Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

СЈО одигра една голема, историска улога во враќањето на идејата за можно владеење на правото, со неспорни резултати, особено на политички план. На правен план, нивната битка со корумпираната политичка елита на претходната власт е комплексна и е сė уште во тек. Во таа смисла, на СЈО и натаму му е потребна поддршка за успешно завршување на започнатите постапки, при што проблемите поврзани со рокот, помилувањата и сл., се само дел од правните и политичките предизвици пред кои е исправено ова Обвинителство.

Досега не е водена отворена расправа и не се анализирани многу значајни проблеми врзани со работењето на СЈО, познати речиси од самиот почеток на работата на специјалното обвинителство. Анализата на можностите, проблемите и предизвиците со кои ќе се соочи обвинителството со трансформацијата е особено важно, исто како и анализата на проблемот со уставноста на СЈО, рокот за гонење (подигање обвиненија), новите истраги, незаконитите докази, помилувањата на Претседателот Иванов и можноста за идни помилувања или амнестија и нивните правни (и политички) последици како и последиците од евентуалните постапки пред судот во Стразбур. Сите овие сериозни правни и политички искушенија пред кои се наоѓа СЈО, ги анализира проф. Д-р Гордан Калајџиев во документот за јавни политики, со наслов „Правните предизвици пред Специјалното јавно обвинителство“, во издание на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Трансформацијата на СЈО

Специјалното јавно обвинителство да се задржи како успешна алатка за борба со корупцијата и криминалот на политиките елити кои се на власт и таа идеја, на подолг рок, треба да се поддржи. Повеќе од очигледно е дека РМ нема востановено други редовни алатки со помош на кои успешно би се реализирал овој проблем. Дали е сė уште рано СЈО да биде интегрирано во редовниот правосуден систем е сериозно прашање кое треба да е предмет на дискусија и понатаму. Секако сомнителен е фактот што никако не успеваме да дознаеме од каде воопшто потекнува идејата СЈО да стане дел од обвинителската организација, и тоа на начин на кој тоа се предлага во Стратегијата за реформи на правосудниот систем. Во таа смисла, никој не се јави да го образложи и да го брани ова решение. Не е спорно дека би било добро тимот на СЈО, кој засега се покажа како успешен, да се задржи и по истекот на мандатот, но треба добро да се размисли и да се изготви елаборат за тоа кога треба да се изврши оваа трансформација и дали тоа треба да постои паралелно со Обвинителството за организиран криминал.

Македонија е сè уште далеку од успех во справувањето со политичката корупција, па оттука е логично СЈО да остане независен орган што ќе се бори со корупцијата, наспроти тоа да се „претопи“ во редовното Обвинителство, кое уште долго ќе биде под политичко влијание. Во таа смисла, СЈО е пожелно и натаму да се уредува со посебен закон, иако мора темелно да се размисли за сите проблеми, особено за оној врзан со рокот за подигање на обвиненијата и судбината на започнатите истраги.

Проблемот на уставноста на СЈО

Шансите како би можел да одлучи Уставниот суд по однос на уставноста на целиот Закон, во смисла на двете (или на некои можни нови) поднесени иницијативи, се 50:50. Поради експлицитното споменување на хиерархискиот карактер на ЈО преку зборот „единствен“, може да претпоставиме дека правната аргументација е во блага предност кон одлуката за неуставност. Од друга страна пак, правно-политичките аргументи се силно во корист на „владеењето на правото“, како суштински правен принцип важен за уставниот поредок.

Доколку СЈО барем донекаде се инкорпорира во редовното Обвинителство, овој проблем практично ќе биде надминат (во смисла на тоа колку помалку ќе биде СЈО самостојно, така пропорционално ќе се намалат изгледите да се оспорува неговата уставност). Видовме дека правните гледишта се силно политички детерминирани, па така губењето на власта на ВМРО-ДПМНЕ значи помали политички влијанија на таа страна, иако кадрите во Уставниот суд не се персонално променети во полза на актуелната власт.

Рокот за подигање обвиненија

Рокот за гонење и проблемот на неговата уставност и правните консеквенции, како и проблемот со новите истраги, се најтешките прашања коишто треба да се решат. Ако се разгледува ова прашање од аспект на правната сигурност, тогаш аргументите се во прилог на рестриктивното толкување, односно најрестриктивно, според кое ниту СЈО, ниту кое било друго јавно обвинителство, веќе нема да може да ги гони (ниту да ги истражува) делата поврзани со прислушуваните разговори, ниту делата кои „произлегуваат“ од аудиоматеријалите. Но идејата за правда и владеење на правото оди во прилог на спротивното толкување – криминално-политичките аргументи потенцираат дека делата се сериозни и не можат да застарат пред рокот утврден во КЗ, дека тоа реално би значело дискриминација.

Актуелната правна ситуација, каде што се водат истраги без да се има решение за рокот, е мошне проблематична од повеќе аспекти, а начинот на кој би можел да се премости проблемот со истекот на рокот е исто така предмет на понатамошна дискусија. Останува да се има предвид фактот дека СЈО е ефикасен инструмент за борба против корупцијата на политичките елити на подолг рок, додека не се создадат услови за нормално функционирање на правосудниот систем, што нема да биде наскоро.

Целосната анализа во која се детално анализирани предизвиците пред кои стои СЈО, проблемите со уставноста, роковите за поднесување, законитоста на доказите како и помилувањата на Претседателот Иванов но и препораките и заклучоците кои можат да помогнат во премостувањето овие проблеми се исто така поместени во документот за јавни политики кој може да се најде во електронска верзија на веб страницата на ФООМ (https://bit.ly/2WokwQh)

Анализа е подготвена при изработката на студијата за меѓународен судски мониторинг во Македонија, во рамките на проектот „Поддршка на Македонија за интеграција во ЕУ и во НАТО“, кој се реализира од страна на организациите Коалиција Сите за правично судење, Хелсиншки комитет за човековите права на Република Македонија, Македонско здружение на младите правници, Институт за човековите права и Центар за правни истражувања и анализи, со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

17 април 2019