Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во период кога целиот свет се соочува со пандемија на КОВИД-19 потребата за правна помош на граѓаните, а особено на оние од ранливите и маргинализирани заедници е поизразена од кога било. Рестриктивните мерки кои ги презеде Владата, влијаат на сите граѓани, но особено се погодени сиромашните и ранливите групи. Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ги продолжува своите заложби за пристап до правда на сите граѓани и е во секојдневна комуникација и координација со своите грантисти и партнери кои обезбедуваат бесплатна правна и параправна помош и во услови на вонредна состојба изнаоѓаат алтернативни начини своите услуги да им ги понудат на граѓаните.

Следејќи ги препораките на Владата, голем број од здруженијата привремено ги затворија  канцелариите и започнаа со работа од дома, притоа останувајќи посветени на обезбедувањето на еднаков пристап до правда за сите граѓани. Правниците и параправниците се достапни за граѓаните преку онлајн алатки кои се наоѓаат на нивните веб страници како и преку социјалните медиуми, исто така помош и советување граѓаните може да побараат и добијат и по телефон.

Едукацијата и информирањето на граѓаните остануваат еден од главните облици за правно зајакнување на граѓаните особено во период кога државата се наоѓа во услови на вонредна состојба и Владата носи Уредби со законска сила кои многу често се нејасни за граѓаните. Користејќи ја технологијата и достапноста на социјалните мрежи, здруженијата ги информираат граѓаните за мерките објавени од страна на Владата, Министерството за здравство и други релевантни институции. Исто така, за граѓаните се достапни и онлајн информативни брошури кои ги подготвуваат здруженијата, а со цел навремено информирање на граѓаните за симптомите на КОВИД-19, но и за мерките за заштита.

ФООМ поддржува 14 здруженија кои обезбедуваат бесплатна правна и параправна помош, како и Правната клиника за ранливи групи при Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје и во ова кризно време се активни и на располагање на граѓаните за итни правни проблеми. ФООМ воедно го спроведува и проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ финансиран од страна на Европската Унија. Бесплатна правна и параправна помош се обезбедува за сиромашни граѓани, Роми, сексуални работнички/работници, лица кои користат дроги, жртви на семејно насилство тесктилни работнички/работници и други маргинализирани групи.

 

Онлајн пристап до информации и правни совети

Преку веб страницата www.pravnozajakni.mk на граѓаните им е овозможен пристап до информации и правни совети, едукативни материјали и други ресурси поврзани со правно зајакнување, како и информаци за превенција и заштита од КОВИД-19. Исто така, на Фејсбук страницата Пристап до правда, достапни се информации и материјали, како и можост граѓаните да побараат правен совет и информација онлајн.

 

Правни информации за ранливи групи

Правна клиника на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје обезбедува правни информации за граѓаните на прашања поставени преку нивната Фејсбук фан страница https://www.facebook.com/pravnaklinikazaranlivigrupi/ како и преку електронски пораки, овозможувајќи континуитет во нивната поддршка и помош на граѓаните за итни правни проблеми.

 

E-learning платформа за правно зајакнување за младите правници и студентите

Македонско здружение на млади правници преку развиената E-learning платформа за правно зајакнување во областа на човековите права, овозможува континуитет во едукацијата за младите правници и студентите по право. На платформата може да се најдат публикации, тренинзи но и предмети кои младите правници и студентите по право можат да ги консултираат.

 

Поддршка на жртвите на семејно насилство

Во состојбата на криза во која се наоѓа јавното здравје, особено е видлива потребата од правна помош кај жртвите на семејно насилство кај кои интервенциите се. ЕХО-Едукативно-хуманитарна организација – Штип обезбедува континуирана бесплатна правна помош и поддршка на жртвите на семејно насилство преку телефон и по потреба во канцеларија.

 

Психолошка поддршка за сексуални работници

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје обезбедува психолошка помош на сексуални работници.

 

Алтернативно функционирање на ДРОП ИН центрите за намалување на штети на ХОПС

Здруженија кои работат со особено ранливи граѓани, кои живеат на маргините на општеството и немаат пристап до интернет, користат алтернативни начини за комуникација кои овозможуваат да се достапни за граѓаните кои имаат итни проблеми. ДРОП ИН центрите за намалување на штети на ХОПС иако се затворени, сепак се достапни за корисниците бидејќи секој сервис има посебен телефонски број и контакт лице кое одговара на потребите на клиентите.

—————————————————

3 април 2020