Денес, 14 октомври 2022 година, беа презентирани резултатите од тригодишниот проект „Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование“, финансиран од Европската Унија а спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во партнерство со Здружението Центар на образовна поддршка „Дендо Вас“ и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор”.
Проектот се спроведуваше во периодот од октомври 2019 до октомври 2022 година, со цел да овозможи еднаков пристап до образование за децата Роми и да ги мотивира децата да бидат редовни на часови, но и да им помогне на училиштата да обезбедат инклузивна средина за учење каде ќе се почитува различноста и каде сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и подеднакво стимулирани да успеат.
Во рамките на завршниот настан беа претставени резултатите на проектот преку кратки видеа, брошура и обраќање на дел од корисниците и соработниците кои учествуваа во него.
Настанот го отвори министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакнувајќи дека една од клучните цели на стратегијата и планот за работа на Министерството за образование и наука е градење инклузивен образовен систем кој ќе обезбеди можности за квалитетна едукација на сите граѓани, со особен акцент на оние кои доаѓаат од социјално и општествено ранливи групи. И проектот „Редовно на часови“ е дел од активностите за подигнување на нивото на инклузивност на националниот систем на образование, а конкретните резултати од целокупните активности на Министерството насочени кон инклузијата на припадниците на ромската етничка заедница укажуваат дека е зголемена вклученоста во основните училишта, зголемена е редовноста за време на часовите и подигнат е процентот на успешен премин во следните одделенија.
Проектот „Редовно на часови“ овозможи поддршка на 645 ученици Роми преку 1515 стипендии за последните три учебни години. Стипендистите доаѓаа од 74 основни училишта и 33 општини низ државата.
Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ, истакна дека ова беше навистина исклучителен проект не само затоа што со преку 1500 стипендии за три учебни години финансиски ги стимулираше и ги поттикна најсиромашните ромски семејства, корисници на социјална помош од државата да ги запишат и редовно да ги испраќаат своите деца во училиште, туку им помогна да се задржат во училиште во тешки услови на пандемија. Овој проект покажа дека ако децата Роми ја добијат неопходната финансиска и друга поддршка можат подеднакво добро да напредуваат во учењето како своите врсници не-Роми.
Вкупно 60 асистенти за поддршка на ромската заедница им помагаа на родителите да ги обезбедат сите потребни документи за запишување во училиште, да ги мотивираат децата да одат на училиште и да ги исполнуваат училишните обврски и работеа на јакнење на врската и соработката меѓу ромските семејства и училиштата. Преку 20 тркалезни маси со локалните институции, училиштата и родителите во 17 општини беше поттикната соработката помеѓу училиштата, локалните власти и родителите и беа мотивирани родителите да ги запишат децата во училиште и редовно да ги посетуваат часовите и во услови на пандемија.
Асистентот за поддршка на заедницата Рамадан Рустемов од Битола укажа дека со проектот им се помогна на многу семејства ширум Македонија да можат своите деца да ги испраќаат во училиште поредовно и барем малку да заборават на тешката ситуација во која се наоѓаат. Воедно, ја истакна потребата од натамошна поддршка од институциите и невладиниот сектор да реализираат програми и проекти слични на овој кои директно ќе ги помагаат децата и семејствата од ранливите групи.
На настанот свое обраќање имаа и претставникот од Делегацијата на Европската Унија Нафи Сарачини и директорот на основното училиште „Браќа Рамиз-Хамид“ од Шуто Оризари Алвин Салимовски.
Во рамките на проектот беа доделени мали грантови во висина од 2.500 евра на 47 основни училишта за спроведување на иницијативи и проекти, кои преку игра и заедничко учество во воннаставните училишни активности имаа за цел да ги поттикнат интеракцијата и размената на знаење помеѓу учениците. Изјавите на учесниците во проектот презентирани низ видео посведочија дека поддршката на училиштата, заедницата и стипендиите за учениците се клучна поддршка за создавање еднакви можности за сите ученици, воспоставување позитивна клима во училиштето и креирање инклузивна и стимулативна средина за учење, каде што секое дете ќе се чувствува прифатено, мотивирано и ќе има можност да ги развие своите потенцијали за учење и напредување.
Настанот го збогатија настапите на учениците од основното училиште „Браќа Рамиз-Хамид“ и бендот Roma Rock School. На настанот учествуваа претставници од основните училишта вклучени во проектот, претставници од меѓународни и локални организации кои работат во областа на детскиот развој и образование, и претставници на државните институции од областа на образованието и унапредувањето на правата на помалите етнички заедници.
—————————————————
14 октомври 2022