По повод одбележувањето на Светскиот ден на социјалната правда – 20 февруари, Фондацијата Отворено општество – Македонија и ЛАГ Агро Лидер во Прилеп одржаа тркалезна маса на тема „Еднаквост и социјална правда“.
Овој ден е посветен на борбата против сиромаштијата, невработеноста и нееднаквоста. Генералното собрание на Обединетите нации на 26 ноември 2007 година го одреди 20 февруари како Ден на социјалната правда, кој почна да се одбележува од 2009 година.
Целта на одбележувањето на овој ден е промовирање на солидарноста, еднаквоста и рамноправноста, како во рамките на државите така и помеѓу земјите.
На овој настан, како претставник на Фондацијата Отворено општество – Македонија, учествуваше Кире Миловски. Во својот говор, тој ги потенцираше глобалните и европските стратешки приоритети на Фондациите Отворено општество во насока на придонес во демократскиот и економскиот развој, владеењето на правото, правичноста и еднаквоста и слободата на критичката мисла. Во оваа насока и Фондацијата Отворено општество – Македонија останува посветена на унапредувањето на економската и социјална правда. Македонското општество се уште се карактеризира со неурамнотежен развој или дисбаланс на повеќе нивоа и токму тие разлики и таа поделеност отсекогаш била основен фокус во работењето на Фондацијата, односно главна одредница на чие исполнување се работеше во изминатите години и ќе се работи и во иднина, за да се помогне оваа неурамнотеженост да се избалансира најмногу кога станува збор за економско-социјалната нерамноправност на граѓаните. Тука пред сѐ, борбата е насочена кон нерамноправноста во пристапот до образование и пристапот до здравствени услуги. ФООМ работи со заедниците кои се економско и социјално депресирани и на кои им треба повеќе помош отколку на кој било друг. Токму затоа во фокусот се Ромите, жените, децата и останатите маргинализирани групи од аспект на пристапот до основните услуги поврзани со основните човекови права.
Кире Миловски се осврна и на поддршката која Фондацијата ја обезбеди за ЛАГ Агро Лидер за имплементација на проектот „Социјална правда во руралните заедници“. Основна цел на овој проект е подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини преку зајакнување на дигиталните и претприемничките вештини за градење на економски, одржливи земјоделски фарми и рурални бизниси, воспоставување на пристап до правна и советодавна поддршка и креирање на јавни политики за обезбедување на социјална правда. Во периодот што следува ќе се направи надоградување на платформата „домашно.мк“ со дигитален простор каде ќе се објавуваат програми за поддршка на земјоделството и руралниот развој, и ќе биде понудена бесплатна советодавна поддршка за користење на финансиски средства од постојните програми. Оваа платформа беше креирана преку претходна проектна поддршка од ФООМ на Лаг Агро Лидер.
Марина Тошеска од Лаг Агро Лидер сподели податоци за сиромаштијата во нашата држава, за се поголемиот „јаз“ помеѓу урбаните и руралните заедници во поглед на пристапот до основни права и ресурси, нееднаквостите и општествената маргинализираност, насочувајќи се особено кон положбата и предизвиците на руралните жени (жените – земјоделки) и младите од руралните средини. Лаг Агро Лидер со поддршка на донатори спроведува иницијативи за борба против нееднаквоста, дискриминацијата и невработеноста преку поддршка на жени и млади (Домашно.мк; услуги за поддршка за вработување до млади; и др.), но сепак неопходни се конзистентни социјални политики кои ќе ги исполнат суштинските цели на социјалната правда како пристапот до ресурси, рамноправноста, учеството и почитувањето на човековите права.
Аташето на Австриското министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи г-дин Харалд Фугер го презентираше Европскиот социјален модел како концепт кој опфаќа комбинација на социјални, економски и политики за вработување кои имаат за цел социјална кохезија. Европскиот социјален модел е визија на општеството што комбинира одржлив економски раст со постојано подобрување на условите за живеење и работа, што подразбира вработување, квалитетни работни места, еднакви можности, социјална заштита за сите, социјална инклузија, и вклучување на граѓаните во одлучувањето.
За социјалните реформи согласно националното законодавство кои се насочени кон искоренување на сиромаштијата, промовирање на еднаквост и поддршка за деца, млади и стари лица говореше Дејан Тошески, директор на ЈУМЦСР Прилеп.
Целта на овој настан беше промовирање на концептот на социјална правда преку актуелизирање на потребата за суштинска борба против сиромаштијата, нееднаквоста, невработеноста и општествената маргинализираност, потенцирајќи дека достоинството на секој граѓанин и потрагата по општото добро на сите се темелните принципи кон кои се стреми социјалната правда во една социјална држава, и истовремено неопходно е да се промовира социјалната правда преку создавање на еднакви права и можности за сите чинители во едно општество.
—————————————————
21 февруари 2022