Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 13 април 2021 на редовната Владината седница беше посветена посебна точка на дневниот ред на Иницијативата на Отвореното Владино Партнерство. На седницата се обрати генералниот директор на ОВП, Санџај Прадхан кој се осврна на главните цели кои треба да се постигнат со новиот петти Национален план за ОВП во Северна Македонија за периодот 2021 – 2023.

„Првата цел е градење на доверба кај граѓаните. На глобално ниво, довербата на граѓаните во владите падна на најниско ниво во историјата. Според индексот на перцепција на демократијата во 2020 година, 57% од граѓаните што живеат во демократски држави сметаат дека нивната избрана влада ретко или никогаш не дејствува во јавен интерес. Довербата на граѓаните на глобално ниво падна уште повеќе за време на пандемијата. Пристапот на Отворено владино партнерство може да помогне во градење на довербата во институциите. Втората цел е градење на доверба кај инвеститорите, што е од клучно значење за заживување на економијата. Отворените влади мора да се борат против корупцијата и да овозможат еднакви можности за работа на бизнис секторот. Третата цел се однесува на агендата за пристапување кон Европската Унија. Принципите на ОВП можат да бидат од витално значење за исполнување на приоритетите утврдени во Оперативната програма 2020-2024 за унапредување на членството во ЕУ“, истакна Прадхан.

 

Во своето обраќање на истата седница, Премиерот Заев ја истакна соработката со граѓанското општество и постигнувањата кои се резултат на истата: “Владиниот пристап за соработка со граѓанското општество е изразен и преку соработката со Фондацијата Отворено општество – Македонија и други граѓански организации, кои со поддршката од Секретаријатот за Отворено владино партнерство и Министерството за информатичко општество и администрација го унапредуваат процесот за структурирано вклучување на граѓанските организации во ко-креација, развој и мониторинг на новиот Национален акциски план 2021-2023. Преку оваа соработка со граѓанското општество , координирана од Фондацијата, беше воспоставен Советот за координација и следење на процесот на ОВП, што претставува прв модел на партнерство и еднаквост во одлучувањето во нашата држава. Преку ОВП Советот беше воспоставен структуриран механизам за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество.”, истакна Заев.

 

Отворено владино партнерство претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

 

—————————————————

13 април 2021