Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Состојбата во која се наоѓа нашето јавно здравје и општество е неизвесна и ризична, а потребата за заштита на најранливите граѓани е огромна. За Фондацијата Отворено општество – Македонија заштитата и подобрувањето на животот на сите, особено на маргинализираните граѓани е највисок приоритет и во таа насока ФООМ обезбеди донација од 100.000 долари за итна хуманитарна интервенција за загрозените ромски семејства кои се социјално и економски најдиректно засегнати од здравствената криза. Со донацијата се обезбедија хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена за околу 2.000 семејства кои живеат во Шуто Оризари, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Делчево, Виница Пехчево и село Црник.

Со нашите партнери остануваме посветени на поддршката на маргинализираните граѓани за подобрувањето на условите за пристап до здравствени услуги и во овој кризен период.

 

Ресурси за жени, родители и граѓански организации во ранливи средини врзани со Ковид-19

Во време на голема несигурност и неизвесност, не само по однос на јавното здравје, туку исто така и по однос на социјалниот и економски живот, потребно е да се изнајдат начини за да се обезбеди поддршка во заедницата, а особено на маргинализираните.

Во таа насока Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ изработија повеќе ресурси за жени, родители и граѓански организации во ранливи средини како и водич за граѓански организации кои работат со ранливи групи во заедницата. Овие ресурси ќе обезбедат многу корисни информации за тоа што може да се направи на ниво на заедница за да се промовира социјалната солидарност во време на физичко дистанцирање, за бременост но и доење и грижа за новороденче во време на епидемијата со COVID-19. Ќе обезбедат и совети за тоа како да се разговара со децата, членовите на заедницата, семејството и пријателите, со цел да се намали стравот, стигмата и дискриминацијата поврзана со новиот коронавирус COVID – 19.

 

Грижа за сексуалното и репродуктивно здравје во време на здравствена криза

Фокус на работата на „ХEРА“- Асоцијација за здравствена едукација и истражување и во оваа здравствена криза е сексуалното и репродуктивно здравје. Преку склучениот Меморандум за соработка со Центарот за управување со кризи и ХЕРА, во моментов тече процедура за набавка на “dignity kit” за жени и девојки во репродуктивен период со посебен фокус на бремени жени.

Во кризниот период ХЕРА ја поддржува дистрибуцијата на пакети наменета за кризното подрачје Дебар, односно за гинекологија како и за лицата со попреченост, а во тек е и телефонска анкета наменета за жени во репродуктивен период која ќе ги детектира потребите од хигиенски услуги.

И покрај вонредната состојба сервисите за бремени жени во Младинските центри „Сакам да знам“ лоцирани во Шуто Оризари и на Водно се одвиваат непречено, но сепак по нови модифицирани протоколи. Консултациите по телефон и онлајн остануваат активни и на располагање на граѓаните.

 

Поделени 1.500 маски и ракавици за потребите на заедницата

Канцеларијата на Национален Ромски Центар – Куманово и покрај вонредната состојба не е затворена и тие се секојдневно на располагање на заедницата во Куманово и околината (Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Штип, Кочани, Радовиш, Струмица, Прилеп, Велес, Кичево). НРЦ се воедно и дел од Кризно одделение при Министерството за здравство и се вклучени во справувањето со кризата предизвикана од Ковид-19 во регионот во кој се активни.

НРЦ подготвија и прирачник на ромски и македонски јазик кој ќе биде емитуван на телевизија и ќе им овозможи на учениците да ја следат наставата во периодот додека училиштата се затворени.

Воедно, со помош на НРЦ се поделени 1.500 маски и ракавици за потребите на заедницата.

 

Материјали и препораки од СЗО и МЗ преведени и синхронизирани на ромски јазик

И покрај вонредната состојба, канцеларија на ИРИЗ не е затворена. Секојдневно има дежурни вработени кои се на располагање на заедницата и кои обезбедуваат информации за заштитните мерки за вирусот но и разговараат со оние на кои им е потребна дополнителна информација.

