Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

„Анализата на финансиската поддршка на здруженијата и фондациите од буџетот на Република Северна Македонија (од 2017 год. до првата половина на 2019 год.) со компаративна анализа на моделите за државно финансирање од другите земји и предлог-модел на Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество и кофинансирање на ЕУ-проектите во Република Северна Македонија“ е разгледана и целосно прифатена на 24 седница на Владата на Република Северна Македонија. Заклучено е да се продолжи со имплементација на препораките од анализата во координација со Министерството за финансии.

Препораките од анализата кои придонесуваат во унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество се дел од Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија (2020-2024), а се однесуваат на:

(1) Сеопфатно реформирање на сегашниот систем на државно финансирање на граѓанското општество;

(2) Зголемување на уделот на државното финансирање од централниот буџет и од буџетите на единиците на локалната самоуправа, со цел да се достигне удел од 30% (околу 2 милијарди денари) во вкупните приходи на граѓанските организации до 2024 год;

(3) Воспоставување независен орган –  Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество, кој ќе биде задолжен за планирање и управување со средствата наменети за развој на граѓанските организации, преку институционална поддршка, со административна, управувачка, финансиска и програмска независност.

(4) Воспоставување на посебна програма во Фондот за поддршка и развој на граѓанското општество за кофинансирање на проектите на граѓанските организации финансирани од ЕУ, а кои се во согласност со стратешките приоритети на земјата, програмските цели на претпристапната помош и со структурните фондови на ЕУ.

Фондацијата Отворено општество – Македонија обезбеди финансиска и експертска поддршка за подготовка на анализата, а продолжува да работи и да се застапува за имплелментација на дадените препораки со цел унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество во земјава.

Анализата е производ на воспоставената соработка меѓу Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Одделението за соработка со невладините организации на Генералниот секретаријат на Владата и Советот на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор со Фондацијата Отворено општество – Македонија, во насока на исполнување на стратегиската цел „Унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации“, утврдена во Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018-2020) и планот за спроведување на мерката 6: „Воспоставување транспарентен и доверлив модел за државно финансирање, со воспоставување единствен фонд за институционален развој на граѓанските организации и за кофинансирање на ЕУ-проекти“.

—————————————————

4 декември 2020