Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Денес е одржа панел дискусија на тема „Ранливите работници по корона-тобоган” на која FINANCE THINK – Институтот за економско истражување и политики – Скопје ги претстави резултатите од истражувањето на ефектите од пандемијата врз пет групи несигурни работници во Северна Македонија.

 

Студијата „Ефектот од Ковид-19 врз прекаријатните работници во Северна Македонија: Следење на нископлатените работници, неплатените семејни работници, платените домашни работници, работниците со нетипични договори за работа и неформалните работници“ како и организацијата на настанот беше поддржана од Фондација Отворено Општество – Македонија.

 

На настанот говореа Фани КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Деспина ТУМАНОВСКА, Finance Think, Дарко ДИМОВСКИ, Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Ангел ДИМИТРОВ, Претседател на организацијата на работодавачи во Македонија, Даниела ЗАМПИНИ, Специјалист за вработување, Меѓународна организација на трудот.

Фани КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА се осврна на важноста на заклучоците од студијата но и на проектот во чии рамки беше изработена студијата

„Оваа студија е изработена во рамки на регионалниот проект „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи, нископлатените работници, работниците од неформалната економија и повремено вработените“, кој се спроведува во земјите од Западен Балкан. Проектот е финансиран од Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 на Фондациите Отворено општество, и има за цел да се ублажат социо-економските последици од влијанието на Ковид-19 за ранливите групи.

Во спроведувањето на проектот учествуваат 5 здруженија од државава – Finance think, Аналитика, ЗМАИ, ЛАГ Агро лидер и Гласен текстилец, а со активностите кои колегите ги спроведуваат, ние денес имаме пред сѐ подобар увид во ефектите од владините политики врз ранливите групи, но и реално придонесуваме во ублажувањето на социо-економските последици за нив.

Зошто се определивме за оваа поддршка? Фондацијата во своето скоро 30 годишно постоење, како многупати досега во услови на криза се фокусира на поддршка на најранливите. Работниците кои функционираат во неформалната економија беа и се реално едни од најпогодените со оглед на нивните минимални приходи и со ризикот да западнат во екстремна сиромаштија како резултат на Ковид-19 пандемијата.“

Во студијата прецизно се издвоени неколку констатации:

Кризата предизвикана од вирусот Ковид-19 ги изнесе на површина структурните нееднаквости и слабостите на пазарот на труд, погодувајќи одредени групи работници посилно во споредба со други. Работниците со ниски плати, работниците од неформалната економија, домашните платени работници и неплатените семејни работници се меѓу најпогодените во однос на загубите на работните места и приходите. Вкрстената анализа на петте групи работници покажа дека вкупната загуба на работни места за време на пандемијата од околу 7.5 илјади на годишно ниво е претежно кај работниците со ниски плати, од кои доминантен дел се неформални работници, а околу една третина се домашни платени работници.

Сепак, во текот на пандемијата забележани се две позитивни тенденции на пазарот на труд: Прво, згаснаа речиси 47 илјади нископлатени работни места, но тие не беа изгубени туку го надминаа прагот под кој едно работно место се смета за нископлатено (околу 13.000 МКД, според дефиницијата на МОТ), заради порастот на минималната плата и владините субвенции на придонесите за зголемување на плата воведени пред почетокот напандемијата. Второ, и можеби позначајно, е наодот дека во текот на пандемијата биле формализирани над 14 илјади неформални работни места со цел искористување на дел од владините мерки за заштита на работните места, поконкретно мерката за субвенционирање на платите во висина од 14.500 мкд по вработен.

Процесот на масовна имунизација дава надеж за спласнување на пандемијата, и оттука потребно е наклонување кон развојни, наместо социјални мерки. Во иднина, евентуалното субвенционирање на платите како одговор на шокови од типот на Ковид-19 неопходно е да вклучи и силна компонента за повторно вработување со цел намалување на обесхрабрувањето (деактивација) на оние што губеле работа.

Дополнително, носителите на политики треба да се насочат кон искористување на придобивките од формализацијата на работните места и да ги претворат во долгорочни користи. Нашите препораки вклучуваат воведување стимулации за спречување повторна деформализација, поддршка на формализацијата на останатите неформални места, и регулација, но не прекумерна и во духот на социјалниот дијалог, на договорите за вработување на определено работно време.

Финално, потребни се мерки и политики што ќе ја зголемат отпорноста на пазарот на труд со цел брза и навремена реакција во случај на идни шокови. Поефикасни политики и партиципативен дијалог помеѓу сите засегнати страни треба да се насочат кон ранливите и несигурни работници, за да се избегне можност за зголемување на нееднаквостите во иднина.

 

—————————————————

10 јуни 2021