Материјалите и препораките од Светската здравствена организација и Министерството за здравство за полесна достапност се преведени и синхронизиранни на ромски јазик на со помош на ИРИЗ. Воедно, во претходна координација со општината Ш.Оризари и со другите организации кои работат на терен, ИРИЗ овозможува навремена дистрибуција на пакети до семејствата кои се најпогодени од здравствената криза.

Со прогласување на вонредна состојба, ИРИЗ е дел од Кризниот штаб формиран од општина Ш.Оризари за координација на сите граѓански организации кои работат на терен со заедницата, а се со цел обезбедената помош да стигне до они на кои им е најпотребна.

 

Акции за информирање и едуцирање на заедницата во врска со КОВИД-19

Станица П.Е.Т. започна со спроведување на акции за информирање и едуцирање на заедницата во врска со КОВИД-19. Воедно, во рамки на своите активности, поделија 150 пакети наменети за најранливите семејства.

Преку онлајн платформата „Повикај итна параправна помош“која што е достапна на веб-страната на Станица П.Е.Т. непречено се обезбедува правна помош на целната група (корисници и баратели) во време на вонредна состојба.

 

Брошура со информации за заштита од КОВИД-19 до семејствата во Тетово и Гостивар  

Сонце Тетово обезбедува поддршка, помош и ја контактира заедницата од општините Тетово и Гостивар редовно и непречено и во овие вонредни услови.

Во соработка со др. Ариф Пини се финализира, публикува и дистрибуира брошура со информации за заштита од КОВИД-19. Примероците од брошурата ќе бидат поделени заедно со пакетите кои ќе се делат во заедницата во Тетово и Гостивар.

Во 12 општини каде Сонце Тетово има воспоставено свои структури, формирани се Кризни штабови во кои членува и по 1 претставник на заедницата како и волонтери за делење на хигиенски и прехранбени пакети.

Во текот на месец март 2020, реализирани беа  3 онлајн мотивациски работилници преку кои беа опфатени 50 семејства кои живеат во различни (ризични) населби во Тетово и Гостивар. Работилниците беа координирани од страна на параправниците, додека пак др.Ариф Пини беше обучувач каде имаше можност на клиентите од параправна помош да ги информира што всушност означува вирусот  КОВИД – 19, кои се и како да се препознаат симптомите на овој вирус, и најважно, какви мерки да преземат граѓаните за заштита во ваква состојба.

 

Пакети за загрозените семејства во Делчево, Виница и Берово

КХАМ – Делчево редовно ја следат ситуацијата на терен со заедницата во Делчево, Виница и Берово  и во соработка со општините спроведуваат заедничка акција – поделени 30 пакети помош за загрозени семејства.

 

Хигиенски пакети за жените од Шуто Оризари

Во соработка и координација со претставници од општина Ш.Оризари, Иницијативата на жени од Шуто Оризари активно се грижи за женското здравје и во услови на здравствена криза.

Бремените жени ќе можат да добијат информација како да се заштитат преку онлајн комуникација, а формирана е и ФБ група каде се разговара за сите актуелни потреби согласно состојбата со КОВИД-19. Наскоро, се очекува отворање на телефонска линија за сите оние кои имаат потреба од правна и параправна помош.

Иницијативата располага со дата база на кориснички на услуги врз основа на која се планира делење на хигиенски пакети согласно идентификуваните потреби на жените со кои тие остваруваат редовни контакти.

 

Постојан контакт со повозрасните кои боледуваат од хронични заболувања

Романо Чачипе активно ја следи ситуацијата на терен и обезбедува информации за ромската заедница. Телефонски, тие се во постојан контакт и со повозрасната заедница која што боледува од хронични заболувања, дијабетичари, со висок крвен притисок и сите коишто се во ризик.

Согласно тековните проблеми и потреби на заедницата, Романо Чачипе обезбедува тековни решенија и информации за сите граѓани кои имаат потреба од помош.