Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Младите во Република Северна Македонија, се категорија граѓани на која државата ретко гледа издвоено од другите категории граѓани. Дури и кога станува збор за креирање политики наменети за младите, државата почесто има унифициран пристап наместо да ги стави во перспектива потребите на младите со различна позадина, како што се младите од рурални средини и помали градови, младите со попреченост и младите од семејства со ниски примања.

Имајќи го ова предвид, лесно е да се претпостави дека младите по чии „мерки“ не се носат политики и решенија имаат помалку избори кога се во прашање образовните можности, можностите за лична надградба и напредок, можностите за себеизразување, како и учество во културни настани. Недостигот од соодветно креирани политики за млади во областа на образованието, вработувањето или пак социјалната заштита, ниската функционалност на институциите, придонесуваат за зголемување на степенот на младинско иселување од Република Северна Македонија.

Иселувањето, незадоволството, како и недостигот од комуникација за активно вклучување на младите во демократските процеси, се дел од факторите кои влијаат на стагнацијата на социјалниот капитал на младите во нашата земја во текот на последните десет години. Отсуството на современи политики, стратегии и документи кои ќе ја унапредат позицијата на младите, преку нивно ефективно вклучување во донесувањето одлуки во образовниот процес, на локално и национално ниво е нешто што низ годините се провлекува како предизвик на образовните, локалните и националните власти.

Со цел да придонесе кон унапредување на младинските политики и младинското информирање, Младинскиот образовен форум го спроведе едно од ретките, ако не и единственото истражување кое ги анализира потребите и можностите на младите во Република Северна Македонија според бројот на жители во нивното населено место како и според планските регионите во државата, овозможувајќи специфични податоци кои надлежните власти треба да ги имаат предвид при креирањето политики. Истражувањето „Младински (не)еднакви можности и потреби – Истражување за предизвиците и потребите на младите според големината на место на живеење“ е изработено со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија во рамки на концептот Образование на помалку бројните етнички заедници.

Истражувањето ѝ беше презентирано на јавноста на настан кој се одржа на 22 декември, каде авторката на истражувањето, професорката Наташа Станојковска Трајковска говореше подетално за наодите од истражувањето, додека пак препораките кои произлегоа од истражувањето беа презентирани од страна на Петар Барлаковски од МОФ.

Истражувањето претставува важен документ документ во кој се претставени перцепците на младите за предизвиците и проблемите во државата во врска со животниот стандард, образованието, културата, забавата и спортот, младинското учество, како и други прашања кои се од интерес за младите. Она што го разликува ова истражување од останатите изработени истражувања поврзани со младите и нивниот животен стандард е тоа што истражувањето, меѓу другото, цели и да ги детектира клучните разлики во перцепциите на младите за специфичните области во зависност од големината на нивното место на живеење. Со ова, читателите, јавноста, но уште поважно надлежните институции – централни и локални – ќе имаат детален увид во клучните проблеми и предизвици со кои се сочуваат младите во сите 8 плански региони во државата, за разликите меѓу младите во зависност од големината на нивното место на живеење, односно разликите меѓу младите коишто живеат во урбани и оние коишто живеат во рурални средини.

По презентацијата на истражувањето, на настанот се разви и дискусија од страна на поканетите претставници на институциите, и тоа: Моника Зајкова, пратеничка во Собранието на Република С. Македонија, Евгенија Јанакиеска, службеничка за млади во Министерството за образование и наука и Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики во Владата на Република С. Македонија.

Целосното истражување е достапно на следниот ЛИНК, додека кратката верзија со клучните наоди и препораки е достапна на следниот ЛИНК.

—————————————————

23 декември 2021