Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го поздравува отворањето на процесот за менување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Законот), кој во 2006 год. беше донесен по иницијатива на граѓанските организации , а потоа во неколку наврати во 2014, 2015 и 2016 год. беше менуван и дополнуван без консултации со засегнатите страни. Правото и можноста на граѓаните да бараат и да добиваат информации за работењето на институциите е карактеристика на сите демократски и отворени општества. Во таа насока, обезбедување пристап до информациите што се од интерес за граѓаните, новинарите и граѓанското општество во демократските државите се уредува со закон кој го гарантира правото на пристап до информациите од јавен карактер.

Смислата на пристапот до информациите е да им овозможи на граѓаните да видат како работи власта, односно да бидат во можност да откријат корупција или лошо работење при креирањето на политиките, како и да бидат во можност да носат информирани одлуки. Поради тоа ФООМ во континуитет, повеќе од 10 години, стратешки ги насочуваше своите ресурси за донесување Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер по меѓународни стандарди, како и за унапредување на правото за слободен пристап до информации.

Значајни напори беа вложени од страна на граѓанските организации за воспоставување независна второстепена Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации и за градење на нејзините капацитети. Во сите изминати години ФООМ обезбедуваше бесплатна правна помош за сите чие право на пристап беше одбиено од институциите. Исто така, единствено ФООМ спроведе две истражувања на национално ниво за перцепцијата на граѓаните и нивната запознаеност со правото на слободен пристап до информации, како и идентификување на проблемите со кои се соочуваат институциите при спроведувањето на пристапот до информации.

Но, по десет години од спроведувањето на Законот, ограничениот пристап до информациите во државата од страна на властите и прекумерното класифицирање на информациите кои не потпаѓаат под режимот на исклучоци дефинирани во Законот, беше адресирано како главна пречка со која се соочуваат новинарите во постапките за добивање на информациите, од страна на меѓународната заедница.

Предлозите за измени за Законот, изработени од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија, базирани на актуелната состојба и идентификуваните проблеми во системот на слободен пристап до информациите се во две насоки и тоа: (1) доследно применување на Законот и (2) негово менување. Истите можете да ги прочитате во документот за јавни политики достапен на следниов линк.

—————————————————

17 април 2019