Проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите„ беше презентиран пред Советот за соработка со и развој на граѓанското општество. За таа цел беа претставени сите цели и активности со кои проектот ќе придонесе кон суштинско и структурно учество на граѓанското општество кое ги одразува ставовите на граѓаните за клучните секторски реформи во процесот на пристапување кон ЕУ.
Проектот во текот на неговата имплементација, треба да придонесе кон зголемување на достапноста на информации; поддршка на учеството во процесите на креирање јавни политики врзани со пристапувањето кон ЕУ; зајакнување на институционални механизми за консултации меѓу Владата и граѓанското општество заради зголемување на влијанието на граѓанското општество врз секторските реформи во процесот на пристапување кон ЕУ.
На оваа средба, беше презентирана и можноста за соработка со Советот за соработка со и за развој на граѓанското општество преку јакнење на транспарентноста и отчетноста на членовите со активностите и алатките од проектот. Истовремено беа презентирани и идните активности кои ќе му овозможат на Советот поголемо учество и придонес од други граѓански организации во нивната работа на соодветните актуелни теми.
Членовите на Советот ја поздравија идејата за отпочнување на проектот и ја најавија својата отвореност за соработка и соодветна имплементација на проектните активности, а со цел промоција на нивната посветеност за развој на граѓанското општество и соработка со државните институции при процесот на пристапување на земјата кон ЕУ.
—————————————————
12 јуни 2019