На 30 септември 2021, се одржа завршната конференција на проектот “Пристап до правда за најмаргинализираните” во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерските организации Станица ПЕТ и ХОПС. Проектот беше финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија беше имплементиран во периодот од јануари 2020 до октомври 2021 година.
Воведни обраќања на настанот имаа г-н Фрик Јанмат, Раководител на одделението за економски развој, владеење на правото и јавна администрација при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, г-н Бојан Маричиќ, Министер за правда на Република Северна Македонија и г-а Фани Каранфилова–Пановска, Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија
ФРИК ЈАНМАТ нагласи дека пандемијата со КОВИД-19 го направи овој проект уште порелевантен нагласувајќи ги потребите за пристап до правда за најмаргинализираните кои беа диспропорционално повеќе погодени од здравствена криза. Пристапот до правда е еден од најважните елементи на владеењето на правото, е основно право и е начин како да се пристапи до други темелни права. Затоа и пристапот до правда е важен елемент кој се разгледува во процесот на пристапување кон ЕУ. Врзано со бесплатната правна помош Јанмат нагласи дека Законот сам по себе е првиот чекор, кој е особено важен и ќе обезбеди ефикасна правна помош за граѓаните, но секако имплементацијата мора да следи како и мониторингот, како би се можело да се измери импактот кој ќе го има истиот. Тој посочи дека иако сѐ уште се среќаваме со предизвици, силна заложба од страна на институциите како и на граѓанското општество, ќе биде неопходна за да се одржува и надградува системот за пристап до правда за најмаргинализираните.
БОЈАН МАРИЧИЌ истакна дека правдата не е вистинска, доколку не е достапна за сите подеднакво. „Затоа минатата година судските такси беа намалени за осум пати, а од Октомври 2019 во сила е и бесплатната правна помош со што се предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош за најранливите“. Со тоа, граѓаните кои се во незавидна финансиска положба, можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни канцеларии и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на Министерството. „ Минатата година преку подрачните канцеларии вкупно 2727 лица добиле примарна правна помош и тоа говори за потребноста на оваа мерка.“ нагласи Министерот.
ФАНИ КАРАНФИЛОВА–ПАНОВСКА посочи дека проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ претставува континуитет на заложбите на Фондацијата Отворено општество – Македонија за унапредување на пристапот до правда за маргинализираните заедници, кои се во фокусот на работата на ФООМ години наназад. Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 покажа и колку е важна и неопходна правната и параправната помош за граѓаните, а особено за најмаргинализираните. Во рамки на проектот беа обезбедени повеќе од 5.000 услуги за најранливите граѓани – оние кои ги изгубија работните места да ги остварат правата, граѓаните кои се соочија со дискриминација и системско кршење на човековите права, на жртвите на семејно насилство, како и на граѓаните кои имаа потреба од остварување на социјалните, имотните и други права. Фондацијата Отворено општество – Македонија и понатаму ќе продолжи со поддршка за пристап до правдата и правно зајакнување на најмаргинализираните заедници., истакна Каранфилова-Пановска.
На завршната конференција беа презентирани постигнатите резултати на проектот и најчестите прекршувања на човековите права во време на пандемија, а и се разговараше за Законот за Бесплатна правна помош и Целта за одржлив развој 16.3 на национално ниво.
Извештајот за примената на Законот за бесплатна правна помош можете да го прочитате на следниот линк https://bit.ly/3kuevfR.
—————————————————
30 септември 2021