На 9 декември 2020 година се одржа онлајн конференцијата на која над шеесетина претставници на граѓанските организации, државните институции и медиумите дискутираа за перспективите на секторските работни групи и идните преговори со ЕУ, а воедно беше презентиран и првиот „Извештај во сенка од следењето на работата и ефектите на секторската работна група за образование, вработување и социјална политика за периодот јануари 2019 – февруари 2020“.
Првиот панел го отвори Нада Наумовска, Постара програмска координаторка, Фондација Отворено Општество – Македонија која даде осврт на методологијата според која се подготвуваа извештаите во сенка за сите 12 секторски работни групи и ги посочи најважните препораки за подобрување на квалитетот на работата на истите.
Извршната директорка на Фондацијата Отворено Општество – Македонија Фани Каранфилова-Пановска истакна дека во процесот на пристапување во ЕУ, граѓанските организации треба активно да учествуваат во програмирањето, имплементацијата и следењето на успешноста на процесите и политиките. Од спроведените интервјуа и фокус-групи врзани со застапеноста на граѓанските организации во работата на секторските работни групи, Каранфилова – Пановска истакна дека може да се заклучи дека во моментов не постои механизам кој ќе обезбеди структурирано и организирано учество на граѓанското општество и дека недостига соодветен модел за избор на граѓански претставници во секторските работни групи. Затоа Проектот Дијалог со граѓанските организации ќе се заложи за ревидирање на моделот за избор на граѓански претставници.
Никола Бертолини, Раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, посочи дека секторските работни групи претставуваат форум на сите засегнати страни, граѓаните, институциите, граѓанските организации, приватниот сектор, донаторската заедница итн. да дискутираат и да носат одлуки за спроведување на потребните реформи и дека Република Северна Македонија успешно го реализирала овој процес со што е лидер во регионот. Воедно посочи дека секторските работни групи претставуваат културна револуција за општество која ќе овозможи промени во културата во државата.
Калинка Габер, Државен Секретар во Секретаријат за европски прашања посочи дека секторските работни групи се воведени со ИПА 2, но и покрај тоа што се уште немаат целосни информации на ниво на ЕУ, едно е сигурно дека секторското пристап ќе продолжи и со ИПА 3, бидејќи со самата успешност на неговото спроведување како повеќегодишна стратегиска рамка за програмирање на помошта на ЕУ во согласност со приоритети на државата се направени сериозни исчекори. Воедно, напомена дека истите во изминатиот период биле повеќе концентрирани на координацијата на програмирањето на ИПА, но дека со оглед на ситуацијата со која се соочуваме односно неможноста да се донесе консензуална одлука за почеток на преговорите се отвара шанса секторските работни групи да бидат повклучени во дискусијата и дизајнирањето на секторските политики во процесот на интеграција.
Вториот панел го отвори Министерката за образование и наука Мила Царовска која посочи дека најголем проблем со кој се соочуваат секторските работни групи е недостатокот на повратна информација која претставниците на граѓанските во секторските групи треба да ја споделат со останатите претставници на граѓанскиот сектор кои работат на таа тема. Воедно напомена дека е очекуваат и е потребен поголем фидбек за спроведената работа од претставниците на граѓанските организации кои се членови на секторските работни групи.
Блажен Малески, Истражувач, Реактор – Истражување во акција, ги презентираше наодите од Извештајот во сенка од следењето на работата и ефектите на секторската работна група за образование, вработување и социјална политика при што напомена дека СРГ е солидно поставена и има база на добри практики кои можат да се искористат за понатамошно развивање на секторскиот пристап. Имено, граѓанските организации имаат свој простор да дадат придонес, иако во мониторираниот период тоа беше отежнато со оглед на кратките рокови за доставување на самите документи. Дополнително, двете министерства надлежни за оваа секторска работна група (МОН и МТСП) можат да размислат за искористување на овој форум за поширок број на политики со оглед на тоа што во мониторираниот период политиките се сведуваа на оние кои се поврзани со искористувањето на ИПА средствата и координацијата со меѓународните донатори. Родовиот аспект беше дел од тие политики, но и тука има простор за понатамошно надоградување, особено во аспектот на образование. Оттаму, добрите практики треба да продолжат да се надоградуваат, граѓанските организации да станат поактивен чинител во овој вид на форум и да се надогради секторскиот пристап во насока на консултирање на што повеќе политики, уште од самиот почеток на креирање.
Оваа конференција е дел на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, кој го координира и имплементира Фондацијата Отворено општество – Македонија, со партнерите Реактор – Истражување во акција, Евротинк – Центар за европски стратегии и Центар за граѓански комуникации.
Видеото од настанот можете да го погледнете на следниов линк.
Извештајот во сенка од следењето на работата и ефектите на секторската работна група за образование, вработување и социјална политика можете да преземете на следниов линк.
—————————————————
10 декември 2020