Дали институциите на Северна Македонија успеаја да се ослободат од политичките влијанија? Кои се очекувањата на македонските граѓани во поглед на евроинтеграцискиот процес? Кои се клучните предизвици за да се обезбеди функционална пазарна економија? До каде сме со реформите во правосудството и безбедносните служби – дали е успешно завршена домашната задача или извештајот е адут во рацете на противниците на проширувањето?
Презентацијата на компаративната анализа на извештаите на Европската Комисија со наслов “Датум за реформи” одржана на 13 јуни 2019 год., во Хотел Солун во Скопје, се обиде да одговори на овие прашања, но и да даде подлабок осврт на напредокот на земјата во исполнувaњето на политичките и економските критериуми на Унијата, како и во поглавјата за владеењето на правото (Поглавје 23 и 24) како поглавјата кои предизвикуваат најголем интерес во рамки на преговорите.
Компаративната анализа изработена од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии со поддршка од Фондација Отворено Општество – Македонија, годинава се објавува по јубилеен десетти пат.
На настанот говореа Бојан Маричиќ, Посебниот советник за евроатлански интеграции на Претседателот на Владата на Репулика Северна Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, Извршна директорка на Фондација Отворено општество – Македонија, Љупчо Петковски, Извршен директор на ЕВРОТИНК, Весна Гарванлиева Андонова, Постар истражувач во Центарот за економски анализи ЦЕА, Данче Даниловска-Бајдевска, Постара програмска координаторка во ФООМ и Магдалена Лембовска, Истражувач во ЕВРОТИНК.
Фани Каранфилова – Пановска се осврна на значењето на добрата оцена на Европската Комисија за Северна Македонија притоа посочувајќи дека извештајот за 2019 е реална претстава на она што се случуваше во изминативе 2 години на планот на реформите во сите области. Кога се разгледува Извештајот, во контекст на четирите реформски приоритети кои беа посочени како особено важни – реформи во правосудството, справување со организираниот криминал и корупцијата, реформата на јавната администрација и безбедносните служби, досието за Република Северна Македонија е оценето високо, со оценка 4, односно со добар напредок. Домашната задача очигледно е завршена, и тоа дава аргументи за земјата да добие датум за отпочнување на преговорите.
Воедно, важно е да се напомене дека голем дел од реформски процеси во изминатиот период, во повеќе области, беа направени со вклученост на граѓанското општество, а кога институциите се отворени за соработка, кога постои таков партиципативен процес, резултатот е неминовен, односно може да го согледаме во позитивниот Извештај и добрата оценка за добриот напредок.
Но, пред нас останува потешката задача која носи поголема одговорност и која конечно ќе даде резултат кој граѓаните ќе можат да ги почувствуваат придобивките, а тоа е имплементацијата на сите законски решенија од изминатиов период. За да се задржи трендот на трансформација, сметаме дека е неопходно Република Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија бидејќи тоа ќе биде ветер во грб за институциите, но најмногу за граѓаните кои имаат големи очекувања за сериозна трансформација на општеството и следењето на европските вредности.
Данче Даниловска – Бајдевска зборувајќи за напредокот поглавјето 23, се осврна на последните измени на законодавството, со кои во голема мера беа спроведени Итните реформски приоритети, препораките од Венецијанската комисија и од експертската група за системски прашања во областа на владеење на правото. Слична е состојбата кога се зборува за правната рамка за борба против корупцијата, кој во голема мера е воспоставена, но секако целосното спроведување на новата рамка ќе биде од клучно значење за властите да покажат способност за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Во однос на темелните права, правната рамка е исто воспоставена, и она што е од клучно значење е вклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во новиот Закон за заштита од дискриминација. Во однос на еднаквоста меѓу жените и мажите треба да се забележи ратификацијата на Истанбулската конвенција на Советот на Европа. Меѓутоа, Еврпската комисија ни забележува дека во општеството доминираат предрасудите, говорот на омраза, дискриминацијата и широко распространето нетолеранција против ЛГБТИ лицата. Потребно е поефективно спречување и гонење на поттикнувањето хомофобичната/трансфобичната омраза и насилство.
Кога станува збор за правата на Ромите констатирано е дека треба уште многу да се работи на подобрување на социјалната вклученост на Ромите. Сегрегацијата во училиштата останува на високо ниво, при што 40% од маргинализираните ромски ученици главно посетуваат ромски училишта.
Иако, има уште доста работа на повеќе полиња, сепак, може да се заклучи дека подобрувањето на нивото на подготовка и добивањето на добра оценка покажува дека под притисок знаеме да работиме како држава. Оттука, за државата е важно отпочнувањето на пристапните преговори што поскоро. Со тоа ќе биде зголемена свеста и важноста на темелните вредности на Европската Унија во државата, како што се владеење на правото, демократија, еднаквост, и човекови права и слободи.
Компаративната анализа можете да ја најдете на следниот линк.
—————————————————
3 јули 2019