфраструктурата, техничко технолошката опременост и нагледните наставни средства. Истовремено, содржи детална анализа на приоритетните проекти во училиштата, како и потребите за нивно финансирање. Анализата е заокружена со утврдување на актуелните состојби со финансирањето на основното образование од страна на централната и на локалната власт и вклучува препораки за поефективна дистрибуција на општинските средства.

Промоцијата на публикацијата се одржа на 6 ноември, 2020 година со почеток во 12:30 часот во Клубот на Пратеници каде говореа Министерката за образование и наука, Мила Царовска, Ивршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова – Пановска, Претседателот на ЗМАИ, Виктор Митевски и Виктор Стојковски, истражувач во ЗМАИ. Промоцијата беше отворена за сите останати учесници на платформата ZOOM.

Мила Царовска нагласи дека за квалитетно образование, покрај добри наставни програми, потребни се и современи објекти во кои ќе се одвива наставата.

„Факт е дека околу 30 проценти од училишните згради во државата се во лоша состојба. Со децении било запоставено одржувањето и вложувањето во училиштата. Факт е и дека со години наназад не било инвестирано во изградба на нови училишта и реконструкција и санација на веќе постоечките, но нашата заложба е да ја промениме ваквата состојба и на тоа веќе работиме. Затоа целосно го менуваме начинот и методологијата за вложување во капитални инвестиции во образованието и воспоставуваме планско градење според реалните потреби“ – рече Царовска.

Фани Каранфилова – Пановска посочи дека од реализираните посети на 48-те основни училишта, анализираните детални прашалници и годишни извештаи за работата на основните училишта, како и спроведените средби со одговорните лица во општините, може да се констатира дека основните училишта имаат дотраен училишен инвентар, неефикасни фасади, застарена технологија, стари или нефункционални санитарни јазли, недостиг на фискултурни сали и спортски терени, недостаток од нагледни средства и наставни помагала.

„Резултатите јасно покажуваат дека раководните лица и вработените во училиштата и општинската администрација вложуваат максимални напори со цел подобрување на условите во основните училиштата, но средствата со кои тие располагаат не се доволни за обезбедување рамномерен развој и настава која ќе ги следи модерните трендови. Во континуитет, постојано се јавува барањето од страна на општините и засегнатите страни за измени на методологијата според која се распределуваат дотациите за основно образование од централната кон локалната власт. За да се направат овие измени потребно е вклучување не само на централната и локалната власт, туку и постојана координација и интегриран пристап за планирање со меѓународните финансиски институции, донаторската заедница и приватниот сектор.“ – рече Каранфилова-Пановска.

„Во ЗМАИ веруваме дека оваа анализа и предложената методологија може да го подобри финансирањето на училиштата. Резултатите беа искористени за идентификување на приоритетните проекти, а направени се и акциски планови за реализација на тие инвестиции. Навистина е важно што министерката е тука, затоа што ние веруваме дека нашите анализи се само дел од системот за подобрување на условите. Само кога има соработка со институцијата, овие проекти може да се реализираат и заедно да ги подобриме условите за учење во основното образование“ – истакна Виктор Стојковски.

Анализата „Методологија за прераспределба на општинските буџети за основните училишта” можете да ја најдете ТУКА.

Настанот можете да го проследите тука:

—————————————————

9 ноември 2020