Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Секое дете има право да добие поддршка која ќе му овозможи да расте, да учи и да се развива согласно сопствените можности. Сите ученици  без оглед на потеклото, способноста и разликите треба да имаат пристап до образованието без никакви ограничувања, создавањето услови за квалитетно образование и инклузивност е императив во едно демократско општество. Но, сепак, голем број од основните училишта се непристапни за децата со физичка попреченост поради недостиг на пристапни рампи, помошен персонал итн.

 

До скоро тоа беше случајот и со ООУ „Кочо Рацин“ во Куманово, но како резултат на неколкумесечната работа на проектот „Сложувалка“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија во училиштето се подобрени условите за учениците со телесен инвалидитет. Тие отсега ќе имаат полесен пристап до училиштето преку пристапните рампи, адаптираниот паркинг простор и адаптираниот тоалет. Воедно, ќе можат заедно со своите соученици да бидат активни на одморите на детското игралиште кое сега е дополнително опремено и полесно пристапно за лица со телесен инвалидитет.

Проектот е партнерство помеѓу МОБИЛНОСТ Куманово, меѓуопштинското здружение на лица со телесен инвалидитет и ООУ „Кочо Рацин“, а благодарение на напорот на тимот посветени наставници од училиштето, покрај финансиските средства од ФООМ, проектот беше помогнат и со донации од неколку компании од Куманово. Придонесот на сите вклучени учесници е од непроценлива вредност пред се’ за учениците, но и за училиштето и заедницата, овој проект е чекор кон креирање на инклузивна средина за сите ученици.

—————————————————

18 април 2019