Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 23 февруари 2022 година, во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Министерството за информатичко општество и администрација, Центарот за граѓански комуникации и Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, се одржа Конференција на високо ниво за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023. Со конференцијата беше одбележана и 10-годишнината од приклучувањето на Северна Македонија во меѓународната иницијатива Партнерство за отворена власт.

Конференцијата се одржа како дел од активностите на проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“, кој е финансиран од Секретаријатот на Партнерството за отворена власт.

На конференцијата свое обраќање имаа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски; Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити; Главниот извршен директор на Партнерство за отворена власт Санџај Прадхан; и Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се осврна на придобивките од процесот на Партнерство за отворена власт, при што истакна дека Владата во тесна и продуктивна соработка со граѓанскиот и бизнис секторот останува максимално посветена на имплементација на принципите за отворена власт. „Таа вклученост на сите засегнати страни како партнери и како контролни механизми, ја направија оваа Влада потранспарентна и поодговорна. Процесот создаде основа за партиципација, за ефикасно управување со јавните ресурси, за градење на систем на интегритет, и за создавање на средина за пристап до информации и отворени податоци.“, потенцираше тој. Исто така, истакна дека овој концепт во Северна Македонија го прифатија и сега веќе го практикуваат и општините, и Собранието, како и судската власт, што претставува Владин сеопфатен придонес во владеењето на правото.

Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, чие Министерство го координира процесот на Партнерство за отворена власт во Северна Македонија, ги потенцираше препознатливите постигнати резултати од оваа иницијатива, при што нагласи дека остануваат посветени на употреба на технологијата за поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки и воведување на поголеми стандарди на интегритет. „Отворените финансии и достапноста на информациите за плаќањата на државните институции кон фирми, други институции и физички лица преку https://open.finance.gov.mk/mk/home, Граѓанскиот буџет; зголемувањето на рокот за консултација на предлог законите на ЕНЕР; достапноста на повеќе од 300 податочни сетови на порталот за отворени податоци; мерките за унапредување на пристапот до правда, воспоставувањето на регистарот за вистински сопственици се само дел од постигнатите резултати.“, истакна тој. Во својот говор, исто така, истакна дека иновативните алатки од оваа иницијатива овозможија поголема транспарентност и отчетност на општините во нашата земја, при што минатата година беа прогласени за едни од глобалните победници на Самитот за Партнерство за отворена власт кој се одржа во Сеул, Република Кореја.

Главниот извршен директор на Партнерство за отворена власт, Санџај Прадхан, во своето видео обраќање се заблагодари на реформаторите и лидерите на отворена власт од Северна Македонија за активното, динамично и посветено учество во Партнерство за отворена власт. Тој сподели задоволство од видениот ентузијазам за отворена власт кај поранешниот Премиер Заев и му порача на сегашниот Премиер да остане посветен на концептот на отворена власт и да задржи посветеност на процесот на Партнерство за отворена власт. „Партнерство за отворена власт остварува три цели; Прво, ја зголемува довербата на граѓаните, второ ја зајакнува сигурноста на инвеститорите, и трето, ја унапредува агендата за пристапување во ЕУ.“, заклучи тој. Тој ја призна важната улога што ја имаат претставниците од граѓанското општество во државата, кои формираа Мрежа на граѓански организации за Партнерство за отворена власт.

Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, во своето обраќање истакна дека Фондацијата секогаш е насочена кон унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество и затоа од особено значење е вклучувањето на граѓанските организации во сите процеси на креирање на јавните политики. „Затоа Фондацијата го иницираше процесот за воспоставување Мрежа на граѓански организации за Партнерство за отворена власт и за воспоставување национален Совет за Партнерство за отворена власт.“, рече таа. Мрежата и Советот во суштина се придонес во формирањето на националната структура, за учество на претставниците од граѓанското општество во овие механизми со еднаков број претставени како и институциите. На самиот крај, истакна таа, дека по иницијатива на Фондациите Отворено општество нашата држава е прва земја од Западен Балкан која вклучи приоритетна област Пристап до правда во Националниот акциски план. Како придобивка од достигнувањата во областа Пристап до правда и воспоставената соработка помеѓу локална граѓанска организација и општинските власти, е формирањето на Центарот за пристап до правда отворен во општина Шуто Оризари, преку кој за граѓаните се обезбедени повеќе од 2.500 услуги од областа на здравствената и социјалната заштита, заштита на деца, вработување и сл.

На конференцијата на високо ниво присутните се осврнаа и на другите придобивки од процесот на Партнерство за отворена власт и важноста на вклучување на сите заинтересирани страни во овој процес; дадоа преглед на процесот во кој беа утврдени приоритетните области при ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 (НАП за ПОВ 2021-2023); и ги споделија плановите за спроведување и следење на заложбите на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023.

Исто така, на конференцијата присутните се согласија дека со посветена работа на иницијативата за Партнерство за отворена власт и употребата на технологијата за унапредување на отвореноста на институциите се влијае врз подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

—————————————————

23 февруари 2022